понеделник, 8 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зелена агенда

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

За да може крупниот капитал… ова… либералната демократија да опстои и напредува на планетата којашто тој сериозно ја осакати, ги воведе борбата против климатските промени и зелената агенда. Последнава, всушност, се состоеше во дополнително натрупување на зелени банкноти на контото на крупниот капитал за сметка на работничко-потрошувачката раја и во тресење зелени од страна на разноразни политичари, новинари, активисти и експерти, чијашто високоумна експертиза требаше да ја поттикне работничко-потрошувачката раја доброволно да си ја одере кожата, да диши помалку воздух, да пие помалку (и вода и ракија) и секако, да прди помалку, за да можат супер-богатите да се распрдат… ова…за да се спаси планетата, де!

Верно, Апсурдистан беше еден од светските лидери во борбата против климатските промени и зелената агенда. Имено, Апсурдистан направи низа прометејски климатски потфати: најпрвин го преполови бројот на зраци на сонцето, потоа го принуди ветрот да дува само од север, ги позелени површините на џебовите на своите функционери за дополнитени 78%… не само што не им фрлаше ѓубре во дворот на комшиите, туку го примаше и нивното ѓубре во својот двор. Па сепак, и покрај сите овие усрдни напори на апсурдистанските политичари, резултатите беа поразувачки – во Апсурдистан постојано никнеа нови депонии, климата, наместо северна, стануваше тропска, на лето беснееја сè повеќе пожари – и додека џебовите на функционерите и крупниот капитал зеленееја, оние на апсурдистанскиот народ беа јагленосани.

Метафизичката управа, меѓутоа, заклучи, дека ова не се реални состојби. Затоа, од Управата воведоа нова метрика. Па така, загаденоста веќе не се мереше според контаминацијата на воздухот со штетни материи, туку според контаминацијата на штетните материи со воздух, стандардот на населението веќе не се мереше според висината на платите, туку според тоа колку високо може да оди пирамидата од функционери, инвеститори и други парајлии… ова… угледни претприемачи врз неговиот грб, зелените површини повеќе не беа површините облагородени со трева и други насади, туку површините облагородени со зградурии и молови, нивото на бучава не се мереше според децибелите и коњските сили што парадираа по апсурдистанските улици и булевари, туку според граѓаните кои протестираа и се бунеа против сето тоа…

Па сепак, дури и со ваквите параметри, се покажа дека Апсурдистан не покажува доволен напредок: во штетните материи кои ги дишеа Апсурдистанците сѐ уште имаше премногу воздух, постоеше простор за натамошно зголемување на цените и намалување на платите на работниците за да се надгради пирамидата на неработниците… ова… на уважените апсурдистански политичари и домашни и белосветски претприемачи, пејзажот под итно треба дополнително да се унакази… ова… облагороди со нови блокови станбени згради, а нивото на бучава на апсурдистански граѓани кои се жалат од лоши политики, ниски плати и некаква си бучава и загаденост на воздухот во вечерните часови е на недозволено високо ниво!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ