четврток, 23 мај 2024

Ковачевски, Рама и Вучиќ се договорија на еден ден да ги отворат меѓусебните граници

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски на заедничката прес-конференција во Бардолино со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, појасни дека целта е да се види како изгледа тоа да се преминуваат границите како да ги нема.

Српскиот претседател Вучиќ потврди дека на иницијатива на Ковачевски ќе биде одреден еден ден кога ќе бидат отворени границите меѓу трите земји за да се покаже како тоа ќе функционира.

Прмиерто Ковачевски ја оцени денешната трилатерална средба посветена на Отворен Балкан како многу плодна и потенцира дека го споделил календарот со активности кои Македонија ќе ги организира годинава во рамки на иницијативата, а вклучуваат и средба на мали производители на храна од трите земји и аеромитинг во Скопје.

„Отворен Балкан“ се базира на добра волја и на добрите односи на трите земји основачи – Северна Македонија, Албанија и Србија и тоа не е политичка, туку економска иницијатива која е поставена на истите основи на кои се базира и ЕУ за слободен проток на луѓе и економска соработка, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Обраќајќи се на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по нивната трилатералната средба во местото Бардолино во близина на италијанскиот град Верона, каде се одржува саемот за вино „ВинИтали“, Ковачевски нагласи дека тоа што трите земји заедно се претставуваат на оваа саемска манифестација е доказ дека „Отворен Балкан“ дава резултати.

Премиерот нагласи дека овој Саем преставува можност за винариите од регинот за промоција на своите производи, но и за привлекување на инвеститори, додавајќи дека винскиот сектор е посебно важен за земјава која е втор извозник на вино на Балканот по Грција.

Тој потенцира дека придобивките од „Отворен Балкан“ се видливи и во порастот на трговската размена меѓу трите земји, но како што нагласи, за нејзино понатамошно зголемување, потребно е отстранување на границите.

Не ни требаат тие граници затоа што не спречуваат да извезуваме меѓу себе, порача Ковачевски, нагласувајќи дека во моментов единствени граници во Европа се оние на Балканот.

Ковачевски потенцира дека заедничката соработка во рамките на „Отворениот Балкан“ дава резултатите и за луѓето и за бизнисите од трите земји. Ако сме заедно, ќе бидеме појаки, потенцира Ковачевски.

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека тројцата лидери имале плодоносни разговори за прашањата што ги засегаат земјите од регионот, како и за тоа како да им се помогне на обичните луѓе и да се овозможи слободен проток на трговијата.

Вучиќ истакна дека разговарале и за безбедноста на храната, а со премиерот Ковачевски и за усогласување на електронските картички, што, како што нагласи, е од особена важност за граѓаните за обезбедување на работни дозволи, како основа на меѓусебната економска соработка. Во послените три години ја зголемивме трговската размена со Северна Македонија за речиси 50 отсто, нагласи Вучиќ.

Тој додаде дека трите земји мора да работат на олеснување на прекуграничниот транзит, потенцирајќи дека 70 отсто од времето за транспорт камионите го минуваат во чекање на граничните премини.

Вучиќ воедно ги повика граѓаните на Македонија и Албанија да ја посетат Србија, но и Србите да одат во двете соседни земји.

Албанскиот премиер Рама истакна дека средбата на маргините на една од најголемите вински манифестации во Европа, винскиот саем во Верона, била можност да разговараат за соработката во сферата на земјоделството и за поврзување на производителите на храна од трите земји.

Рама најави дека следната средба на тројцата лидери ќе се одржи на крајот на мај, на која ќе стане збор за повеќе теми, а пред се за проблемот со недостиг на работна сила, по што во Албанија ќе се организира и Саем во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Албанскиот премиер најави и одржување на детски летен камп, на кој, како што рече, децата ќе може да се дружат и да се запознаваат едни со други.

„Важно е да работиме и на стратешко зајакнување на врските со ЕУ. Но, нема да бараме вештачко забрзување на процесот на преговори. Има некои работи што мора да ги оствариме кога станува збор за стандадите“, рече Рама, најавувајќи поддршка за сите земји од регионот за зачленување во Европската Унија.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разговарало за имплементација на активностите во рамките на регионалната иницијатива Отворен Балкан, како и заедничкото учество на меѓународниот саем за вино „Винитали“, кој годинава се одржува по 55-ти пат.

Тројцата лидери констатирале дека со заедничкото претставување на саемот „Винитали“, еден од винските саеми со највисок квалитет на глобално ниво, го носиме и промовираме винскиот и туристичкиот квалитет на трите земји поблиску до светската публика и потенцијалните инвеститори.

„Констатирано е дека на заедничкиот Отворен Балкан штанд, македонските, српските и албанските винарии и вина стојат рамо до рамо со светските врвни производители. На заедничкиот настап на трите земји на саемот за вино „Винитали“ се гледа како огромна можност за промоција, вмрежување, привлекување на странски инвеститори и отварање нови пазари“, се наведува во соопштението.

На средбата, беше потенцирано дека од летово можноста за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните од трите земји станува реалност, а правото на пристап до пазарите на труд во трите држави ќе се стекнува многу побрзо и поедноставно, со електронско издавање на Отворен Балкан идентификациски број и издаден единствен матичен број за странец од Министерство за внатрешни работи, по извршените соодветни проверки.

Со стартот на реализација на овие договори, на лицата кои ќе добијат Отворен Балкан“ идентификациски број им се овозможува непречен престој од две години во кој период имаат право да најдат работа.

На состанокот, исто така, е нагласено олеснувањето и забрзувањето на протокот на стоки и подобрувањето на трговската размена меѓу трите земји со воведувањето на зелените ленти на граничните премини.

„Беше поздравено и нагласено потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Северна Македонија и Србија за граничниот премин Табановце, со којшто се предвидува инфраструктурно проширување на бројот на сообраќајните ленти на преминот Табановце – Прешево, поставување или подобрување на сообраќајните сигнали, како и дополнителна инфраструктурна опрема на овој премин, како и воспоставување нови процедури за гранична проверка за забрзано преминување на патниците и возилата на граничниот премин. Исто така, во врска со граничниот премин на Северна Македонија со Албанија, Ќафасан, беше истакнато дека се формирани работни групи кои почнуваат да работат на наоѓање решенија за целосна функционалност на Оne Stop Shop“, се наведува во соопштението од средбата.

На состанокот се разговарало и за можни идни активности како Отворен Балкан – младински камп, саем за храна, филмски фестивал, но и можноста за отворање на границите меѓу трите земји.

„На состанокот беа договорени конкретни следни чекори за имплементирање на придобивките од Отворен Балкан односно патоказ со конкретни проекти кои би се реализирале во наредниот период, а од кои ќе имаат придобивки економиите на трите земји“, се додава во соопштението.

Пo прес-конференцијата Ковачевски, Вучиќ и Рама заминаа на презентација на вина од трите земји на заедничкиот штанд „Wine vision by Open Balkan“ („Винска визија на Отворен Балкан“) на саемот „ВинИтали“, а во придружба на италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани ќе посетат и некои од штандовите на италијанските производители на вина кои се претставени на саемот по региони.

Македонија на овогодинешниот Саем на вино и алкохолни пијалоци во Верона е претставена со над 60 видови најквалитетно македонско вино, со присуство на 14 и тројца врвни сомелиери од земјава.

Минатата година на саемот „ВинИтали“ учествуваа над 4.500 излагачи од целиот свет, со повеќе од 15.000 вински етикети од повеќе од 40 земји. Саемската манифестација ја посетија преку 100.000 љубители на вино и претставници на деловната заедница, од кои над 25.000 купувачи, дистрибутери и увозници од 139 земји. Оваа година организаторите очекуваат рекорден број на учесници на Саемот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ