недела, 27 октомври 2024

Ковачевски: Со почитување на различните јазици потврдуваме дека сме функционално мултиетничко општество

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја, ден на кој се поставија темелите на албанската писменост. На Конгресот на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека единствената жена на конгресот, Парашќеви Ќиријази подоцна во 1909 година ќе напише и буквар на албанската азбука.

Ковачевски рече дека на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици, вери и култури. Луѓето, вели премиерот, зборувале различно, но се разбирале бидејќи ги поврзувале толеранцијата, почитта, љубовта кон другиот.

Тој потенцира дека една од најважните препознатливи карактеристики на Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, што нè прави единствени.

Според Ковачевски, почитувањето на различностите е предуслов за градење на демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.

„И, затоа, презедовме низа мерки во насока на поддршка и сочувување на мајчиниот јазик преку основање на институции за промоција на мајчиниот јазик, преку овозможување за негово учење уште во основното образование зошто тој мора да се негува, а ќе се негува ако се зборува“, нагласи Ковачевски.

Потенцирајќи дека албанскиот јазик не е негов мајчин јазик, премиерот рече дека сепак, одлично се разбира со Албанците, бидејќи, како што нагласи,  „тоа е мојот братски јазик“.

Тој акцентира дека мораме да продолжиме да ги негуваме европските, цивилизациските вредности, да бидеме обединети во различностите.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, истакна дека 115-тата годишнина од Конгресот во Битола – е клучен момент во историјата на албанскиот народ, кој ги поставил темелите за стандардизација на албанскиот јазик.

Со години наназад, како држава, наведе, во континуитет, потврдуваме дека ги препознаваме и вреднуваме различните јазични и културни идентитети и во таа смисла сме редок позитивен пример на целиот Европски континент. Тоа, потенцираше, не значи дека на тој пат сите дилеми и предизвици се расчистени или дека меѓуетничката толеранција и почитта кон поинаквите од нас е дефинитивно научена лекција.

„Меѓутоа, неспорен факт е дека македонскиот модел на мултикултурна коегзистенција ги инхибира потенцијалните тенденции за внатрешно раслојување и поделби што, според моето длабоко уверување ќе придонесе наредниве години и македонскиот и албанскиот јазик, после долго патување, да станат дел од заедничкиот европски јазичен простор во рамките на Европската унија. Во тој контекст, не смееме да ги игнорираме или потцениме предизвиците, но немаме ниту една причина да не ги потенцираме и славиме успесите кои ја имаат обликувано еволуција на македонскиот и албанскиот јазик“, наведе претседателот.

Претседателот порача дека мултикултурализмот е драгоцено богатство и во историски и во современи контексти. Акцентот на јазичната, културната и етничката разновидност, посочи, ја нагласува важноста од поттикнување на инклузивност, разбирање и соработка во сите сфери од нашето заедничко живеење и работење.

-Државите не се распаѓаат заради јазичниот плурализам, најмалку заради зголемувањето на квантумот на јазични права на било која етничка заедница. Државите назадуваат, ако не го користат потенцијалот на секој свој граѓанин, а секој од нас во своите животни и професионални битки влегува со она што го носи во себе – своите знаења и вештини, своето искуство и својата совест. Но, во сите животни битки влегуваме пред се, со нашето име и идентитет. А тие се потпираат врз нашиот мајчин јазик“, рече Пендаровски. 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на 115 годишнината од кодификацијата на албанскиот јазик, упати честитка во која се вели дека на овој ден, албанските интелектуалци и мислители ја унифицирале албанската азбука, а со која го поставиле темелот на културниот и духовниот идентитет на Албанците.

„Јазикот е душата на еден народ, но писмото е неговиот идентитет. Треба да сме горди што нашите вредности се европски, кои нѐ обединуваат во различностите и со кои градиме европска држава“, порача министерката за култура. 

Таа додава дека историјата и духовното наследство на Албанците се негуваат и преку Музејот на албанската азбука каде се чува богатото наследство значајно за уедначувањето на азбуката на албанскиот јазик.

Во Собранието денеска беше доделена и државната награда „22 Ноември“, чии добитници годинава се проф-д-р Агим Винца и писателот Амет Селмани. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ