сабота, 27 јули 2024

Коп: Уставните измени се гаранција за почеток на преговорите, нема да има ново вето од Бугарија

Објавено на

часот

Сподели

Амбасадоре Коп, внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Но, реториката од двете страни се заострува. Дали во вакви услови уставните измени се гаранција за отпочнување на преговарачкиот процес?

– Па, првата фаза од преговорите, започна во јули минатата година. Скрининг процесот е во тек, под водство на вицепремиерот Маричиќ и од него ќе се знае многу јасно каков напредок постигнала Северна Македонија и што уште треба да се направи. Тоа е корисно, но тоа е всушност што Северна Македонија веќе го знае, што треба да се направи. Втората фаза ќе почне во моментот кога Северна Македонија ќе ја смени Преамбулата во Уставот за да го вклучи бугарското малцинство, заедно со седумте етнички заедници кои се веќе споменати во Уставот. Заклучоците од Советот минатиот јули јасно кажуваат дека штом Северна Македонија ги усвои уставните измени, веднаш ќе почне втората фаза, и без каква било друга политичка одлука. Значи, да менувањето на Преамбулата во Уставот го гарантира почетокот на новата фаза. Тоа следува автоматски.

– Но токму за прашањето за уставните промени нема политички консензус. Во меѓувреме се формираше и работна група за уставните измени во која најголемата опозициска партија не учествува. Како го коментирате таквиот потег на опозицијата?

– Ако погледнете малку назад ќе видите дека на почетокот на минатата година, двајцата нови премиери Петков во Бугарија и Ковачевски тука, формираа пет работни групи за проблемите кои постоеја меѓу двете земји. Овие проблеми се однесуваа на идентитетот, јазикот, историјата, економски прашања и малцинствата. Со помош на Европската Унија на крајот, некаде во мај минатата година, сите овие прашања беа намалени на само едно, малцинствата. Подоцна тоа стана договор за да се смени Преамбулата на Уставот за да се вклучат малцинствата. Тоа многу го поедностави ова прашање, за кое двете влади и на Бугарија и на Северна Македонија се согласија. Тие се согласија за ова прашање, да ја сменат Преамбулата за да го вклучат бугарското малцинство.

Ако ги слушате ВМРО-ДПМНЕ ќе забележите дека таа партија нема проблем со содржината на овој договор. Па што е тоа што ги натера да бидат надвор од ова, тоа нема врска со Бугарија. Некои луѓе од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе преговараат за подобар договор. Тоа се бесмислици. Нема подобар договор од овој. Овој е апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие. Според мене, ова што се случува е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи. Сега е моментот.

Како гледа Холандија на заканите од Бугарија за ново вето за Северна Македонија?

– Како што веќе реков, нема ново вето. Ако Преамбулата на Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има вето таму. Исто така тоа не е толку многу важно. Земјата треба да ги заврши реформите. И тоа е единствениот начин да се влезе во Унијата. А скрининг процесот ќе даде јасно до знаење какви треба да се реформите и на крајот тоа е многу поважно од позицијата на Бугарија. Но, се согласувам со вас дека има преголемо внимание за ова прашање. Еве и вие веќе ми поставивте три прашања поврзани со оваа тема кога зборуваме за иднината на вашата земја. Но, дозволете ми да ве потсетам дека ова е билатерална обврска меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа е договор меѓу двете земји. Холандија не е дел од тој договор и како такви немаме интерес за тоа. Но, постои можност ова да стане еден вид оправдување за да не се завршат реформите, тоа го одвлекува вниманието за да не се завршат работите кои се навистина важни, а Бугарија ја сметаме за помалку важно, билатерално прашање поврзано со евроинтеграциите.

Холандскиот амбасадор вели дека не се гледа владин напредок во борбата против корупцијата, напротив смета дека работите се влошуваат.

„Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Всушност, годинешниот извештај од Антикорупциската комисија покажува дека 10 проценти од претставките се процесирани, тоа е многу помалку и во однос на 20-те проценти во извештајот од 2021 година, кој патем се уште не е разгледан од Парламентот во последните 2 години, нешто што требаше да се направи. Затоа нема причина за оптимизам. Како што кажав и порано, корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега, зошто ако сакате да сте во Унијата во процесот на преговори, оваа состојба со менталитетот и политичката волја заедно со неказнивоста која оди со тоа и која е најпрезирана од граѓаните, мора да се смени веднаш. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија“, вели холандскиот амбасадор Коп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ