петок, 26 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Ковачевски: Ветуваме повисоки плати и пензии како и поволности за нашите млади

„На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди нашата држава. Дали ќе продолжи цврсто да гази по европскиот пат или сите заедно повторно ќе станеме заложници на авторитарна држава водена од белата криминална палата“, рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот митинг во Радовиш на Коалицијата за европска иднина.

Објавено на

часот

Сподели

Додаде дека  имало пропусти во нивната работа во изминатите тешки седум години.

„Знам дека граѓаните се незадоволни од инфлацијата, од борбата против корупцијата, од самоволието на одредени политичари членови на нашата коалиција кои од партиска и етничка припадност направија своја лична професија и со тоа го рушеа угледот на Владата. Казната за тоа стигна на 24 април, казна што јас и моите другари од СДСМ и Коалицијата за европска иднина ја прифативме достоинствено и без негодување, бидејќи граѓаните имаат право да испратат силна порака и тоа го направија. Но, апелирам и повикувам секој од вас убаво да раззмисли како ќе гласа на 8 мај“, истакна Ковачевски.

Според него основните цели на нивната програма се брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ, бидејќи само така можело да се обезбеди многу повисок животен стандард за граѓаните, многу поефикасна борба со корупцијата и криминалот и многу подобро образование и здравство.

„Затоа ветуваме повисоки плати и пензии, многу поволности за нашите млади кои ќе имаат поддршка во своите средношколски и факултетски денови. Ветуваме и ќе оствариме поддршка од 1,35 милијарди евра за земјоделците. Радовиш е земјоделски крај, вреден крај и знам дека тука има вредни тутунари кои ќе се сетат дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ цената на еден киограм тутун беше 100 до 150 денари, а денес цената е 450 денари, четири пати поголема сума. Така се вреднува трудот на земјоделците“, посочи Ковачевски.

Тој смета дека десничарска Влада на чело со ВМРО ДПМНЕ може лесно да ги наруши меѓуетничките односи во државата.

„Во предизборната кампања Мицкоски и Сиљановска Давкова наместо во натпревар на идеи и проекти ја поретворија во националистички скандирања и препукувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испратете им јасна порака и на Ахмети и на Мицкоски и на Силјановска Давкова, и на едните и на другите, дека ниту еден граѓанин не сака повеќе да се враќа 20 години назад, дека не сакаме повторно да се распалуваат меѓуетничките тензии, Испратете им ја оваа порака на 8 мај, зашто само така ќе им покажеме дека Македонија има прогресивни и умни луѓе, кои сакаат европска иднина,а не враќање во минатото на конфликти и војни и спасување на кариерите на Али Ахмети и Христијан Мицкоски и Сиљановска Давкова“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ