недела, 27 април 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Заменки

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.
Фото: Пиксабеј

Ѓавол ќе го знае како, еден ден на граѓанинот Шљупков некој му ги украде заменките! И така, од тој ден, граѓанинот Шљупков мораше да биде незаменлив. А да се биде незаменлив – спротивно на тоа што мнозина можеби мислат – не е баш најдобра работа. Еве, на пример, кога ќе дојдеа летните одмори, граѓанинот Шљупков не добиваше летен одмор – бидејќи беше незаменлив. Исто така, кога требаше да се работи прекувремено, граѓанинот Шљупков секогаш мораше да работи прекувремено, мораше да се појави на работа и кога беше болен – бидејќи беше незаменлив.

Најпосле, граѓанинот Шљупков доби од Метафизичката управа привремени заменки. И таман граѓанинот Шљупков се израдува што најпосле беше заменлив како секој нормален граѓанин, кога гледа – добил женски заменки наместо машки! Веднаш отиде да се пожали во Метафизичката управа, меѓутоа сè што доби од таму е парична казна за сексизам и отеровка од службеничката, кој(а) можеби и беше и службеник, или службеник со ѕвездичка, или само ѕвездичка – граѓанинот Шљупков не се ни осмели да праша, од страв да не му лепнат и втора казна!

И еве ти повторно неволји за граѓанинот Шљупков! Имено, сега, како граѓанин со женски заменки, Шљупков секогаш мораше да внимава и од напред и од позади во сообраќајот (а во Апсурдистан, богами, сообраќајот беше безмилосен), кога оди во тоалет да внимава дали – со должно извинување – ѝ се примочало на заменката или на глаголот, да внимава какви сè заменки и со какви тоа именски мотиви сакаат да го честат кафе, пијачка, да го превезат до дома (и секако, до чија тоа „дома“)… Но колку и да беше коректен, на крајот сепак, ете, како што впрочем може да се очекува од граѓанин со женски заменки, граѓанинот Шљупков – забремени и роди – две прекрасни, здрави заменки!

И таман граѓанинот Шљупков мислеше дека најпосле може да ѝ се радува на својата заменска челад и да ги остави сите перипетии зад себе, ете ти повторно беља! Имено, филозофските тимби од Метафизичката управа поведоа долга дебата за тоа со каков род и број да се заведат новородените заменки во матичната книга на родените. Дебатата сѐ уште трае.

Во меѓувреме, Шљупков, како одговорен татма… ова… матко… ова, родител ем родителка, ги порасна своите заменки, ги исшколува; како и многу други апсурдистански заменки и заменките-деца на Шљупков фатија џаде од Апсурдистан при првата прилика – оти, нели, во Апсурдистан, сите се заменливи – и станаа видни професори… ова професорки… ова… * … академски кадри на престижни странски универзитети.

Енигмата, меѓутоа, кој ги забременил привремените женски заменки на граѓанинот Шљупков, остана неодговорена. Осомничени се еден подмет и еден глагол, кои моментално се во бегство од граматиката.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Џудит Одентал

„Од каква корист се девојките?“ – Жени кои направиле револуција во...

Ристо Цицонков

Јагленот нема да се отстранува од употреба како што беше предвидено...

Џефри Сакс

Раѓањето на новиот меѓународен поредок

Флориан Несими

Распадот на коалициите и демократијата

Билјана Ванковска

ЕУ на распаќе: Царини од пријателите, трговија од ривалите

Александар Стојановски

Германија ги занемарува своите национални интереси

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ