недела, 20 октомври 2024

Косовските власти уапсиле македонски државјанин, му нашле хероин вреден 150 илјади евра

Косовската полиција соопшти дека вчера уапсила државјанин на Македонија кај кого се пронајдени над шест килограми дрога хероин кој бил наменет за продажба.

Објавено на

часот

Сподели

Во денешното соопштение на полицијата, пренесува дописникот на МИА од Приштина, се наведува дека Дирекцијата за истраги на трговија со наркотици при полицијата во Приштина, во соработка со локалните безбедносни институции, вчера, по интензивна истражна работа на терен, презела оперативни мерки, при што е идентификуван македонски државјанин, кој се сомничи дека поседувал и се подготвувал за продажба на хероин.

Од полицијата велат дека хероинот на осомничениот му го донеле други две лица, кои потоа со автомобил го напуштиле местото на настанот.

Вредноста на запленетиот хероин е околу 150.000 евра.

„По интервенција на косовската полиција, кај пријавениот се пронајдени шест пакувања со сомнителна наркотична супстанца од типот хероин со вкупна тежина од шест килограми и 137 грама, при што вредноста на сомнителната наркотична супстанца која е одземена се проценува на околу 150.000 евра“, соопшти полицијата.

Како материјален доказ се одземени два телефони, автомобил и 4.305 денари.

Осомничениот бил приведен на разговор во присуство на бранител и со решение на државен обвинител одреден му е 48 часовен притвор, додека по другите две лица полицијата трага.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ