„Пратениците од СДСМ и коалицијата поднесоа измени на шест закони – Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за платите на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Судски совет, сите по скратена постапка. Бидејќи Уставниот суд ја укина фиксната основица, ова е единственото уставно решение. Потенцирам пратеници, министри, градоначалници, директори, судии, обвинители, сите избрани и именувани лица или околу 1.060 лица се опфатени со овие законски измени. За нив нема да има зголемување на платите“, рече Костовски.
Додаде дека коефициентите на платите на избраните и именуваните функционери засега остануваат на исто ниво.
„Cо овие измени, остануваме на истите плати, меѓутоа во поглед на тоа да бидеме во согласност со одредбите на Уставот на државата и со сите закони. Во Законот за пратеници во членот 29 став 2 се менува и гласи: коефициентите на платите на пратениците изнесуваат од 3,4 до 3,92, а биле од 3,5 до 4,1. И не случајно почнувам со пратениците, бидејќи не е фер секогаш ние како пратеници да сме на удар на јавноста, а од друга страна станува збор за 120 пратеници, а зголемувањето на избрани и именувани функционери е 1.060. Направено е да не има драстично зголемување, бидејќи пред неколку дена Државниот завод за статистика излезе со проценки за просечната плата во државата и ова ќе значи енормно зголемување околу 15,3 проценти. Ние како одговорни политичари на СДСМ, нема да го дозволиме“, истакна Костовски.
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата очекуваат поддршка од сите пратеници во македонското Собрание.
„Сите да покажеме солидарност и да ги поддржиме овие законски измени, а парите наместо за поголеми плати на функционерите, да завршат кај граѓаните“, рече пратеникот Костовски.