Лидерот на СДСМ им се заблагодари на сите граѓани за, како што рече, успешниот изборен ден.
„Македонија имаше слободен изборен ден согласно европските стандарди. Му се заблагодарувам на нашиот кандидат и претседател Стево Пендаровски и на поддржувачите за демократскиот и фер пристап кон изборите“, рече на почетокот од прес-конференцијата во штабот на СДСМ, Димитар Ковачевски кој е и носител на листата на коалицијата на СДСМ во Изборната единица 1.
Клучно, како што додаде, во наредниот период ќе биде враќање на СДСМ на победничките патеки.
Ковачевски изрази очекување ВМРО-ДПМНЕ да не биде и натаму партија позната по злоупотреба на моќ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство да не гласаат на претседателските избори, но не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата“, рече претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека граѓаните со право се незадоволни од состојбите и од кризите во изминатите години и дека и тоа придонесе за поразот, како и некои, како што се изрази, внатрешни состојби во партијата, иако, како што нагласи, СДСМ и Владата вложија напори, чесно и посветено да им се помогне на граѓаните.
„Постигнавме многу и времето ќе покаже дека бевме на прав пат. СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е кај ВМРО-ДПМНЕ. Природниот пат кон ЕУ не смее да запре, а во тој случај и безбедносниот ризик ќе биде голем. Нема назад, мора да се оди напред, местото на Македонија е во ЕУ“, рече Ковачевски.
Ковачевски најави внатрешни избори во партијата.
„СДСМ ќе треба добро да погледне внатре во своите редови и да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните четири години, можеби и во последните седум години. И, уште поважно е што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубиме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво почнувајќи од претседателот на партијата, раководството па до претседателите на општинските организации и сите органи и тела партијата“, порача Ковачевски.
Тој се заблагодари на сите членови на СДСМ и на граѓаните за поддршката и слободните и фер избори. На крајот им се заблагодари на сопругата и семејството за поддршката.
Да живее Македонија, рече на крајот од обраќањето лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.