четврток, 9 јануари 2025

Косовската полиција ја запечати српската Даночна управа, Белград: Курти сака насилна промена на етничката структура

Косовската полиција продолжи денес, ден по православен Божиќ, да ги презема институциите на Србија на северот на Косово, а во текот на денот беше запечатен објектот на Даночната управа во Косовска Митровица. Белград порача дека намерата на Приштина е насилно да ја промени етничката структура.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Порталот Коссев објави дека на терен биле инспектори за економски криминал и тројца припадници на европската правосудна мисија Еулекс. Се отстранува последното присуство на српската држава на Косово, односно се заземаат објектите во кои функционираа српските институции, наведува Коссев.

Заменик командирот на косовската полиција за северот Ветон Ељшани потврди дека инспектори за економски криминал утринава дошле на повик на полицијата која ја окупирала зградата на Даночната управа, а по завршувањето на акцијата припадниците на Еулекс го прегледале објектот по што полицијата го запечатила влезот.

Затворањето на Даночната управа, пишува Коссев, се одвива според воспоставената пракса – косовската полиција соопштува дека има дојава за „фалсификување документи“ и влегува во објектот со инспектори, на работниците им се дозволува да ги соберат личните предмети, а потоа следува запечатување на објектот.

На крајот на минатата година на сличен начин беа затворени Управата за урбанизам, Управата за градско градежно земјиште и патишта, и Управата за станбен и деловен простор во Косовска Митровица.

Официјален Белград акцијата на косовската полиција ја нарече „противзаконско затворање“ на српската Даночна управа, оценувајќи го тоа како „јасен доказ дека косовскиот премиер Аљбин Курти не сака нормализација на односите ниту мирен соживот на просторот на Косово и Метохија, туку насилна промена на етничката структура, пред сè на северот, и зацврстување на својата окупација“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ