сабота, 27 јули 2024

Ковачевски – Мишел: Натамошна силна поддршка од ЕУ за Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Како што информира владината прес-служба, премиерот Ковачевски му се заблагодари на Мишел за неговата силна досегашна поддршка на пристапниот пат на Северна Македонија, притоа истакнувајќи ја решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите до крајот на годинава.

Тој го запозна претседателот на Европскиот совет и со подготвителните активности и формирањето на експертската работна група во Министерството за правда задолжена за подготовка на уставните измени.

Премиерот Ковачевски изрази надеж дека сите политички фактори во земјата кои ја поддржуваат европската интеграција ќе бидат на висина на нивната одговорност и должност кон граѓаните и ќе придонесат во обезбедување европска иднина за земјата.

Претседателот на Европскиот Совет, Мишел, како што се наведува во соопштението, ја нагласи поддршката на Европската Унија за евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази задоволство од досегашниот одличен тек на процесот на скрининг.

Мишел ги поздрави активностите на Владата во доменот на спроведување на европската агенда и укажа на важноста на реализација на следните чекори, за кои земјата ја има силната поддршка на ЕУ. Во име на ЕУ, претседателот на Европскиот совет уште еднаш упати благодарност до премиерот Ковачевски за одржаниот состанок во Охрид од дијалогот меѓу Србија и Косово, се додава во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ