среда, 1 јануари 2025

Корејски медиуми: Северна Кореја ја зголеми максималната возраст за регрутација

Северна Кореја ја зголеми максималната возраст за регрутација во војска од 23 на 25 години, изјавија жителите на земјата за Радио Слободна Азија (РФА). Како што пишуваат, тој потег предизвика страв дека поголем број војници ќе бидат испратени во Русија за да учествуваат во војната со Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според РФА, работоспособните мажи во моментов треба да служат 10 години во војската која брои 1,2 милиони војници по завршувањето на средното училиште, почнувајќи од околу 18-годишна возраст, додека работоспособните жени се обврзани да служат седум години.

Новото правило нема значително да влијае на задолжителниот воен рок на повеќето граѓани, но ќе им отежне на оние кои се ослободени од служба – поради болест или недоволна висина – да го одложат воениот рок до максималната возраст.

До достигнување на максималната возраст, ослободените млади може да бидат регрутирани доколку се променат околностите. Тие би можеле да закрепнат од некоја болест, да пораснат до минималната висина од 145 сантиметри или да завршат факултет.

Ако тоа се случи пред да ја достигнат максималната возраст, мора да се пријават. Но, доколку не се пријават пред тој рок, тие се ослободени од служба до крајот на животот. Многу млади луѓе, според РФА, на овој начин избегнуваат да служат воена служба или со поткупување на одговорни службеници за да ги прогласат за неспособни.

Меѓутоа, бидејќи максималната возраст за регрутирање сега е 25 години, тоа значи дека ќе мора да пронајдат начин да го избегнат воениот рок уште две години.

Властите ја зголемија максималната возраст за регрутирање во јули, изјави жител на северозападната провинција Северен Пјонган за РФА Кореа под услов да остане анонимен поради лична безбедност.

„Многу жители изразија незадоволство поради зголемувањето на максималната возраст за регрутирање на 25 години“, рече тој, додавајќи дека луѓето веруваат дека со овој потег целта е да се испратат повеќе војници во Русија.

Според американското разузнавање, Северна Кореја испратила околу 11.000 војници во Русија, додека јужнокорејската војска проценува дека повеќе од 1.100 од нив загинале во борбите. Ниту Пјонгјанг ниту Москва јавно не го потврдија учеството на Северна Кореја во војната, а севернокорејските државни медиуми не објавија за тоа.

Но, според зборовите на еден жител за РФА, „нема кој не го знае тоа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ