„На заедничката средба во Солун, во октомври минатата година, со г-дин Најден Тодоров, директор на Софискатата филхармонија и г-дин Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун го договоривме концертот во Софија, и разговаравме овој концерт да се повтори и кај нас и во Грција. Во меѓувреме со г-дин Папанас го договоривме настапот на Солунската филхармонија во Скопје, а во финални преговори сме и за нашиот концерт во Солун, кој треба да се реализира кон крајот на јуни. Во меѓувреме ќе потпишеме и меморандум за соработка помеѓу двете институции. Ова е уште една потврда дека културата руши бариери и создава и гради нови пријателства и можност за идни заеднички соработки“, вели Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија.
Како солисти на концертот на Солунската филхармонија ќе настапат нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески и грчката сопранистка Мирто Папатанасиу. Диригент е Владимирос Симеонидис од Грција, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар во Ге-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис.