Османи кажа дека „успехот и одржливоста на тие постапки зависат од соработката со сојузниците“.
„Ситуацијата на северот на Косово е голем предизвик, бидејќи според договорот од 2013 година, кој бара отстранување на сите нелегитимни структури, тие во оваа деценија се зајакнати од (претседателот на Србија Александар) Вучиќ, и се претворија во мафијашки групи, кои ги загрозуваат безбедноста и суверенитетот, но и самите животи на граѓаните на северот“, кажа Османи.
Повика да не се дозволи „која било мрачна сила, која било држава која има злонамерни намери кон Косово и регионот, да направи поделба“ меѓу Приштина и сојузниците.
„Оваа поделба, долгорочно гледано, многу го чини Косово. Косово има можност да биде успешно во проширувањето на суверенитетот, заедно со сојузниците. Потребни се повеќе комуникација, консултации, повеќе координација“, порача таа.
На прашањето дали високи американски функционери, вклучувајќи го шефот на ЦИА, на состаноците во изминатите денови спомнувале влошување на односите со владата на Косово, таа кажа дека Соединетите Американски Држави на секое ниво биле јасни дека односите со Косово се многу силни.
„Мораме да најдеме начини да го зајакнеме партнерството, мораме да најдеме начини дебатата на Косово никогаш да не се води за тоа „дали раскинавме со Америка или не?“, туку како да ги јакнеме тие односи, бидејќи само тоа е во интерес на Косово“, истакна Османи.