сабота, 27 јули 2024

Комората на архитекти и инженери ги поддржа измените на Законот за урбано зеленило

Зелен институт соопшти дека Комората на овластени архитекти и овластени инженери ќе учествува со свои претставници во Работното тело за усогласување на измените на Законот за урбано зеленило. Комората дала и подршка на предлогот за отворање ново професионално одделение, со кое, како што велат, ќе се регулираат професиите шумарски инженер и пејзажен архитект.

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува во соопштението, пред Комората биле претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 година и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци.

„Се бара усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020 година, усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина, зголемување на нормативите за зеленило во метар квадратен на жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени, утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени, допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило… допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени, дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполnета норма за зеленило“, се вели во соопштението од Зелен институт.

Од Зелен институт потсетуваат дека овие предлози се произлезени од анализата на законите, во која биле вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Потсетуваат дека на 6 јули годинава се одржала јавна дебата во салата на Советот на Град Скопје, со присуство на претставници од сите засегнати страни. 

Оттаму посочуваат дека предлог-измените на законот се изработени во рамки на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, „Ханс -Ем”, во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-Свест финансиран од Шведска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ