сабота, 27 јули 2024

Кон Запад: дали Русија треба да го ревидира својот став за Косово?

Објавено на

часот

Сподели

Денес заштитата на православните цркви и манастири на Косово е во рацете на таканаречената мисија за врска на Грција, земја што, исто како и Русија, официјално не го признава Косово. Доколку Русите имаа таква канцеларија, Србите ќе се чувствуваа многу посигурно, а Русија ќе имаше повеќе информации и позначајна политика во регионот.

Барикади украсени со руската трибојка. Портрети на Путин, Медведев и Лукашенко, слогани како „Ги сакаме руските војници овде!“ – тоа е реалноста во Митровица, српската енклава на северно Косово на границата со Србија. Или провинцијата Косово и Метохија, како што Србите ја викаат оваа област. Минатиот викенд го поминав на Косово и првпат успеав да ѕирнам што се случува таму.Србите во Митровица се обидуваат да ги спречат косовските цариници да влезат во енклавата. Србите редовно се судираат со полицијата на ОН. Де факто албанската влада во Приштина функционира во Митровица само со помош на меѓународните сили. Населението таму се надева дека порано или подоцна ќе се отцепат од Косово и ќе се приклучат кон Србија.

Пред неколку дена руските медиуми експлодираа од репортажи дека повеќе од 20.000 косовски Срби испратиле писмо до руската амбасада во Белград барајќи руско државјанство. Тие тврдат дека тоа е единствениот начин да се заштитат од застрашувањата од страна на владата во Приштина. Но, според западни дипломати во регионот, поголем дел потписи биле собрани меѓу српските бегалци во Србија, а понекогаш дури меѓу луѓе што никогаш не живееле таму, туку само потекнуваат од Косово. Ова беше потврдено од руски дипломати во Белград. Тие изјавија дека барем дел од потписите бил собран во Србија. Значи правилото број еден, кое го научив додека известував за конфликтите на Балканот во 1990-тите – „Никогаш целосно не верувај на никого и на ништо“ – сѐ уште важи.

Чудната приказна за српските писма до Москва е уште еден доказ за тоа. Се чини дека ова е уште една сплетка на противниците на српскиот проевропски претседател, Борис Тадиќ. Тој и неговата партија во 2012 треба да се соочат со парламентарни избори. Прво, писмата директно ги обвинуваат српските власти дека не успеале да ги заштитат своите браќа на Косово. Второ, тие ја ослабуваат позицијата на Белград во преговорите во Брисел со владата од Приштина. Медијатор на преговорите е ЕУ и тие се дел од обидот за нормализација што Тадиќ го започна со Косово.

Трето, Србите што живеат на западот и на југот на Косово не се претерано среќни поради тоа што нивните северни браќа пишуваат писма. Теоретски, Србите од Митровица би можеле да успеат. Во тој случај нивните браќа од југот и западот на Косово би се нашле оставени сами на себе.

И конечно, ниту руската влада не е претерано среќна. Без оглед на противењата за независноста на Косово и инсистирањето да биде заштитник на Србите, Москва не сака отворен конфликт со НАТО и Европската Унија. А токму тоа ќе се случи доколку руските власти решат да им го одобрат барањето на Србите за пасоши. Но судејќи по муабетите што ги слушнав на самото место, на косовската власт не дека не ѝ одговара развојот на случувањата. Сето ова за нив е шанса да им кажат на своите западни партнери: „Ете гледате, ние навистина сакаме мир и соживот со Србите, но тие се кавгаџии, неразумни и провокатори“.

Има еден интересен детаљ: според западните дипломати во Приштина, речиси сите косовски Срби имаат косовски пасоши – покрај српските – и покрај тоа што Белград не го признава Косово како независна држава и сѐ уште официјално го смета за српска провинција. Луѓето се прагматични, и кој може да ги обвини за тоа? Ова не треба да каже дека Србите немаат проблем што живеат во држава каде што Албанците се мнозинство. Но изгледа дека со време старите непријателства стануваат бледи, а болката отапува. Изгледа и дека властите на Косово се мошне сериозни за евентуалното влегување во ЕУ. За ова ним ќе им треба беспрекорно досие што се однесува до односот кон малцинствата. Оттука е и поставувањето двојазични улични знаци и издавањето тријазични документи во сите владини институции.

Уште позначајно е тоа што и Србите во Србија сѐ повеќе „размислуваат европски“ и полека се навикнуваат на идејата дека нема да го вратат Косово. Русија неодамна го отвори аеродромот на Министерството за вонредни ситуации во близина на Ниш. Првенствено за помош при потенцијални непогоди и како обезбедување против потенцијални штети на гасоводот Јужен поток. Многу луѓе во Приштина се прашуваат дали ова е всушност замаскирана руска воздухопловна база. Можеби е, можеби не е.

Но руското присуство недостига на Косово. Русија ги повлече своите падобранци во 2003, наведувајќи „економски причини“. Од 2008 и прогласувањето на независно Косово, Москва не сака да има ништо со Приштина, и покрај тоа што Белград комуницира. Денес заштитата на православните цркви и манастири на Косово е во рацете на таканаречената мисија за врска на Грција, земја што, исто како и Русија, официјално не го признава Косово. Доколку Русите имаа таква канцеларија, Србите ќе се чувствуваа многу посигурно, а Русија ќе имаше повеќе информации и позначајна политика во регионот.

Нештата можеби се менуваат. Еден постар косовски дипломат ми кажа: „Од неодамна, руските дипломати на меѓународните конференции почнаа да ми приоѓаат и генерално се чувствуваат послободно да разговараат со нас“. Јас му кажав дека официјалната позиција на Москва не е сменета. Но во исто време си помислив: „Ако српската влада разговара со Приштина, зошто Русите би се правеле „поголеми Турци од султанот“ за тоа прашање?“

Независноста на Косово е завршена работа. Порано или подоцна ќе биде признаена од страна на Србија. Дали откако ќе се случи тоа, Русија ќе го смени ставот? Не знам. Тоа што го знам е дека косовските Срби (доколку ние, Русите, навистина се грижиме за нив) би се чувствувале многу порелаксирано кога Русија би била присутна таму на некој суштински начин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ