Сепак, трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани е поинаков случај од досегашните, не само поради големиот број настрадани, туку и затоа што дојде како шок и траума за сите граѓани во државата и пошироко, вели Јовановска Стојановска во интервју за МИА.
„Сето тоа досега беше некако поизолирано, со помал број луѓе, а ова е нешто што ја погоди целата земја. Јас сум сигурна дека не е само Кочани, не е само Штип, не се само околните места, туку мислам дека сите граѓани во нашата држава се погодени од ова. Ќе помине време и полека, полека ќе ни треба на сите да седнеме и за поразговараме, затоа што гледам во моментов колку помош им треба на помагачите. Договорив со пожарникарите и со други екипи, оние што вечерта работеле во расчистување, помагале и спасувале, самите бараат да дојдеме и да разговараме со нив затоа што не се чувствуваат добро после тоа“, вели Јовановска Стојановска.
После тој шок за сите, по загинувањето на младите луѓе, Јовановска Стојановска вели, поминуваат денови и некако луѓето ја имаат постојана таа мисла и идеја, порака дека се случи трагедија.
„Утрешниот погреб ќе биде како нова траума, не ретрауматизирање, значи не повторување на истото, туку сега е нешто ново затоа што погребите ќе бидат заеднички. Можеби од една страна е нешто добро затоа што кога ќе бидеме заедно, едни со други, ќе се поддржиме и ќе си помогнеме. Јас се надевам дека сето тоа така ќе излезе, човечки и достоинствено да си помогнеме едни на други, да го поминеме ова“, изјави Јовановска Стојановска.
Јовановска Стојановска, посочува дека од понеделник ќе почнат со работилници и организирана психолошка помош во неколку училишта и градинки, кои веќе побарале помош.