Според овие работници вкупно 190 вработени во ЈКП „Тетово“ се соочуваат со истата ситуација, а освен нив се и одделенијата за православни гробишта, службата за чистење на улиците со метли и администрацијата.
„Не ни е исплатена плата за декември 2023 година, јануари 2025 и февруари 2025 година. Не ни се платени придонеси од декември 2023 заклучно со ноември 2024 година, како и за јануари 2025 и февруари 2025 година“, информираат работниците.
Според работниците тоа што во декември 2024 година беше објавено од Општина Тетово дека се исплатени сите плати не е точно. Советот на Општина Тетово на 11 декември 2024 донесе одлука за покривање на загубите на ЈКП „Тетово“ во висина до 60 милиони денари за четири плати и придонеси 2024 година.
„Ние доаѓаме на работа ама нема да работиме на терен, сè додека не се исплатат сите плати. Уште пред Нова година, градоначалникот ни вети дека ќе ни биде сè исплатено до јануари или до февруари , но еве повторувам нема плата за декември 2023 и јануари 2025 и февруари 2025 година и 14 месеци неплатени придонеси. Ние сме тука сите работници над 50 години, сите сме со лекарства, ни требаат редовни плати. Сите имаме и кредити“, рече еден од работниците.
Од Општина Тетово информираат дека се прават напори до крајот на неделата да се исплатат две плати.