четврток, 3 јули 2025
Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Запрете го Нетанјаху пред да нè убие сите

Наскоро би можеле да видиме како неколку нуклеарни сили спротивставени една против друга го влечат светот поблиску до нуклеарно уништување.

Речиси 30 години, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го турка Блискиот Исток во војна и уништување. Човекот е буре барут на насилство. Низ сите војни што ги застапувал, Нетанјаху отсекогаш сонувал за големата: да ја победи и собори иранската влада. Неговата штотуку започната долгоочекувана војна може да нè убие сите во нуклеарен Армагедон, освен ако Нетанјаху не биде запрен.

Фиксацијата на Нетанјаху со војната датира од неговите екстремистички ментори, Зеев Жаботински, Јицак Шамир и Менахем Бегин (Ze’ev Jabotinsky, Yitzhak Shamir, Menachem Begin). Постарата генерација верувала дека ционистите треба да користат какво било насилство – војни, атентати, терор – сѐ што е потребно за да ги постигнат своите цели за елиминирање на какво било палестинско барање за татковина.

Основачите на политичкото движење на Нетанјаху, Ликуд, повикаа на ексклузивна ционистичка контрола врз целата територија што некогаш беше Палестина под британска контрола. На почетокот на британскиот мандат во раните 1920-ти, муслиманските и христијанските Арапи сочинуваа околу 87% од населението и поседуваа десет пати повеќе земја од еврејското население. Од 1948 година, Арапите сè уште беа побројни од Евреите приближно два спрема еден. Сепак, основачката повелба на Ликуд (1977) наведуваше дека „помеѓу Морето и Јордан ќе има само израелски суверенитет“. Сега повикот „од реката до морето“, која е окарактеризирана како антисемитска, се покажува како антипалестински повик за собирање на Ликуд.

Предизвикот за Ликуд беше како да ги оствари своите максималистички цели и покрај нивната очигледна нелегалност според меѓународното право и моралот, кои повикуваат на решение за две држави.

Во 1996 година, Нетанјаху и неговите американски советници смислија стратегија „Чист прекин“. Тие се залагаа Израел да не се повлече од палестинските земји освоени во војната во 1967 година во замена за регионален мир. Наместо тоа, Израел ќе го преобликува Блискиот Исток по свој вкус. Клучно е што стратегијата ги предвидуваше САД како главна сила за постигнување на овие цели – водење војни во регионот за да ги демонтира владите што се спротивставуваат на доминацијата на Израел над Палестина. САД беа повикани да водат војни во име на Израел.

Стратегијата „Чист прекин“ ефикасно ја спроведоа САД и Израел по 11 септември. Како што откри врховниот командант на НАТО, генерал Весли Кларк, набргу по 11 септември, САД планираа „да ги нападнат и уништат владите во седум земји за пет години – почнувајќи од Ирак, потоа Сирија, Либан, Либија, Сомалија, Судан и Иран“.

Првата од војните, на почетокот на 2003 година, беше да се собори ирачката влада. Плановите за понатамошни војни беа одложени бидејќи САД беа заглавени во Ирак. Сепак, САД ја поддржаа поделбата на Судан во 2005 година, израелската инвазија на Либан во 2006 година и инвазијата на Етиопија во Сомалија истата година. Во 2011 година, администрацијата на Обама ја започна операцијата на ЦИА „Тимбер Сикамор“ против Сирија и, заедно со Велика Британија и Франција, ја собори либиската влада преку бомбардирање во 2011 година. Денес, овие земји лежат во урнатини, а многу од нив сега се вмешани во граѓански војни.

Нетанјаху беше навивач на овие војни – или јавно или позади сцената – заедно со неговите неоконзервативни сојузници во Владата на САД, вклучувајќи ги Пол Волфовиц, Даглас Фејт, Викторија Нуланд, Хилари Клинтон, Џо Бајден, Ричард Перл, Елиот Абрамс и други.

Сведочејќи во Конгресот на САД во 2002 година, Нетанјаху се залагаше за катастрофалната војна во Ирак, изјавувајќи: „Ако го отстраните Садам, режимот на Садам, ви гарантирам дека тоа ќе има огромни позитивни последици врз регионот“. Тој продолжи: „И мислам дека луѓето што седат веднаш до нив во Иран, младите луѓе и многу други, ќе речат дека времето на ваквите режими, на ваквите деспоти е завршено“. Тој, исто така, лажно му рече на Конгресот: „Нема сомнение дека Садам бара, работи, напредува кон развој на нуклеарно оружје“.

Слоганот за преобразба на „Нов Блиски Исток“ го обезбеди слоганот за овие војни. Првично наведено во 1996 година преку „Чист прекин“, беше популаризирано од државната секретарка на САД Кондолиза Рајс во 2006 година. Додека Израел брутално го бомбардираше Либан, Рајс изјави:

„Она што го гледаме овде, во извесна смисла, е растењето – породилните болки на еден нов Блиски Исток и што и да правиме, мора да бидеме сигурни дека се движиме напред кон новиот Блиски Исток, а не кон враќањето на стариот.“

Во септември 2023 година, Нетанјаху на Генералното собрание на ОН ја презентираше мапата на „Новиот Блиски Исток“ со која целосно се брише палестинската држава. Во септември 2024 година, тој го разработи овој план покажувајќи две мапи: едниот дел од Блискиот Исток „благослов“, а другиот – вклучувајќи ги Либан, Сирија, Ирак и Иран – проклетство, бидејќи се залагаше за промена на режимот во последните земји.

Војната на Израел против Иран е последниот потег во децениската стратегија. Сведоци сме на кулминацијата на децениската екстремистичка ционистичка манипулација на американската надворешна политика.

Премисата на израелскиот напад врз Иран е тврдењето дека Иран е на работ да се здобие со нуклеарно оружје. Таквото тврдење е глупаво бидејќи Иран постојано повикува на преговори токму за да се отстрани нуклеарната опција во замена за прекин на децениските санкции на САД.

Од 1992 година Нетанјаху и неговите поддржувачи тврдат дека Иран ќе стане нуклеарна сила „за неколку години“. Во 1995 година, израелските претставници и нивните американски поддржувачи прогласија временска рамка од 5 години. Во 2003 година, директорот на военото разузнавање на Израел изјави дека Иран ќе биде нуклеарна сила „до летото 2004 година“. Во 2005 година, шефот на Мосад изјави дека Иран би можел да ја изгради бомбата за помалку од 3 години. Во 2012 година, Нетанјаху во Обединетите нации тврдеше дека „уште само неколку месеци, можеби неколку недели, и ќе добијат доволно збогатен ураниум за првата бомба“. И така натаму.

Овој модел на поместување на роковите од над 30 години означува намерна стратегија, а не неуспех во пророштвото. Тврдењата се пропаганда – секогаш постои „егзистенцијална закана“. Поважно е лажното тврдење на Нетанјаху дека преговорите со Иран се бескорисни.

Иран постојано повторува дека не сака нуклеарно оружје и дека е подготвен да преговара. Во октомври 2003 година, врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи издаде фатва со која се забранува производството и употребата на нуклеарно оружје – одлука што подоцна официјално ја цитираше Иран на состанокот на МААЕ во Виена во август 2005 година и оттогаш се споменува како религиозна и правна пречка за развој на нуклеарно оружје.

Дури и за оние кои се скептични во врска со намерите на Иран, Иран постојано се залага за договор со независна меѓународна верификација. Спротивно на тоа, ционистичкото лоби се спротивстави на какви било такви спогодби, барајќи од САД да ги одржат санкциите и да ги отфрлат договорите што би овозможиле строг мониторинг на МААЕ во замена за укинување на санкциите.

Во 2016 година, администрацијата на Обама, заедно со Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија, го постигнаа Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) со Иран – значаен договор за строго следење на нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите. Сепак, под постојан притисок од Нетанјаху и ционистичкото лоби, претседателот Трамп се повлече од договорот во 2018 година. Предвидливо, кога Иран одговори со проширување на збогатувањето на ураниум, беше обвинет за кршење на договор што самите САД го напуштија. Двојниот стандард и пропагандата тешко се занемаруваат.

На 11 април 2021 година, израелскиот Мосад ги нападна иранските нуклеарни постројки во Натанц. По нападот, на 16 април, Иран објави дека дополнително ќе го зголеми збогатувањето на ураниум, како предност во преговарањето, додека постојано апелираше за обновени преговори за договор како JCPOA. Администрацијата на Бајден ги отфрли сите такви преговори.

На почетокот на својот втор мандат, Трамп се согласи да отвори нови преговори со Иран. Иран вети дека ќе се откаже од нуклеарното оружје и дека ќе биде предмет на инспекции на МААЕ, но го задржа правото да збогатува ураниум за цивилни цели. Администрацијата на Трамп се чинеше дека се согласува со ова, но потоа се повлече. Оттогаш, имаше пет рунди преговори, при што двете страни известуваа за напредок во секоја прилика.

Шестата рунда наводно требаше да се одржи во неделата, на 15 јуни. Наместо тоа, на 12 јуни Израел почна превентивна војна против Иран. Трамп потврди дека САД однапред знаеле за нападот, дури и додека администрацијата јавно зборуваше за претстојните преговори.

Нападот на Израел беше извршен не само во средината на преговорите кои напредуваа, туку и неколку дена пред закажаната Конференција на ОН за Палестина, која ќе ја унапредеше каузата за решението за две држави. Таа конференција сега е одложена.

Нападот на Израел врз Иран сега се заканува да ескалира во целосна војна што ќе ги привлече САД и Европа на страната на Израел и Русија, а можеби и Пакистан на страната на Иран. Наскоро би можеле да видиме неколку нуклеарни сили спротивставени една против друга и да го влечат светот поблиску до нуклеарно уништување. Часовникот на судниот ден е на 89 секунди до полноќ, најблиску до нуклеарен Армагедон откако часовникот беше лансиран во 1947 година.

Во текот на изминатите 30 години, Нетанјаху и неговите поддржувачи од САД уништија или дестабилизираа 4.000 км од земји што се протегаат низ Северна Африка, Африканскиот рог, Источниот Медитеран и Западна Азија. Нивната цел беше да ја блокираат палестинската држава со соборување на владите што ја поддржуваат палестинската кауза. Светот заслужува подобро од овој екстремизам. Повеќе од 180 земји во ОН повикаа на решение со две држави и регионална стабилност. Тоа има повеќе смисла отколку Израел да го доведе светот на работ на нуклеарен Армагедон во потрага по своите нелегални и екстремистички цели.

Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

(Преземено од Common Dreams)

 

 

 

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Зoшто двојните стандарди во извештајот

Филип Клетников

Пинџурот на неоколонијалистите

Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

Време е за сеопфатен мир на Блискиот Исток

Алис Тејлор

Како Албанија му се спротивставува на кинеското влијание

Билјана Ванковска

Кинескиот модел: демократија што испорачува

Љубомир Николовски

НБА родители и деца

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ