недела, 14 април 2024
Оценки на лидерот на СДСМ

Ковачевски: 99,98 отсто беше поддршката за пратеничките листи во СДСМ

Немаше несогласувања за пратеничките листи во СДСМ, туку тие беа едногласно потврдени на највисоките тела на партијата, а добија  99, 98 отсто поддршка на Конгресот на партијата. Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ демантирајќи ги на тој начин одделните медиумски написи за незадоволство во редовите на СДСМ од изборот на кандидати за пратеници.

Објавено на

часот

Сподели

Ковачевски изјави дека пратеничките листи на коалицијата што ја предводат се креирани и одобрени од највисоките раководства на партијата, како и од страна на органите на партиите кои се дел од коалицијата. Ковачевски рече дека вчера е потпишан коалициски договор со, како што кажа, сите стожерни партии со кои СДСМ соработува, посочувајќи дека се разговара и со некои други организации со кои би потпишале меморандуми за соработка на изборите.

„Пратеничките листи се креирани. Тие се одобрени на конгресот на СДСМ. Знам дека и најголемиот дел од коалициските партнери веќе ги одобрија на своите партиски тела. Има уште некои организации со коишто разговараме за потпишување на меморандуми за соработка или за декларации и кои се базираат исклучиво на вредности, а тоа е интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, зацврстување на улогата на Северна Македонија како значаен член во НАТО и секако унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и унапредување на економскиот развој“, рече Ковачевски и додаде дека тоа се основите врз основа на кои се разговара за соработка.

Ковачевски тврди дека немало несогласувања за пратеничките листи во СДСМ, туку дека тие биле едногласно потврдени на највисоките тела на партијата, како и дека добиле 99, 98 отсто поддршка на Конгресот на партијата.

„Сето тоа потврдува дека не постои никакво незадоволство. Имаше извештај во медиумите, кој беше креиран во еден центар бидејќи ако погледнете во кои медиуми беа лиферувани тогаш ви станува јасно дека се од еден цантер. Беа веднаш демантирани од страна на тие мои партиски другари кои беа споменати“, рече Ковачевски и нагласи дека сите, како што рече, работат заедно за победа на изборите.

За изјавата на претседателот на Достоинство и директор на ЦУК Стојанче Ангелов рече дека тој му има кажано и напишано дека без разлика дали ќе ја напушти коалицијата Ковачевски како претседател на Влада нема да предложи негово разрешување.

„И јас на тоа опстојав. И тоа може тој да го потврди. Мислам дека тоа јавно го потврди. Јас сум имал коректен однос со сите коалициски партнери. Сите тие учествуваа во враќањето на демократијата во државата, учествуваа во враќањето на слободата на медиумите. Немојте да заборавите дека пред седум години Македонија беше заробена држава. Заедно се боревме во пандемијата, во енергетската криза, и заедно обезбедивме членство во НАТО и отпочнување на прегвори со ЕУ“, рече Ковачевски.

Мотивите зошто некој напушта коалиција, вели тој, често пати се од различни причини. Смета дека тоа не се идеолошки, туку други причини, но не би навлегувал во тоа.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ во програмата за парламент со 90 пратеници и реорганизација на Владата, за укинување на балансерот и друго, Ковачевски вели дека сега сите политички партии ќе имаат свои понуди во однос на гласачите.

„Ако зборуваме за уставни измени, ако некој поднел иницијатива за уставни измени тогаш тоа сум јас. Веќе имаме во Собранието иницијатива за уставни измени и која е една од одлуките која треба да ја донесеме за продолжување на патот кон полноправно зачленување во ЕУ“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ, пососчува тој, беа против тоа, како што беа и против членство во НАТО и против ЕУ.

„Сега нема бегање од клучната тема, а тоа е зачленувањето во ЕУ. Клучната одлука е продолжување на европските интеграции и зачленување на земјата во ЕУ“, рече Ковачевски.

За балансерот рече дека во последно време почнал да се злоупотребува и од таа причина треба да се воведат закони и механизми односно решение.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ