сабота, 27 јули 2024

Косовскиот премиер за правата на српското малцинство: Го предлагам хрватскиот модел

Објавено на

часот

Сподели

„Нема нормализација и добрососедски односи без меѓусебно признавање и без сериозна и правична заштита на националните малцинства и во оваа смисла верувам дека моделот што го користи Хрватска, а Србија го прифати, е применлив и на Косово“, изјави вчера вечер Курти по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Средбата се одржа во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кој се води под покровителство на Европската унија. На средбата на двете страни им беше претставен првиот нацрт на статутот на заедницата на општините со српско мнозинство во северно Косово, за што е потпишан договор уште во 2013 година. Тој нацрт го подготви тим Срби од Косово.

Курти рече дека територијалната автономија не е прифатлива бидејќи тоа ќе доведе и до сегрегација меѓу косовските Срби, во зависност од тоа каде живеат. „Некои Срби не можат да бидат поважни од другите Срби, јас сакам решение за сите Срби без разлика каде живеат на Косово“, рече тој.

Договорот за формирање заедница на општини со српско мнозинство е потпишан уште во 2013 година, а Курти вели дека е напишан „на аматерски начин“ и дека не успеал да го помини тестот на Уставниот суд на Косово.

„Некој се потрудил да ја направи таа заедница посилна и од централната влада на Косово. Таа заедница би се занимавала со природни ресурси, патишта, сообраќај – така што некој навистина сакал да создаде нов територијален ентитет на етничка основа, што е неодржливо“, рече Курти.

Зборувајќи за неодамнешните избори во четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите и на кои излегоа само 3,4 отсто од гласачите, Курти рече дека ситуацијата на северот не е нормална, дека луѓето таму се изложени на притисоци и уцени.

Тој ја изнесе и информацијата дека Српска листа, која е под директна контрола на Белград и која по инструкции од Србија повика на бојкот на изборите, има најнизок рејтинг кај гласачите од нејзиното постоење. „Српска листа има поддршка од само 7 отсто од гласачите дури и кога тие би излегле, изборите не би имале легитимитет, а тоа значи дека се потребни нови политички партии и иницијативи“, рече Курти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја обвини косовската влада дека не сака да формира заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, а високиот претставник на ЕУ за надворешна политика вели дека двете страни имаат сосема спротивни ставови за ова.

„Јасно е дека Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред десет години. Денеска стигнавме до ѕид, за нив тоа е неприфатливо и велат дека не сакаат нова Република Српска“, изјави Вучиќ по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, кој се одржа во рамките на дијалогот за нормализација на односите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ