сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Конформирање, попуштање, послушност и бесмислени кратенки на табличките

Разбирањето на модалитетите и последиците на таквата интензивна социјална интеракција неопходно бара вклучување и на други науки, пред сè историјата и психологијата. Додека на пример за дипломатската историја знаеме релативно многу, дипломатската психологија, барем во Македонија, сè уште го нема местото кое го заслужува.

Поради тоа ќе се обидеме во дипломатската торба да ја побараме врската и да го расветлиме социјалното влијание на различните фактори во донесувањето дипломатски одлуки, и неговите ефекти, кои некогаш знаат да бидат особено непријатни и тешки, во зависност од (не)успехот на преговарачот. Во овој контекст може да се рече дека дипломатските преговори претставуваат една од најдиректните форми на обид за наметнување социјално влијание врз другата страна и тоа често се прави на персонално, индивидуално ниво.

За наши потреби, вниманието ќе го сосредоточиме кон три вида социјално влијание: конформирање, попуштање и послушност.

Кај конформирањето промените во перцепциите, мислењата и однесувањето на поединците обично се случуваат поради подлегнувањето на реални или замислени притисоци од надвор. Ова влијание не е персонализирано и не е толку директно и видливо како што е попуштањето или покорноста. Некогаш конформирањето се прифаќа како ефикасна стратегија за полесно доаѓање до целта или како неопходност за да се одржат воспоставените правила на однесување и на мирољубивата коегзистенција на луѓето, но друг пат се толкува и како искажување слабост спрема надворешните притисоци или како губење на интегритетот, независноста и индивидуалноста. Некои, како на пример Фром, сметаа дури дека конформирањето претставува посебен вид на отуѓеност што исклучува критичко размислување и преиспитување на оправданоста во верувањето и постапувањето на она што го сугерираат посилните и повлијателните.

Конформирање како резултат на информациско влијание се случува секојдневно кога ги прифаќаме другите како извор на валидни информации, покредибилни од нашите и кога тоа ги менува нашите уверувања и постапки. Но, кога ги менуваме своите судови и постапки за да бидеме прифатени од другите и за да не отстапуваме од општо прифатените норми на однесување, значи дека сме се конформирале поради нормативно влијание. Кај овој вид конформирање луѓето го прават истото она што го прави наметнувачот затоа што не сакаат да привлекуваат внимание, да бидат предмет на омаловажување, да имаат проблеми или да бидат отфрлени, туку по линија на помал отпор да останат незабележани.

Добар пример за нормативно влијание би бил начинот на кој луѓето пополнуваат формулари со лични податоци. Согласно податоци од администрацијата, најголемиот број граѓани под „држава на раѓање“ денес впишуваат Република Северна Македонија, иако, освен ако не се помлади од четири години не можеле никако да се родат во „Северна“. Некој можел да се роди во Австро-Унгарија на пример, а да живее во НДХ, па во СФРЈ и да умре во Република Хрватска без да патува километар. Тоа не значи дека Република Хрватска била неговата држава на раѓање. Така е и во Македонија. Некој бил роден во Кралството СХС, некој во ФНРЈ, некој во СФРЈ, а некој во Република Македонија. Апсурдно е да напишеш дека држава на раѓање ти е „Северна“ кога генерацијата што навистина се родила во „Северна“ сè уште не научила да пишува.

Иако во дебело малцинство, пример за такви што се склони на потпаѓање под нормативно влијание се оние што сепак го употребуваат наметнатото и кај мнозинството граѓани неомилено име Северна Македонија.

Емпиријата во психологијата кажува дека нормативното влијание, за разлика од информациското влијание, повеќе резултира со јавно (за покажување) отколку со приватно (интимно) прифаќање на она што се сугерира официјално. Промените на ставовите кај населението што се случуваат поради нормативно влијание се привремени и траат само додека трае притисокот. Потоа ставовите се враќаат на старо. Овие резултати на научните истражувања треба да ги знаат и политичарите и граѓаните. Нормативното влијание во случајот со промената на името на Македонија ќе трае толку, колку што ќе трае притисокот. Кога тој ќе се намали или престане, наметнатото име што не е одбрано од највисокиот суверен, народот, нема веќе да се користи зашто ништо за секогаш не е врежано во камен. Се е прашање на време и околности.

Попуштањето се гледа во менувањето на сопственото однесување, како одговор на нечие директно барање за одредено постапување и тоа се смета за посебен вид потпаѓање под социјално влијание. Директните барања за менување на нашето однесување може да доаѓаат од лица кои ги познаваме, но и од лица кои не ги познаваме, па дури и од други државни и недржавни меѓународни субјекти.

Пример за ова е нашиот официјален одговор и снисходливото поставување кон ултимативните барања на Грција и Бугарија за драстични промени во супстанцата на нашата држава. Тие знаеjа дека можеме да ги одбиеме нивните барања, но калкулираа со можните последици по нас во процесот на европските и евро-атлантските интеграции. Патем, ова беше и тест за нашата дипломатија, колку е таа флексибилна и до каде може да се свитка.

Пример за попуштање под влијание од недржавен субјект, а со тоа се разбира и доведување во подредена ситуација, е секако прифатеното барање за тајност од странска фирма кон нашата држава во поглед на мистериозниот договор за најголемата инвестиција до сега.

Послушноста е навистина драстична форма на одговор на влијание и е доста ретка во дипломатијата. Таа е присутна во договорите со кои се регулираат последиците од воена победа, односно пораз на другата страна, како на пример прифаќање за воени обештетувања и репарации кон победничката страна, доброволно прифаќање на разни ограничувања и слично.

Кај послушноста станува збор за речиси беспоговорно извршување наредби дадени од субјект кој што располага со средства за принуда и потчинување.

Интересен и би рекол редок пример за послушност во мирно временски околности е нашето прифаќање на едностраното барање на Грција за воведување на кратенката НМК на латиница за македонските автомобилски таблички (NMK). Скандалозно е тоа што никој од нашиот преговарачки тим, вклучително и „министерот со исушената рака“ не појаснува, ниту пак би можел да објасни на кој начин, во какви преговори и со какви аргументи и контра аргументи се усогласила оваа кратенка, особено поради тоа што во договорот од Преспа веќе беа официјално потврдени нашите меѓународни кодови – МК и МКД. Да појаснам: Доколку табличката требала да го рефлектира ново договореното име, кратенката на англиски јазик би требала да биде на латиница RNM (од Republic of North Macedonia). Доколку пак би била на македонски јазик, таа би требала да биде РСМ на ќирилица (од Република Северна Македонија). Кратенката НМК на латиница и на англиски јазик не значи ама баш ништо. Од прва рака, од еден од учесниците во „преговорите“ имам информација дека за кратенката НМК воопшто не се ни преговарало, туку била наметната од грчката и послушно прифатена од нашата страна. Вистинското прашање е за што всушност воопшто се преговарало?

Патем, она што остана од овие преговори се една завршена премиерска и министерска кариера, нејасна налепница без значење на нашите таблички, сменети извозни етикети на македонското вино и други производи, добра амбасадорска награда за блиските соработници на хендикепираниот министер, еден уништен брак на мој колега дипломат и двајца „лизнати“ најблиски соработници на хендикепираниот, кои како духови шетаат низ коридорите на МНР и ретко кој ги има видено. За новото неомилено име го дадов мислењето погоре, кај конформирањето како одговор на притисок.

                                                                                                                       Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ