петок, 23 јануари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Замолчени гласови: Газа и повелбата што Палестинците никогаш не ја потпишаа

Свечената церемонија на потпишување на Повелбата на трамповиот Борд за мир среде Давос, симболот на корпоративната моќ, го означи раѓањето на нова бизарна меѓународна организација. За жал, нејзиното зачнување беше со благослов на Советот за безбедност на ОН, единственото легитимно тело кое одлучува за светскиот мир и безбедност. Со 13 гласа ЗА и две воздржани супер сили (Русија и Кина), уште во ноември 2025 година Доналд Трамп си го отвори патот кон доживотна позиција на своевиден хеџфонд, во кој веќе почна да собира милијарди долари со pay to play (плати за да играш) формула за постојано седиште во Борд.

Она што до скоро наликуваше на налудничава идеја на еден нарцисоиден манијак, денес почна да ги добива своите контури. Неговиот зет Џерет Кушнер ја претстави „Ривиерата“ на Трамп (се разбира, под друго име) и т.н. бизнис потенцијали на Газа и нејзиното крајбрежје. Ни кажаа дека со овој проект ќе се изгради „нова Газа“, а можеби (да бидам цинична) и нови Палестинци. За нив ќе се отвореле нови домови наместо шатори (врз она што веќе беа нивни домови, врз кои беше извршен домоцид покрај геноцидот), а и работни места; веројатно мислат како послуга на богаташите кои ќе живеат во раскошните небодери.

Ми падна на ум сцената од едно скорешно видео: еден млад Палестинец, кој личеше на Метузалем кој ги искусил сите несреќи и зла на светот, трпеливо копаше и ја сееше земјата од една дупка низ огромно сито. На прв поглед некој би рекол дека безуспешно во куп урнатини бара злато (сликата беше слична), а тој всушност ги „требеше“ ситните коски на своето детенце и сопругата кои ги изгубил на тоа место пред подолго време. Сега можел да пристапи до тоа место. Сега ззмислете врз какви темели се гради „мирот“ на Трамп и сите оние вазалски држави кои седнаа околу него. Во Повелбата (која не е на Обединетите Нации, туку на одбраните нации и подготвените да платат за влажните бизнис  соништа на Трамп) не се ни спомнува Газа, туку „градење на мир“ во светот. Значи Газа дури не е ни цел, туку почеток на една налудничава серија на трамповиот пат на челикот и бетонот, заедно со казина и луксузни ресорти.

Треба ли да се спомне дека во Бордот не седи ниту еден Палестинец (не затоа што бил баран кандидат, туку затоа што е незамисливо дека кој било Палестинец би бил прифатен од Нетанјаху, обвинетиот злосторник од Меѓународниот суд на правдата)? Палестинскиот народ, столчен и понижен во калта и истрошен од гладување, е претставен преку „технократско тело“. Националниот комитет за управување со Газа (NCAG) претставува преодно тело на технократи и „аполитични“ луѓе, кое беше формирано во средината на јануари, со задача да го надгледува цивилното управување, стабилизацијата и раната реконструкција на Појасот Газа по години на разорен геноцид. Тој беше воспоставен врз основа на Резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН, кој ја легитимираше т.н. мировна рамка предложена од Соединетите Држави. Комитетот е замислен да функционира како привремена административна власт за Газа, управувајќи со секојдневните работи додека поширокиот политички процес се развива, а Палестинската самоуправа спроведува „реформи“. Предвидено е да работи под надзор на новоформираниот меѓународен „Одбор за мир“, со кој претседава американскиот претседател Доналд Трамп. На чело на ова тело, во кое седат 15 палестински членови, стои д-р Али Абдел Хамид Шаат, 68-годишен палестински градежен инжењер. Тоа е човек без демократски легитимитет, но некој кој треба да го води продупченото палестинско бротче меѓу чудовиштата Сцила и Харибда, да го претставува својот народ (ама со технократски начин, без барање правда па дури и фер однос кон територијата на која е и самиот роден), да покаже дека Палестинците имаат улога на актер (agency), ама истовремено да ги задоволи и доживотниот и непроменлив „чеармен“ и неговите другари со дебели криминални досиеја (Блер и Нетанјаху се само некои од нив). На свечената церемонија се обрати и тој, како веќе активен „премиер“ на новата палестинска влада, која нема право на одлучување за ништо значајно, но симболички покажува дека Палестинците се политички актер. Тие се надеваат и на политички и секаков друг суверенитет. Но, ова е мртвородено тело, затоа што е и зачнато во гревот, во најсрамниот ден на ОН кога се донесе Резолуцијата 2803. Редно е да се каже дека ОН благословија геноцид, дозволија натамошна колонизација, па дури и посуптилен начин на истребување на Палестинците.

Можеби, сите ние кои отстрана (и од безбедно) гледаме, сочувствуваме, се гневиме и посакуваме правда, треба да се прашаме што мисли обичниот човек по неколкугодишно страдање во Газа која е сторена прав и пепел. Тие го бараат, разбирливо, првенствено правото на живот. Првата и најитната работа е да не бидат гонети и убивани (а само пред некој ден беа убиени тројца новинари, неколку деца починаа од студ, неброени се „инцидентите“ во наводното примирје). На денот на свеченото потпишување, таму се умираше. Ним им треба засолниште од студот, храна, болничка помош, ментална помош по сиот хорор низ кој минаа. Во најмала рака, им треба враќање на ниво на нормалност, а не бизнис стратегии и облакодери. Во овој текст сакав да се фоксуирам на гласовите на безгласните, на оние на кои всушност им е одземено правото да бидат слушнати, прашани, или кои имаат право на базично човечко достоинство, но и право на самоопределување. Трамп узурпира земја која е окупирана, и над која право нема ни Израел. Но, ретко кој да крикне. Од сите медиуми (меинстрим и алтернативни) едвај ќе најдете неколку сведочења. Зошто? Затоа што Израел се погрижи да се елиминираат сите известувачи од теренот, а странски екипи не дозволи да влезат по склучувањето на „примирјето“. Но, и она малку што ќе го најдете го потврдува сето што е содржано во наодите на Трибуналот за Газа основан од Ричард Фолк. Бев член на Поротата на совеста, која ја изнесе својата конечна пресуда во октомври минатата година. Сега е веќе заборавена, а Палестинцците се препуштени на милост и немилост на најбескрупулозните на светот.

Резолуцијата 2803 беше далеку од грешка (некои мислат дека била компромис во безизлезна ситуација). Тоа беше план преточен во акција. И сега таа Резолиција сведочи за моралниот пад на системот на ОН. Затоа ОН има одговорност за натамошниот тек на настаните. Но, после тој додворувачки текст тешко дека веќе заслужува почит. Сега почнува слободното владеење на империјалниот проект на Доналд Ј. Трамп, означен со име и презиме, а не како носител на функција (претседател на САД), што е и самото по себе недолично за некој кој го штити ционистичкиот сетлерски неоколонијализам со децении и потоа го овозможи геноцидниот план на Нетанјаху. Гласовите на Палестинците, на оние кои можат и смеат да зборуваат гласно, се нашата морална водилка во свет кој го изгубил компасот. Овој Борд не носи мир, како што не носи ни правда. Овој Борд цинично се смее и танцува врз гробовите на незнаен број цивилни жртви. Ова е крвав пир, а не почеток на мир.

А што се случува кај нас? Додека државна делегација оди на службена посета на Израел и положува цвеќе во спомен на жртвите на Холокаустот, овде никој не смее да го спомне она на Г (геноцид). Всушност, опозицијата повторно најде тема да ја напаѓа власта и да ѝ се подбива што нивниот „стратешки партнер“ (Трамп) не ги поканил во Одборот за мир. Каква морална и политичка беда е ова? Уште полошо е што, онака како што Сиљановска се затрча на почетокот на мандатот на наводна „мировна конференција“ за Украина, така и сега би се затрчала кај Трамп ако ја покани. Истото се однесува и на Мицкоски. Кој знае? Како тргнале со задолжувања, можеби ќе позајмат една милијарда долари за столче на трамповата „округла маса“ на „витези на мирот“. А некои и жалат што не сме Гренланд, иако сме Северни… Немање р’бет, немање достоинство, немање чувство за правда и солидарност. Тоа е нашата стварност.

Билјана Ванковска             

КОЛУМНИ

Чекор наназад од Европа: зошто Србија ја слабее независноста на судството...

Ристо Цицонков

Форум во Давос: нема дискусии за климатски промени?!

Александар Иванов

Меката сила како стратегија: Европа и преминот кон Реален конструктивизам (со...

Кристина Пота Радуловиќ

Како учиме да не се сакаме себеси?

Драган Даниловски

Вакцинација на возрасни во Македонија: празнини, ризици и потреба од модерна...

Билјана Ванковска

Мујо во Иран

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ