понеделник, 20 мај 2024

Косово: Животот и смртта на жената во рацете на мажот

Младата мајка Ерона Ц. од Урошевац имала само 21 година кога ја убил бившиот маж. Се сретнал со неа за да ѝ го врати детето. По предавањето, ненадејно извадил пиштол, пукал во бившата сопруга и го ранил нејзиниот брат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Џиљета У. од Пеќ, мајка на 3 деца, е убиена на 42 години. Според официјалните извештаи, нејзиниот убиец ѝ се предал на полицијата кажувајќи: „Ја застрелав својата жена“.

Овие убиства се случиле на Косово во април, во период од пет дена. Нивните убиства предизвикале ужас низ земјата, пишува Дојче веле.

Претседателката Вјоса Османи прогласи ден на национална жалост во знак на сеќавање на жената и девојката жртви на родово засновано насилство на Косово.

Но, дури и ако многу граѓани на Косово биле ужаснати, малку од нив всушност биле изненадени.

Активистите и организациите за човекови права веќе долго ги осудуваат пропустите на системот поради кои жените на Косово повеќе пати стануваат жртви на насилство. Што треба уште да се случи пред нешто конечно да се смени?

Ниски казни за извршителите

Последните години, барем на хартија, има позитивни чекори. Насилството во семејството е посебно кривично дело на Косово од 2019 година. Судовите можат да ги казнат извршителите со парична казна од 100 до 25.000 евра и затвор до три години.

Но, до денес многу пресуди биле благи. Случајот на Џиљета У. е одличен пример за тоа. Нејзиниот убиец ѝ бил познат на полицијата по насилството во семејството и осуден бил на три месеци затвор и парична казна од сто евра во 2022 година. Имајќи предвид дека тој платил 300 евра, ги избегнал трите месеци затвор.

Министерката за правда Албулена Хаџиу по злосторството на социјалните мрежи напишала: „Претходните извршители често на крахот стануваат убијци, бидејќи надлежните институции не ги казнуваат соодветно“.

Таа свика итна средба со министерот за внатрешни работи, шефот на полицијата, државниот обвинител и други државни функционери.

Но активистите критикуваат дека таквите краткорочни акции ништо не менуваат во раширената клима на неказнивост за семејно насилство која продолжува и под сегашната влада.

„Потребни ни се посилен правосуден систем, побрзи процедури и почести максимални казни за извршителите“, вели социологот Букурие Рустеми.

Полицијата не го сфаќа семејното насилство сериозно

Според полициската статистика, четири жени се убиени во случаи на фемицид, а 2.120 жени се злоставувани на Косово во минатата година. Веројатно вистинскиот број случаи е уште поголем.

Многу жени не се осмелуваат да ги пријават извршителите – и поради стравот дека полицијата и правосудството нема да ги сфатат сериозно. Во истражување на Амнести интернешнал објавено во август минатата година, жртвите на семејно насилство велат дека полицијата им кажала дека насилното однесување на нивните партнери е „сосема нормално“.

Заплашувањето, заканите и психичкото насилство главно се игнорираат, а полицијата обично интервенира само кога постојат очигледни знаци на физичко насилство, како модринки.

Во повеќето случаи за настанатата ситуација делумно се обвинуваат жртвите – со сериозни последици, вели психологот Калтрина Ајети: „Жртвите често мислат дека самите придонеле на создавањето таква ситуација – односно го довеле насилникот до тоа постојано да врши насилство – значи до уништување на семејната ситуација“.

Ваквиот начин на размислување сè уште е распространет не само во полицијата, туку и во самото косовско општество.

Ненасилен живот? Непроценливо

Косовското општество и неговите структури, длабоко вкоренети во патријархат, веројатно се една од главните причини за фемицид. „Улогата на Жената на Косово е домаќинка и негувателка на децата, мажот и постарите во семејството“, вели Рустеми.

Машката доминација во големи делови на општеството за многу жени е сè уште тешко да ја надминат. „Им недостигаат образование, работа и економска независност“, вели Рустеми.

Речиси и нема можност жена да изгради финансиски независен живот. Имотот е главно во сопственост на мажите. Жените се главно изземени од наследувањето.

Според косовскиот закон, браќата и сестрите имаат еднакво право на наследување. Во пракса, меѓутоа, обично важи традицијата: наследуваат само мажите, а жените остануваат со празни раце. Затоа што се венчаваат во семејството на својот маж – и притоа го напуштаат своето семејство, со што губат право на глас и наследство.

Традицијата често не дозволува враќање во родителскиот дом – дури ни откако жената претрпела насилство. Кога жените ќе се венчаат и ќе заминат во семејството на својот маж, тие практично му припаѓаат на мажот.

Жените кои им се враќаат на партнерите откако во родителскиот дом одбиле да ги примат назад, често патат од посттравматски стресни нарушувања и депресија, вели психологот Ајети.

Извршителите, од друга страна, тогаш обично се чувствуваат посилни. „Извршителот тогаш е свесен дека неговата партнерка нема избор и друг излез“.

Балкански феномен?

Меѓутоа, тоа не се случува само на Косово, се обидува да релативизира Рустеми. „Секаде на Балканот има случаи на фемицид. Патријархалното општество е слично секаде на Балканот – би можело да се зборува за балкански менталитет“.

Рустеми ги истакнува психичките проблеми како психозите, депресијата, консумирањето дроги и алкохол и социјалните причини кај извршителите.

„Насилството на телевизијата и социјалните мрежи, особено говорот на омраза, исто така ги снижува моралните норми кај момчињата“, вели таа.

Но, патријархалниот аспект е најсериозен и најтврдокорен, смета таа. Секој обид на жените да се смени оваа ситуација на Косово е блокиран од мажите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ