понеделник, 20 мај 2024
Парламентарни избори 2024

Ковачевски од Гостивар порача дека нема откажување

„СДСМ е силна партија и ако некој мисли дека туку така ќе се откажеме тогаш или не не познава или не потценува. Нашата историска традиција и нашиот пркос, но и нашата одлучност за евроатлантска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние не се откажуваме и нема да се откажеме“, порача лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски од вечерашниот митинг во Гостивар.

Објавено на

часот

Сподели

„Ви порачувам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од своите вредности. СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи. Се согласувам дека грешките повеќе ги паметиме. Знам дека ниту на вас граѓаните не ви беше лесно во последните години. Но, ние во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза. Затоа вечерва барам вие да не се откажете од нас“, рече Ковачевски.

Нагласи дека заедно со граѓаните успеале да го срушат режимот на ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, да ја ослободиме државата од канџите на ВМРО после 11 години изолација.

„Со ваша поддршка ја внесовме Македонија во НАТО и донесовме тешки одлуки по 30 години да отпочнеме преговори со ЕУ. И СДСМ е единствената политичка сила која знае како да го направи тоа. Затоа бидете сигурни дека заедно со граѓаните со гордо крената глава на 8 мај повторно ќе излеземе на избори и повторно ќе кажеме – да, ние сме тие кои сме за прогресивна, напредна европска Македонија“, посочи Ковачевски.

Во средата на првиот круг од претседателските избори, додаде, граѓаните ни испратија силна порака.

„Таа порака ја слушнавме, ја прифаќаме одговорноста и свесен сум и јас, но треба да биде свесен секој член на СДСМ, секој функционер кој ја претставувал партијата во изминатите седум години дека е ова оценка за сите. Ова е оценка за однесувањето на сите, ова е оценка за тоа како работеле и ова е оценка за тоа како се однесувале и кон своите соседи и кон своите пријатели и кон пошироката јавност,… Нас ни е совршено јасно дека партијата треба да се менува за да ја вратиме довербата на граѓаните. Како човек кој во животот и во кариерата се соочил со многу победи и со порази, добро знам дека првиот чекор кон промена е прифаќање на сопствените грешки“, истакна Ковачевски.

Изборите на 8 мај, потенцира, ќе бидат многу тешки за сите.

„Но, ние сме ја имале вашата поддршка и кога било најтешко и ве потсетувам дека резултатот се уште не е одлучен. Порешителни и пообединети од кога било ќе продолжиме да се бориме и да ја оствариме нашата заложба да ја видиме Македонија во ЕУ“, потенцира Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ