Родена е во Неготино, во 1988 година, независноста ѝ е најголемиот успех, вели, сама донесува одлуки и зад нив стои, па не ги разочарува луѓето околу себе.
Цеце смета дека во Македонија е незамисливо да се живее од фотомоделство, а главната причина за тоа ја гледа во неразвиената текстилна индустрија:
„На модната сцена во Македонија недостига професионализам. Премногу девојки се обидуваат да станат модели, а при тоа не вложуваат ништо и не се спремни да жртвуваат ништо. Од една страна сакаат да бидат манекенки, а од друга таа професија ја ставаат некаде во заднина, далеку зад пронаоѓањето на бирократско работно место и вечерните излегувања. Слична е ситуацијата и со нашите модни креатори, кои не ризикуваат да создадат свој бренд и да започнат масовна конфекција, производство“.
За разлика од многу свои колешки, Цеце сериозно ја сфаќа оваа професија и вели, најпрофесионално се занимава со неа. Токму затоа следната деценија од својот живот планира да го помине во патувања надвор од Македонија и барање работа секаде каде што има развиен пазар за модната индустрија и потреба од нејзин ангажман како модел. Планира да се пензионира како професионален модел, а потоа би започнала семеен бизнис, во областа на туризмот.
За Цеце стил е целокупниот начин на живот на една личност:
„Основите се вродени, а потоа во текот на животот се надоградуваат и се насочуваат. Во Македонија има многу луѓе со добро изграден стил, што е за пофалба, сметајќи ја големината на нашата земја, и затвореноста на нашето општество.“
Се негува со соодветни креми за лице и тело, наменети за нејзиниот тип на кожа, редовно посетува спацентри, комбинација од сауна и студен базен на отворено во зима, и така си ја подобрува циркулацијата и спречува појава на целулит. Тимот на „кул-кат“ е задолжен за нега на нејзината коса. Води строг режим на исхрана со многу овошје, зеленчук, житарки, риба и огромно количество вода. Редовно спортува, скија, плива и вози велосипед.
Според Цеце, за убавите жени вратите се секогаш пошироко отворени.
„Паметните жени ги плашат мажите и создаваат чувство на гнев кај другите жени, па затоа докажувањето на нивната интелигенција е секогаш контрапродуктивно. Умната жена никогаш не се труди да докаже што било, туку остава делата да зборуваат за неа.“