Логиката вели дека ова е повеќе од обична политичка кавга. Ако гребеме под површината, ќе видиме дека „разводот“ не е само пренасочување на вниманието, туку инфраструктурен кошмар што не му одговара никому. Затоа што кога „старата дама“ и „каубојот“ се караат, светот губи рамнотежа.
Понекогаш геополитиката најдобро се објаснува со метафора: „старата дама“ (Европа) и „каубојот“ (САД) може да се караат, да се лутат, да се уценуваат со тишина, но ако навистина се разведат, тоа ретко завршува со „нормални односи“. Разводот не е само емоција; тоа е поделба на имот, расправа околу старателство и најопасно -исклучување на заедничкиот „рутер“ што ги држи поврзани.
Историски гледано, Атлантската повелба, дефинирана од стариот и мудар волк Черчил на која тој толку посветено работи во текот на 1940 и 1941 година, треба да се изучува на сите политички школи во светот. Таа е пример за сојузништво на силата во опаѓање и силата во подем, но со една клучна околност која тоа го овозможува: состојба на имање на заеднички непријател. Таа логика е стара колку и дипломатијата: „непријателот на мојот непријател е мој пријател“.
Но, кога заедничкиот непријател се менува, а интересите почнуваат да се разидуваат, на површина излегува суштината: сојузништвото не е романса – тоа е инфраструктура. И тука е главната теза: „разводот“ САД–Европа би бил катаклизмичен не затоа што би снемало симпатии, туку затоа што би се разнишале стандарди, мрежи, командни системи, логистика и разузнавачки капацитети. Тоа е сето она што денес го земаме здраво за готово.
Економски ривали: Европа како инженерски врв, Америка како „нервен систем“
И покрај тоа што Европа по Втората светска војна се чувствуваше како „чувано дете“ од новите сили во Вашингтон и Москва, таа останува хаб на знаење, инфраструктура и единствениот најуспешен пример на институционализиран либерализам. Во таа рамка, Европа создаде импресивно хардверскo портфолио: тенкови (Leopard), борбени авиони (Eurofighter, Rafale), подморници и цивилно-воени индустриски синџири.
Европа покажа дека е на самиот врв во инженерските процеси во светот. Но, паралелно со овој „хардверски инструментариум“, во Силиконската долина се создаваше идниот „софтверски центар на светот“. Тоа подразбира „нервниот систем“, нешто што може да ги синхронизира сите овие безбројни моќни парчиња да функционираат како еден организам. Во 21 век, моќта не е само во тоа кој има подобар „хардвер“, туку кој може да го синхронизира хардверот во мрежа.
Да земеме еден пример што е премногу очигледен за да биде игнориран, а ја открива длабочината на индустриската конкуренција: Airbus vs Boeing.

Прашањето што „чеша“ е следното: Ако Европа може да испорача таков индустриски обем и квалитет во цивилен авион, колку брзо и длабоко би можела да го пренасочи тој капацитет кон следната генерација воени платформи?.
Проблемот не е само во фабриките, туку во сертификацијата и „воените спецификации“ (Mil-Spec) кои со децении се диктирани од Пентагон. Да се направи добар патнички авион е едно, но да се направи „летечки компјутер“ кој преживува електронско попречување е сосема друга дисциплина каде Европа сè уште заостанува.
И ако може, што тоа ќе значи за американскиот воено-индустриски комплекс и за пазарот на F-35, кој е рбетот на воздушните сили за следните децении?
Пари, бројки и „фер-поделба“: Кога љубовта се мери во проценти
Една од најголемите историски тензии во трансатлантските односи е онаа тивка реченица што се повторува со децении: „плаќате ли доволно?“. Ако партнерството се претвора во чувство дека едниот партнер постојано ја покрива сметката, во еден момент се појавува искушението за „излезна стратегија“.
Податоците покажуваат дека Европа навистина ја крена кривата. Во 2024 се проценува дека 23 од 32 НАТО сојузници го достигнуваат прагот од 2% од БДП за одбрана (во 2021 биле само шест). Но, за да ја сфатиме сериозноста, мора да ги погледнеме апсолутните бројки кои покажуваат дека Европа се обидува да стане „арсенал“.

Ова е сигнал дека Европа се обидува да го затвори индустрискиот и буџетскиот јаз. Но, тука доаѓа клучниот пресврт: повеќе пари не значи автоматски повеќе моќ, ако набавките се фрагментирани, ако одржувањето е скапо и ако интероперабилноста остане „на хартија“. Затоа, прашањето за разводот не е само „колку плаќаме“, туку како го претвораме плаќањето во заедничка инфраструктура.
Сателити, „oблак“ и НАТО како мрежа
Кога човек сериозно ќе влезе во темата GNSS (GPS, GLONASS, BeiDou, Galileo), сфаќа нешто непријатно: навигирањето не е апликација, тоа е моќ. Се сеќавам дека полагајќи воена топографија, ми стана јасно дека GPS е оперативен систем на САД, кој преку триангулација овозможува хируршки прецизно водење на хардверски компоненти. Пластично кажано – ракетата да погоди конкретен метар квадратен.
Европа има свои амбиции преку Galileo, и технички тие амбиции не се празна приказна. Галилео има импресивна точност (помала од 1 метар). Но, едно се амбициите, друго се фактите. Геополитиката не ја интересира само точноста, туку севкупниот „сензорски екосистем“. Која држава може да обезбеди податоци во живо за секој дел од светот во секој момент, доволно јасно за да се прочита името на војникот на неговата униформа?
Уште поважно, НАТО не е зграда во Брисел, туку огромна мрежа на споделени податоци и Cloud системи. Американскиот DoD официјално го награди Joint Warfighting Cloud Capability (JWCC) како мулти-cloud рамка со Amazon, Google, Microsoft и Oracle. Ова е признавање дека „облакот“ е дел од војувањето. Нејасно е дали Европа воопшто има потенцијал да им конкурира во следните децении на ова поле. Европа има „бриселски ефект“, моќ да поставува регулативни стандарди, но регулативата е различна од оперативна доминација во дигиталната воена инфраструктура.
И конечно, слонот во собата: Стратешките „прекинувачи“ и нуклеарниот штит
Иако Европа разви свои воени орудија (Еурофајтер, Леопард), стратешките капацитети не се доволно развиени. Најдобрите примери се стратешкиот транспорт на големи групи и полнењето гориво во воздух . НАТО сам нагласува дека постојат иницијативи (SAC, SALIS) за покривање на овој дефицит, каде базите во Унгарија (Pápa) со C-17 авионите се мултинационален модел за држави што немаат своја флота. Самото постоење на овие шеми е доказ за структурен проблем: самостојна стратегиска мобилност е скапа и ретка.
Но, вистинската зависност е во ракетната одбрана. Базата Aegis Ashore во Полска и Романија, радарот за рано предупредување во Турција (Kurecik) и разорувачите во Шпанија претставуваат архитектура на доверба. Кој го има радарот, кој ги има пресретнувачите и командното поврзување – тој ја држи ткаенината. Нападот на Иран врз Израел (со над 300 проектили) покажа дека во современото војување, одбраната е мрежа од сензорска фузија и брза размена на податоци.
Францускиот тенк да може да комуницира со германскиот Еурофајтер е можно само преку американски протокол и криптирани радио врски кои НАТО ги прифатил. НАТО стандардот за кој говориме е всушност американски стандард на воената индустрија. Тоа е таканаречениот Link 16 стандард за размена на тактички податоци. Без овој американски криптиран „јазик“, европските армии се само збир на изолирани национални гарди кои не можат да споделат слика од радарот во реално време.
Американскиот клин и Европскиот „носач на авиони“: Зошто на САД им треба Стариот континент?
Но, оваа инфраструктурна зависност не е случајна, ниту пак е еднострана. Ако 2025 е годината на наплата, периодот помеѓу 1989 и 2014 година е времето кога долгот беше направен . За да разбереме зошто „разводот“ би бил стратешки кошмар и за Вашингтон, мора да ја погледнеме мапата со очите на Николас Спајкмен и неговата теорија за „Римленд“ (Rimland).
Вашингтон никогаш не страдаше од илузии за „заеднички европски дом“. Американската геостратешка доктрина има еден ноќен кошмар уште од времето на Мекиндер: Обединување на германската индустрија и руските ресурси. Затоа, проширувањето на НАТО на исток првично беше забивање на „клинот“ (санитарен кордон) помеѓу Берлин и Москва, трајно спречувајќи создавање на евроазиски хегемон кој би ги направил САД ирелевантни.
Меѓутоа, Европа за Америка не е само тампон-зона; таа е оперативна платформа. Без Европа, САД немаат „проекција на моќ“ во критичните зони на Евроазија:
- Источен Медитеран и Блиски Исток: без базите како Сигонела (Италија), Суда Беј (Грција) и Рота (Шпанија), американската Шеста флота е бездомник. Контролата врз Суец, поддршката за Израел и операциите во Сирија се логистички невозможни директно од Флорида. Европа е „непотопливиот носач на авиони“ закотвен пред портите на Ориентот.
- Кавказ и Црно Море: логистиката за спречување на руската доминација во Црното Море и пристапот до енергетските коридори на Кавказот поминуваат низ европската инфраструктура (Рамштајн во Германија како логистички центар и базите во Романија).
- Глобален дофат: Европа е платформа и упориште преку кој атлантската сила (САД) влегува во „Светскиот остров“ (Евроазија).
Затоа, тезата за „Обратен Кисинџер“ — каде САД ја туркаат Русија кон Кина за да ја изолираат Европа има своја цена. Со слабеењето на Европа и потенцијалното повлекување, САД сами си ја сечат гранката на која седат. Европа, во својата наивност, можеби го аплаудираше сопственото ставање во кафез, но без тој кафез, американскиот орел нема каде да слета на источната хемисфера.
Разводот би значел дека САД доброволно абдицираат од позицијата на евроазиска сила и се повлекуваат во изолацијата на западната хемисфера, нешто што ниту една империја во историјата не го преживеала без губење на приматот.
Што останува за нас?
Разводот меѓу САД и НАТО би бил како на Европа да ѝ го исклучиш GPS сигналот и рутерот за интернет. Затоа, европската стратегија EDIS е всушност „анти-развод документ“ и претставвува обид Европа да стане помалку зависна, но истовремено е признание дека без САД, мрежата е кревка.
Што останува за нас? За нас НАТО е егзистенцијален воен сојуз, кој можните непријатели ги прави ако не сојузници, барем не може лесно да ни бидат непријатели. Но, материјалниот аспект на нашето функционирање: економијата, мобилноста, регулативите е егзистенцијално врзан за Европа.
Во ова преструктуирање, мудрото нешто би било да се водиме по Европа, но да бидеме проактивни. Најлошото сценарио не е дека ќе мора да избираме страна, туку дека ќе избираме во услови на распадната мрежа. Затоа што разводот меѓу старата дама и нејзиниот каубој може да остави многу „деца без старателство“ – сирачиња на една пропадната инфраструктура.
Aлександар Иванов










