среда, 23 октомври 2024
Отворено писмо на поранешниот градоначалник

Костовски: Оставив започнат проект за трамвај, хигиената во Скопје секогаш била рак-рана

Состојбата во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП) е исклучително сериозна, приватните превозници во Скопје се нужност и грешка на актуелната градоначалничка Данела Арсовска е што ги отстрани нив кои извршуваа помеѓу 10 и 20 отсто од јавниот превоз во градот, вели поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски во отвореното писмо упатно до неговите наследници Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска. Тој ги праша каде е проектот за воведување на трамвај во Скопје што го оставил кога замина од функцијата. За хигиената во Скопје вели дека отсекогаш била рак-рана на градот и за тоа мора да има ригиризни казни.

Објавено на

часот

Сподели

Анализирајќи ја местоположбата и инфраструктурата на градот, Костовски тврди дека за градови како Скопје кои бројат помеѓу 800.000 — 1.000.000 жители со приградските населби јавниот превоз е невозможно да се одвива без алтернативен јавен сообраќај.

„Местоположбата, почвата, подземните води во Скопје се идеални за алтернативен јавен сообраќај, трамвај. Во мојот мандат беше направен идеен проект за изградба на линии за трамвај поделен во 3 фази, при што за првата фаза беше направен веќе финален проект. Првата фаза беше на линија Лисиче-Центар и назад. Беше утврдена траса и утврдена локација за изградба на најмодерно трамвајско депо со 48 композиции. Втората идејна фаза беше на линија Клинички центар-Чаир-Бутел-Гази Баба. Третата фаза беше Центар-Сарај и назад. За отпочнување на првата фаза Центар-Лисиче-Центар во градската каса имав оставено 8 милиони евра, со цел да се отпочне овој проект. Јавноста мора да знае дека овој финален проект за првата фаза од трамвајот, градот го чинеше 1,5 милиони евра, а денес ваков проект би чинел повеќе од 10 милиони евра“, вели Костовски.

Според неговото кажување, Градот Скопје дури и преговарал со Милан Бандиќ, тогашниот градоначалник на главниот град на Хрватска, Загреб за набавка на трамваи со одложени плаќања и компензација со земјоделско-сточарски производи.

„Депото кое требаше да биде изградено во Лисиче очекував да се реализира од страна на фирмата ‘Проектант’ во Сарагоза, Шпанија, која исто така е изведувач на вакви модерни депоа. Овие преговори за трамвајот доведоа и до збратимување на градот Скопје со градот Сарагоза. За жал, на крајот од мојот мандат на отворениот тендер за изградба на првата фаза, најнапред реагираше Антикорупциската комисија предводена од претседателката Мирјана Димовска, тврдејќи дека јас не смеам да распишувам тендер за ваков сериозен финансиски проект, бидејќи сум бил во заминување. Поради ова, на тендерот не се јавија фирми, плашејќи се дека ќе влезат во несериозен проект кој ќе биде оспоруван. Мојот личен став во тој момент и сега е ист, дека јас до последен момент на мојата функција имам право да потпишувам договори, а доколку има сомнеж на криминални сознанија за истите, јас стојам на располагање да одговарам“, вели Костовски во писмото.

Поради ова, Костовски отворено ги прашува неговите наследници Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска каде е проектот за воведување на трамвај во Скопје.

„По моето заминување од функцијата градоначалник, градот има потрошено десет пати повеќе финансиски средства за можниот алтернативен јавен сообраќај како трамвај, надземна железница или некоја нова алтернатива, а резултат нема. Јас оставив финален проект за првата фаза на трамвај. За секој мудар човек ова многу значи“, тврди Костовски.

Што се однесува до хигиената во Скопје, Костовски вели дека таа отсекогаш била рак-рана и наедува од две основни причини.

„Тоа се непостоење на вистински систем за собирање, складирање и преработка на сметот и некултурата на граѓаните во поглед на јавната хигиената за која, меѓу другото, сами сме виновни. За решавање на овој проблем потребни се издржани проекти и сериозни финансиски средства, меѓутоа некултурата на граѓаните треба да биде ставена под сериозни законски казни и едукација“, вели Костовски.

Тој изразува жалење за проблемите на јавните претпријатија Комунална хигиена и ЈСП кои, вели, Градот Скопје не умее да ги води, а се вклучува и централната власт.

„Отворено се прашувам себе си, а и вас, до кога зависта и љубомората ќе владејат со нашите животи? Кога ќе научиме да го практикуваме она што е најкорисно за сите граѓани, независно од која партиска провиниенција доаѓа првиот човек на градот?“, пишува во отвореното писмо поранешниот градоналачник на Скопје, Трифун Костовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ