„Јас не кажав што е прифатливо, што не е прифатливо, кажав дека прво треба да се формира работи работна група во рамки на Министерството за правда во којашто членуваат експерти и во која веќе се поканети претставници на политичките партии застапени во парламентот и којашто ќе треба врз основа на најдобрите искуства да изработи предлог кој што потоа ќе се стави на расправа. И кажав дека има политички партии кои што зборуваат за еден модел, па има политички партии кои зборуваат за друг модел на амандмани, трети зборуваат за трети. Вие го кажавте хрватскиот модел, една друга политичка партија спомена швајцарски модел, трета излезе да зборува за белгискиот модел. Затоа е потребно да се седне на експертско ниво и да се изработи предлог којшто ќе биде соодветен за македонското општество и за нашите закони, како и за тоа што ние го очекуваме од како идна земја членка на Европската Унија“, рече премиерот Ковачевски.
Тој уште додаде дека е битно да се направат уставни измени за да се отворат кластерите во преговорите со ЕУ и до 2030 година Македонија да стане членка на Унијата „со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура што ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи“.
На уште едно прашање, овојпат од македонски новинар, поврзано со уставните измени и понудата од ВМРО-ДПМНЕ за пресликување на преамбулата на хрватскиот Устав, кое беше упатено до двајцата премиери, Ковачевски повтори дека не се изјаснил ниту за ниту против, но беше категоричен дека лидерска средба нема потреба да се одржи за вакво прашање.
„Имавме лидерска средба во декември на моја иницијатива, на која се разговараше за стратешките прашања, меѓу кои и прашањето за уставни измени со цел продолжување на интеграциските процеси. На таа средба сите лидери на партиите се согласија за потребата од уставни измени, освен еден кој молчеше и двајца кои не дојдоа. Затоа, нема потреба од лидерска средба, уште повеќе затоа што тоа не е институционален формат. Дебата не се води на телевизија, или кога се презентираат канализациски зафати во некоја општина, туку во експертска група каде се дефинираат амандмани, по што следува јавна општествена расправа, а потоа се влегува во собраниска процедура. Верувам дека имаме волја и визија да ги продолжиме преговорите со ЕУ и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Тоа е начинот на кој се водат преговори“, рече Ковачевски.
Хрватскиот премиер Пленковиќ беше значително покус во одговорот на истото прашање:
„Без оглед на тоа каков е уставниот модел на Хрватска, кој тука се споменува, јас би апелирал до македонските партии и институции да најдат решенија адекватни за вашата земја. Во однос на подготвеноста на македонската Влада да се вклучи хрватското малцинство во Уставот ние и тоа како таа намера ја поддржуваме. Тоа е и начинот на унапредување на пријателството меѓу земјите“.
Фото: Влада