недела, 19 мај 2024
Парламентарни избори 2024

Ковачевски: Само СДСМ е социјалдемократска опција

На 8 мај постои само една социјалдемократска опција, само една лева и прогресивна опција која се вика СДСМ. Ако досега не беше јасно, сега се разјасни и дилемата која можеби дел од вас и ја имавте и сакам да му се заблагодарам на политичкиот субјект ЗНАМ и на нивниот претседател што ја разјаснија дилемата и што застанаа и јавно со ВМРО-ДПМНЕ рака под рака во поддршка на Гордана Силјановска Давкова. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски синоќа на митинг во Струмица.

Објавено на

часот

Сподели

„Ете така паднаа и тие маски кои ги носеа до вчера“, рече Ковачевски и додаде дека  „ЗНАМ е создадена единствено за лична корист и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ“.

„На истиот начин како што беше направен и политичкиот субјект НСДП во 2006 година и политичкиот субјект Демократска алтернатива во 1998 година. Последниве два што ги спомнав, едниот не постои, а другиот е минорен коалиционен партнер на СДСМ, бидејќи на крајот сите се враќаат таму од каде што потекнале, затоа што предавникот не што не го сакаат дома, предавникот најмалку го сакаат таму каде што отишол да предаде. И затоа ви кажувам ќе ги гледате овие од ЗНАМ кога ќе ги стават во последна клупа во Собрание после 8 мај и со наведнати глави, не што ние нема да им правиме муабет, овие од ВМРО помалку ќе им прават муабет“, рече Ковачевски.

Додаде дека во изминатите години сите лаги на ВМРО ДПМНЕ паѓале во вода. Тој се повика на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел кој јасно порачал земјите кандидати за членство да бидат подготвени за прием до 2030 година.

„До 2030 година ќе ги гледате Црна Гора и други држави како седнуваат на своите столчиња во Брисел, а нашето повторно со ВМРО на власт ќе остане празно. И за тоа ќе ги обвинуваат граѓаните внатре, ќе ги обвинуваат соседите надвор и на крај ќе им биде виновна и самата ЕУ, како што им беше виновна од 2006 до 2017 година“, рече Ковачевски.

Граѓаните кога ќе излезат на избори на 8 мај, како што рече, мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна закана, бидејќи ако десничарска партија како ВМРО добие преголема институционална моќ со сите државни ресурси на располагање, многу е веројатно дека ќе се соочиме со крај не само на нашата европска, туку и на нашата демократска перспектива.

„Се работи за иднината на државата, се работи за тоа што ние треба да им испорачаме на граѓаните. И затоа подадената рака за напредок на државата на патот кон ЕУ значи вклученост на сите граѓани, наместо дневен и тотално непотребен национализам. Ттоа ни е потребно за да може да размислуваме мирно за тоа какво општество сакаме да градиме“, посочи претседателот на СДСМ.

Додаде дека во изминатите седум години, Владата предводена од СДСМ донела тешки, но значајни одлуки. Правевме и грешки, но факт е дека СДСМ е секогаш рамо до рамо со граѓаните и никогаш не сме се откажале од Македонија во која владеат принципите на солидарност, еднаквост и инклузивност, рече Ковачевски.

„Кога се смени власта во градот Скопје и кога дојдоа ВМРО – ДПМНЕ со нивната градоначалничка, Скопје беше под сериозна закана да остане без парно среде зима. Преземавме конкретни чекори и Владата го надмина тој проблем. Кога се зголемија трошоците на живот во екот на економската криза, со брза и одлучна реакција, за полесно справување со кризата, успеавме да ги зголемиме и платите и пензиите и другите социјални трансфери. Тие одлуки не беа лесни, но ние не се откажавм“, нагласи лидерот на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ