сабота, 27 јули 2024

Ковачевски-Нехамер: Австрија е најголем странски инвеститор во Македонија

Објавено на

часот

Сподели

„Значи едно од двата најголеми телекомуникациски оператори во нашата држава е Телеком Австрија групацијата, во којашто и јас поминав дел од мојата професионална кариера. Втор во банкарскиот сектор едно до најголемите банки после извршената консолидација е „Шпаркасе“ банка која има значајно учество во стабилноста и во монетарната политика, односно стабилноста на монетарната политика во нашата држава, и секако во време на енергетска криза исклучително значајна беше улогата на ЕВН, којшто е на наш практично најголем дистрибутер на електрична енергија и благодарение на којашто соработка можевме да имаме непречено снабдување со електрична енергија во текот на сите зимски месеци“, изјави Ковачевски.

Според него, добрите дипломатски односи и одличното разбирање на Австрија на регионот е историски факт и влијае на размената на знаења помеѓу двете држави. Македонски студенти се школуваат на австриски универзитети и се враќаат во државата како менаџери или како експерти. Претседателот на Владата најави дека утре ќе одржи предавање на престижниот Институт за меѓународни односи.

„Нашиот амбасадор што е сега во Австрија практично има завршено на истиот институт, и секако дека знаењето кое го добиваме од Австрија како познат образовен и научен центар во светот исто така има значење“, кажа премиерот.

Тој оцени дека соработката со Австрија е на извонредно ниво и ќе продолжи во иднина.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер вели дека политичарите ќе дадат се од себе да продолжат добрите односи за продлабочување на соработката. Според него, австриските компании во земјава имаат добри можности за раст.

„Северна Македонија има премиер кој многу добро ја познава европската економија, ги познава австриските претпријатија многу добро и во овој поглед претставува мост да се продолжи со економскиот раст на Северна Македонија. Австрија е веќе голем инвеститор во Северна Македонија. ЕВН инвестира, но и А1 телекомуникациската компанија и искуствата од Северна Македонија се крајно позитивни така што сите политичари ќе дадат се од себе да се продолжат ваквите добри односи затоа што и двете страни имаат корист од тоа“, рече Нехамер.

Двајцата соговорници размениле ставови и информации за актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат европските земји, како и последиците од економско-енергетската криза.

Ковачевски го запознал австрискиот канцелар со актуелните внатрешно политички случувања во Македонија, изразил задоволство од тоа како тече скрининг процесот и реформскиот процес во земјата. 

Македонскиот премиер му се заблагодарил на Нехамер за севкупната поддршка од Австрија за процесот на пристапните преговори, како и за силната поддршка која ја добива Македонија како на економски, така и на безбедносен план. Австрија е силен и гласен поддржувач, партнер и застапник за европската интеграција на Македонија, и на земјите од Западниот Балкан, било нагласено на средбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ