Според кандидатката на Левица Билјана Ванковска, актуелниот претседател потпиша Закон кој практично ја стимулира корупцијата со измените на Кривичниот законик.
– Потребен ни е институционален систем, а не ваква мазохистичка надворешна некаква ветинг машина што ќе прочистувала, што само не прави тотално неспособни. Дури и правосудниот систем, органите на прогон, сите што се надлежни за тоа, треба да си ја вршат работата, рече Ванковска.
Претседателскиот кандидат на ДУИ и Европскиот фронт Бујар Османи рече дека мора да ставиме ѕид на руското влијание тука, и да се сконцетрираме на вистинската корупција со која се соочуваат нашите граѓани.
-Како министер за надворешни работи, се инспирирав од сертифицирањето што го дава НАТО и го проширив тоа на ниво на МНР. Тие што не можат да добијат сертификат, не може да бидат амбасадори. Тоа сакам сега да го проширам и на министри, судии, обвинители, додаде Османи.
Кандидатот на коалицијата Вреди Арбен Таравари посочи дека рак рана на македонското општество е довербата во судството. Тој напомена дека довербата во судството е само 2 проценти, а тоа како што рече, е резултат на досегашното владеење на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Правдата треба да излезе на виделина. Јас мислам дека постојат структури во државата кои што не дозволуваат овој систем кој што создава монтирани случаи, некако да се тргне и да не функционира, додаде Таравари
Кандидатот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски смета дека кај нас политичката корупција е главниот стимулатор за целосна корупција во државата.
-Коридорот 8 – 160 милиони евра, фабриката за возилата кои што не ги ни видовме, Бехтел и Енка, тоа се класични примери на корупција и дефинитивно потврдува дека сето тоа си го договара политичката елита. Мора да се врати правдата и казнивоста во државата, потенцираше Димитриевски.
Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски е на ставот дека ветингот мора овој пат да биде задолжителен.
-Ветингот мора да биде задолжителен и јас во тоа мојата лична одговорност ја гледам. Мораме во склад со нашето домашно законодавство, најпрвин да ги провериме имотите на политичарите, мислам дека има многу дувло, не мислам дека има еден центар, мислам дека за жал се зафатени во повисоки центри и во судството и во обвинителството и во политиката, додаде Пендаровски.
Кандидатката за претседател на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова за време на дебатата потенцираше дека владеењето на правото е урнисано, а корупција и криминал има во секој поглед.
-Потребна е политичка волја за спречување на корупцијата. Претседателите се директно вклучени, преку именување на двајца членови на Судскиот совет луѓе кои директно учествуваа во оневозможување на завршување на определени процеси, тогаш имате одговорност, подвлече Сиљановска-Давкова.
Според кандидатот на ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, политиката треба да се тргне од судството и од обвинителството.
-Треба да им создадеме материјални услови за работа. Не може да бараме резултати од нив, а немаме доволно обвинители, немаме доволно истражители, немаме доволно судии. Сакаме со политика, со политичка хајка да правиме ветиг, да ги вразумуваме судиите, да правиме судство како што не треба, сакаме повторно да имаме специјално обвинителство. Ќе се научиме ли еднаш дека на тие институции кои ги имаме, треба да им ги дигнеме материјалните капацитети, рече Јакимовски.
Пендаровски се залага за апсолутно наместо суспензивно вето, како и за тоа клаузулата од 20 отсто во Уставот да се замени со албански јазик
-Затоа што претседателот неспорно има широк, народен, граѓански легитимитет поради начинот на кој се бира, значи од сите граѓани во државата. Во однос на другите потребни промени на Уставот не мислам дека е потребен цел Устав да се менува, мислам дека имаме поприоритетни работи во однос на европската интеграција, да ги ставиме Бугарите во Устав и ако се отвора Уставот се разбира да има две третини, бидејќи без две третини не може да го направите тоа, да 20% станат албански јазик, бидејќи тоа е еуфемизам – рече Пендаровски.
Сиљановска Давкова предлага темелни уставни реформи.
– Треба темелни уставни реформи на овој ‘Франкештајн – Устав’ што тешко се чита и од експерти. Но треба врз основа поширока експертска анализа. Ние во уставната комисија немаме експерти, а мора да имаме кои постојано дијагностицираат нефункционалност и предлгаат соодветни решенија – рече Сиљановска Давкова.
Јакимовски е против уставни измени, но се залага за згоелмување на надлежностите на претседтаелот на државата.
-Чудно е двојството да претседателот назначува началник на Генералштаб и директор на Агенцијата за раузунавање, а не назначува гувернер на НБРМ. Назначувањето на гувернер на НБРМ ќе значи поголема самостојност на централната банка која има најголема доверба. И сметам дека во Уставен суд и Судски совет треба директно претседателот да предлага членови, без политичко пазарење – рече Јакимовски.
Бујар Османи смета дека претседателот треба да се бира во Собранието.
-Како прво, да е компас на евроинтегративниот процес, сврзно ткиво на етничките наративи и трето – креатор на државниот консензус. Сегашниот модел е дополнителна поларизација и ескалација. Во минатото опозицијата не им се обраќаше со претседател, туку со име, тој немаше авторитет да ги смири политичките кризи како причина за стагнација. Мислам дека во еден инклузивен процес помеѓу македонскиот блок ќе има деполаризација меѓутоа и вклучување на сите останати во донесување на одлуката. Не значи бегање од соочување со граѓаните туку унапредување на демократијата во духот на Охридскиот договор – рече Османи.
Ванковска повтори дека е за радикални промени.
-Ние во 1991 година тргнавме по една патека, 2001 година залутавме по друга патека и сега веќе не знаеме каков ни е системот. Јас сум за нов Устав со сите овие слабости што уставниот поредок ги покажува, меѓутоа и тој самиот продуцира ако 2001 бил причина за војна, сега е причина за катастрофа – вели Ванковска.
Таравари посочи дека треба да се прифати демографијата таква каква што е во однос на јазикот.
-Најдете една држава каде што дефиницијата за употреба на јазикот е со проценти и бројки. Пред 50 години службени јазици беа македонски, албански и турски. Сега зборуваме дали ќе употребиме 20 отсто или не. За претедател, да дадеме или повеќе ингеренции или зошто да не разговараме за отворање нов Устав и други нови ингеренции на претседатело и други решенија за проблемите во државата – рече Таравари.
За Димитриевски нема потреба од уставни измени.
-Не е потребно да се менува, да не се дозволи уривање на унитарноста на државата и да се дозволи скриена трансформација на Македонија од прост во сложен тип на уредување, рече Димитиревски