сабота, 27 јули 2024

Косово стана придружна членка на Парламентарното собрание на НАТО, само Унгарија гласаше против

Косово доби статус на придружна членка во Парламентарното собрание на НАТО на состанокот на Собранието во Софија, Бугарија. Мнозинството земји-членки ја поддржаа оваа одлука, 14 беа воздржани, а само Унгарија гласаше против, објавија приштинските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката денеска, 27 мај, ја донесе Парламентарното собрание на НАТО, соопшти претставникот на движењето Самоопределување Дритон Хисени.

„Напредокот на статусот доаѓа по неколкугодишна одлична соработка меѓу Собранието на Република Косово и Парламентарното собрание на НАТО. Од јуни 2014 година бевме претставени како набљудувачка делегација“, напиша Хисени на Фејсбук, кој е и претседател на косовската делегација во Парламентарното собрание на НАТО.

Тој додаде дека многубројните писма и континуираните напори на српската делегација, како и на други политички актери во Белград, не успеале да го спречат Косово да го унапреди својот статус.

Парламентарното собрание на НАТО е институционално одвоено од НАТО, но служи како важна врска помеѓу НАТО и парламентите на земјите-членки.

Се состои од 281 делегат од сите 32 земји-членки на НАТО. Во активностите на Парламентарното собрание, покрај нив, учествуваат и делегати од девет придружни земји, четири придружни медитерански земји, како и осум парламентарни набљудувачки делегации.

Придружните членови можат да поднесуваат одлуки и измени на одлуките. Исто така, тие можат да служат како специјални известувачи во комисиите, за да ги презентираат своите перспективи во извештаите на Парламентарното собрание на НАТО.

Но тие немаат право да гласаат за собраниските извештаи, резолуции или раководството, ниту пак придонесуваат во неговиот буџет.

Во моментов има девет придружни членки – меѓу нив се и Србија и Босна и Херцеговина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ