петок, 18 октомври 2024
Земјите од Западен Балкан заедно против криминалот

Корупцијата е транснационален проблем кој не се исплатува

Објавено на

часот

Сподели

Текстот на заедничката изјава, усогласен за време на регионална конференција за борба против корупција во Југоисточна Европа, одржана во Скопје на 31 октомври годинава, во организација на македонското претседателство со ОБСЕ, а во соработка со Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Канцеларијата на координаторот на ОБСЕ за економски и еколошки активности, ја потпишаа македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Филип Ивановиќ и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани. 

„Заедничката изјава препознава дека корупцијата го ослабнува владеењето на правото, ја разнишува довербата во институциите и ги загрозува социјалниот и економскиот развој и просперитет како и стабилноста и безбедноста. Таа претставува опасност за споделените вредности на ОБСЕ и предизвикува секаков вид на криминални активности“, рече Османи.

Документот, како што посочи, содржи десет акциски точки, меѓу кои зајакнување и користење на дигитални алатки, регионална соработка на ниво на институции и организации во борбата против корупцијата и олеснување на напорите за враќање на имотот.

Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ порача дека борбата против корупцијата не е можна без сеопфатна институционална и регионална соработка. 

„Ниту една земја не може сама, и ОБСЕ може да помогне во јакнење на капацитетите за спречување и борба против корупцијата“, рече Дачиќ, посочувајќи дека ваква изјава треба да потпишат сите земји, вклучително и побогатите и поразвиени, за кои изрази сомнеж дека би успеале да ги исполнат сите критериуми кои самите ги поставуваат.

Според Дачиќ, повеќето западни земји сега не би го поминале тестот на Европската Унија (ЕУ) и ги повика и тие да потпишат Изјава за борба против корупцијата.

„Замолувам да не ни се држат лекции од страна, бидејќи сите земји членки на Европската Унија (ЕУ) сега да треба да поминат низ она што поминуваме сите ние тука за да влеземе во Унијата, тогаш три четвртини од земјите не би го поминале тестот“, порача српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по потпишувањето на Изјавата за борба против корупција во рамки на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.

Не постои борба против корупцијата без полиција, правосудство и обвинителство, рече Дачиќ. 

„Она што мене малку ме нервира во сето ова е дека ние самите за себе велиме дека сме шампиони, а всушност не сме. Шампионите се таму каде што има пари, каде што има моќ и влијание, таму каде што корупцијата се спроведува во форма на закон. Да се земе провизија на Запад е легално, а кај нас е корупција. Жал ми е што и тие не се тука на потпишувањето на декларацијата, бидејќи први треба да ја потпишат“, рече Дачиќ.

д

Според него, борбата против корупцијата и организираниот криминал не може без целосната координирана акција и меѓународна соработка.

„Не се тука сите земји од нашиот регион. Мислам дека тие се повеќе во корупција од нас. Ние тука можеме само да дадеме одредена политичка поддршка“, додаде Дачиќ.

Тој уште кажа дека ниту една земја не може сама и ОБСЕ треба да помогне за државите да ги унапредат своите капацитети за спречување, сузбивање, истрага и гонење на криминал.

„Ние треба да ја одржуваме меѓународната соработа, стручност и најдобрата пракса, што пак подразбира и користење на одредени дигитални алатки, односно предности на новите технолошките феномени“, додаде српскиот министер за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, рече дека јакнењето на регионалната соработка е клучно во борбата против корупцијата, а потпишувањето на изјавата, како што рече, претставува потврда за силната посветеност во борбата против корупцијата. 

„Препознаваме дека корупцијата е транснационален проблем и затоа нашата посветеност се протега преку границите“, потенцираше тој.

Филип Ивановиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, потпишувањето на иницијативата го оцени како конкретен чекор во зајакнување на регионалната соработка во борбата против корупцијата и дека таа значително ќе помогне во зголемување на добросостојбата на државите. 

„Tоа е, исто така, критична одредница за оценка на прогресот на западните земји на патот кон ЕУ,“ дополни Ивановиќ.

Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, ја поздрави иницијативата, посочувајќи дека борбата против корупцијата и доброто владеење е еден од главните приоритети на албанската Влада.

„Крајна линија останува политичката волја, и се надевам дека иако сите присутни министри на масава се мажи, ќе сториме многу повеќе за жените и младите“, рече тој.

                                                            Фото: Фесбук на министерот Османи

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ