сабота, 27 јули 2024

Ковачевски пак ги нападна новинарите, реакција на ЗНМ и на ВМРО-ДПМНЕ

Партиските лидери мора да знаат дека вакви изјави можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период. Повторно укажуваме дека доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на конкретни медиуми или пак новинари, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации на партиски собири или јавно, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела, порачуваат од Здружението на новинарите на Македонија по изјавите на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на партиска трибина.

Објавено на

часот

Сподели

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради изјавите на Димитар Ковачевски, кои создаваат непотребни тензии кон новинарите, особено во предизборен период. Негативниот и агресивен политички говор кон новинарите ги зголемува ризиците од напади кон новинари, а воедно и го нарушува правото на граѓаните да бидат правилно информирани.

Според ЗНМ, на партиска трибина одржана на 19 февруари Ковачевски се служеше со непристоен говор кон новинари, притоа ставајќи ги сите медиумски професионалци во ист кош, и меѓу другото кажа: „Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е… И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале“.

ЗБМ потсетува дека во соработка со ОДИХР веќе функционира Координативното тело за следење на почитувањето на Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси. Координативното тело ќе постапува по претставки во врска со евентуални прекршувања на Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и другите субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми. Секој може да поднесе претставка на [email protected], а претставките може да се однесуваат за ширење дезинформации (неточни, нецелосни или злонамерни информации), говор на омраза, и дискриминација по која било основа, непочитување на правилата и стандардите за заштита на личните податоци, како и за други форми на неетичко однесување на интернет, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Вчера реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. „Изразуваме најостра осуда и згрозеност од изјавите на Ковачевски за медиумите кои комплетно можат да се дефинираат како најава за цензура и закани за сите медиуми во Македонија. Кога Ковачевски им упатува порака на медиумите дека повторно ‘ќе квицкаат по подруми’ е незапаметен атак врз слободата на медиумите“, изјави Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Лефков притоа ја цитираше изјавата на Ковачевски: „Национални телевизии во најголем број веќе не потсетуваат како изгледа 2006 година така и овие не потсетија, и затоа од тука сакам да им порачам: Џабе фатиле страна, пак ќе квицкаат по некој подруми. Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија, а они самите се продале, они уште сега се продаваат, пошто вика биткоин се купува кога е најевтин и затоа сега таму се тргнати и ова мора да го кажам, па утре нека се лутат, ќе пушти ЗНМ ќе се јават да се извиниме, ќе се извиниме“.

Лефков потоа потсети и на малку постари изјави на Ковачвески, во кои тој, од позиција на претседател на Владата го правдаше Ахмети кој нападна две национални телевизии:

„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, Мелма тоа се тие“, кажа тогаш Али Ахмети, на што Ковачевски се надоврза и го поддржа: „Во државата има медиум, чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика на компанија која што тргува со енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“.

„Димитар Ковачевски упатува директни закани кон медиумите и новинарите. Неговите закани се со цел да се заплашат новинарите и да влијае на нивното известување. Воедно ја повикуваме и Делегацијата на ЕУ, сите меѓународни организации и претставници на меѓународната заедница да реагираат на ваквиот чин, затоа што ВМРО-ДПМНЕ вистински се грижи за слободата на изразување, слободата на говор и слободата на медиумите, а ваквите показатели не сакаме да бидат нотирани во идниот Извештај на ЕК само затоа што еден неумесен политичар во заминување решил да го руши реномето на Македонија“, рече Лефков.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ