Американскиот претседател Доналд Трамп делумно го изненади светот со наметнувањето на, за многу земји, високи тарифи за увоз на нивните производи во Соединетите Американски Држави. За некои од земјите, царините се шокантни затоа што не очекуваа дека ќе бидат толку високи, надевајќи се дека сојузништвото и наводното пријателство со САД е доволно да бидат заштитени од оваа одлука (пример: Македонија 33%, ЕУ 20% тарифи).
За останатите не се шокантни, затоа што јавноста навикна претседателот Трамп навистина да ги реализира своите изјави и закани, без разлика колку тие звучат опасно и дестабилизирачки на глобално ниво.
Оправдувањето на претседателот Трамп е дека овие тарифи се заштита на американската економија и дека се реципроцитетни. Кога ќе се погледне списокот, малку е смешно и да се помисли дека една разорена од војната Сирија, на која и се наметнати 41% на увозни тарифи, на било кој начин може да ја загрози американската економија. Од друга страна, на списокот ги нема Русија, Белорусија, Куба и Северна Кореја.
Иако оправдувањето од Белата куќа дека незначителната трговија со овие земји (без Русија) е причина што нема тарифи за нив, експертите сметаат дека изземањето на Русија е политичка и економска одлука. САД имаат интерес да продолжат да купуваат нуклеарно гориво, вештачко ѓубриво и платина од Русија.
Светот различно реагираше на оваа трговска одлука на САД, секоја земја од свој аспект. Европската Унија не избрза да реагира со контра тарифи, но ќе одговори соодветно, Бразил ќе поднесе жалба пред Светската трговска организација (СТО), додека азиските земји (Кина, Јужна Кореја и Јапонија), веќе се организираа за да ги заштитат своите автомобилски индустрии, но и да ја зајакнат меѓусебната соработка.
Заедничко на сите реакции кон оваа одлука на претседателот Трамп, освен непријатноста на изненадувањето и огорченоста, им е – дека никому ништо добро нема да му донесат и дека во секоја трговска војна страдаат три страни: двете инволвирани и глобалната економија.
Примери на трговски војни на САД низ историјата
Случајот на воведување на над 50% тарифи за увоз од Канада, Европа и Белика Британија од американскиот претседател МекКинли во 1890 година бил пример на кој претседателот Трамп му се восхитувал. Оваа мерка при крајот на 19 век била со цел да се зајакне американската економија и со очекувања Канада толку да пропадне, за на крај да стане 51 земја на САД. Сепак, Канада реагирала соодветно и резултатот бил економски удар за сите страни вовлечени во трговската војна.
Во 1930 година американскиот претседател Херберт Хувер го потпишува законот Смут-Хаули (Smoot-Hawley law) за зголемување на тарифите за увоз на индустриски и земјоделски производи од Европа и Канада на 20%. Веднаш реагирале Франција, Канада и Шпанија со контра тарифи и трговската војна експлодирала. Следниот американски претседател, Френклин Рузвелт, во 1934 година вовел реципроцитетни тарифи за да го намали негативниот ефект од трговската војна и до 1939 година САД потпишале билатерални договори за регулирање на тарифите и на трговијата со 19 земји.
Периодот на опоравување на европските земји од Втората светска војна ги натерало државите да купуваат евтино пилешко месо од САД. Како резултат на ова, европските фармери почнале да реагираат, стравувајќи за своите производи и тогашната Европската економска заедница во 1962, наметнува царина за увоз на пилешко месо од САД. Во следните години, глобалната продажба на пилешко месо од САД опаѓа за 30% и американскиот претседател Линдон Џонсон потпишува одлука за воведување на тарифи за увоз во САД на компири, мали камиони, хемикалии за производство на хартија… Тарифите за увоз на мали камиони, популарно наречени „пилешки данок“, се уште се присутни во САД.
По создавањето во 1993 година, Европската Унија наметнува тарифи за увоз на банани од Јужна Америка. Оваа одлука ги погодува американските фирми бидејќи биле доминантни сопственици на плантажите за банани во Јужна Америка. САД во 1997 година поднеле жалба во Светската трговска организација која одлучила во нивна корист.
Како одговор на „банана тарифата“, САД вовеле царина од 100% за увоз на шкотски кашмир и француско сирење од ЕУ (покрај останатите тарифирани производи). Спорот бил решен во 2009 година, кога ЕУ потпишала билатерални договори со 10 земји од Јужна Америка и со САД за намалување на тарифите за увоз на банани.
Одлуките на новата администрација на претседателот Трамп се продолжение на претходно почнатата трговска војна со Кина во 2018 година, кога во првиот претседателски мандат, Трамп воведе царина од 25% за увоз на повеќе од 800 производи од Кина, меѓу кои и соларни панели и машини за перење на алишта.
Одговорот на Кина беше воведување на тарифи од 25% за увоз на 128 производи од САД. Дополнително, Трамп воведе тарифи од 25% за увоз на челик и 10% за увоз на алуминиум од ЕУ, Канада и Мексико. Оваа трговска војна со Кина наводно заврши со „примирје“ во 2020 година, за следниот американски претседател Џо Бајден да ги задржи тарифите за Кина и да ги прошири со забрани за кинески инвестиции во САД.
Ефекти од трговските војни и од новата војна на САД
Новата трговска војна на САД го отсликува стравот на американските челници од губењето на американскиот примат во глобалната економија. Поради загрозеноста на САД од забрзаниот раст на Кина и од огромната зависност од увоз на ретки минерални суровини, следени со растечка инфлација, Трамп носи одлука со која смета дека ќе ја заштити и обнови американската економија. Од друга страна, според теоријата, Одлуките за почнување на трговска војна се резултат на лоши внатрешни економски политики, кои се фокусирани врз профитот – на штета на работната сила.
Овие војни, освен што ќе ги зголемат цените на производите во САД, ќе ја намалат куповната моќ на Американците, ќе ја зголемат невработеноста и негативно ќе придонесат кон американската економија, затоа што нема сите земји во светот да преговараат со САД за намалување на тарифите. Истиот ефект ќе се почувствува и во земјите кои имаат поголема зависност од трговијата со САД.
Иако целта на оваа трговска војна е да се намaли трговскиот дефицит на САД, да се зголеми домашното производство и да се отворат нови работни места, во ера на максимална глобализација и поврзаност, ова ќе придонесе до забавување на економскиот раст и до зголемување на инфлацијата во САД. Дополнително, Кина заедно со Индија и со посилните економии во светот, ќе се свртат кон зголемена меѓусебна соработка и најголемите губитници од трговската војна ќе бидат Европа и западните светски партнери на САД.
САД од себеси ќе направат економски остров „заштитен“ со царини кој полека ќе го девалвира доларот и ќе создаде простор за економиите на БРИКС и за нивната нова трговска валута. Бившиот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис предупредува дека со крипто валутите и технолошкиот развој, овие одлуки на Трамп потсетуваат и водат кон промена на светската економија многу слично како после економскиот шок кој го направи американскиот претседател Ричард Никсон во 1971 година.
Никсон потпишал одлука со која – американскиот долар престанува да биде конвертибилен во злато и светскиот курс за размена на доларот не е фиксен, се воведува 10% царина за увоз на сите стоки и придонесува кон укинувањето на Бретон Вудс системот кој бил основица за создавање на две светски финансиски институции: Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Aмерика ќе стане „заѕидана нација“.
Што сега?
Кина одговори соодветно, зголемувајќи ги своите увозни тарифи за американски производи на 125%, САД со тарифите за Кина стигнаа до 145%. Од друга страна, ЕУ е подготвена да преговара иако Трамп одлучи да стави 90 дена пауза за тарифите за ЕУ.
Сведоци сме на промена на формата на глобализација која ја живееме последниве 30 години. Пукајќи си во нога со тарифите, САД буквално ја оставаат Кина да го преземе водството во светската трговија со нејзината политика на отвореност, соработка и со отсуство на политичко мешање во внатрешните проблеми на државите со кои соработува.
БРИКС ќе продолжи да расте, финансиските пазари ќе се преструктуираат, некои држави ќе се „испазарат“ со САД за помали тарифи, а поголемите ќе создадат свои пазари, со свои правила на игра. Која страна ќе ја фати Македонија, останува да видиме врз основа на мудроста на актуелните политички поглавари. Како и да заврши ова поглавје, светот нема да биде ист.
Соња Стојадиновиќ