Метафизичката управа побара од граѓанинот Шљупков да не постои. На овега, пак, и онака уморен од стоење пред разноразни комесари, емисари и разни други месари од се некои таму унии и алијанси, тоа како добро да му дојде – најпосле, граѓанинот Шљупков, откако толку долго стоеше и постоеше, сакаше малку и да си полегне, за промена.
И граѓанинот Шљупков се согласи да не постои.
Меѓутоа, на Метафизичката управа и тоа ѝ се виде малку, па така, таа побара од граѓанинот Шљупков, кој во меѓувреме не постоеше, да не се сеќава и дека некогаш постоел. Граѓанинот Шљупков, пардон… во меѓувреме непостоечкиот граѓанин Шљупков се согласи и да не се сеќава на своето постоење – најпосле, наголемиот дел од неговото најсвежо сеќавање и онака го исполнуваа со некои комесарски, амбасадорски, невладини, провладини муцки кои му сновеа низ кошмарите во главата која во меѓувреме ја немаше, пробудувајќи го од сонот кој во меѓувреме го немаше и пронижувајќи му ја со морници снагата која во меѓувреме ја немаше.
Но бидејќи во Метафизичката управа веруваа во вештерки, вампири и еднорози, се плашеа да не случајно му текне на непостоечкиот граѓанин Шљупков кој не се сеќава на ништо – да постои. Па така, побараа да потпише договор според меѓуизродното криво… ова… меѓународното право, со кој се обврзува никогаш да не посака да постои, под било кои околности. Граѓанинот Шљупков и овој пат потпиша – со задоволство! Та кој не знае дека постоењето е само кабает и мака, една грижа што товари друга, просто кажано – беља невидена! Да се сака да се постои – скраја било!
И така, на Метафизичката управа постојано ќе ѝ текнеше нешто ново и ново – зашто, нели, и глупоста е метафизичка категорија, а метафизиката, пак, е едно бесконечно ништо – само колку да се осигура дека непостоечкиот граѓанин Шљупков кој не смее да се сеќава ништо, не смее да сака да постои, нема да се свапири, дека нема да му текне да сонува, да се разбуди…
Најпосле, граѓанинот Шљупков кој не постоеше, не смееше да се сеќава дека постоел, не смееше да сака да постои и да се сеќава дека сака да постои, да сонува, да се разбуди… кој смееше само да дреме во ништото, беше сместен во Музејот на западните вредности, помеѓу купишта конгоански одрани кожи, палестински дечји крици и давеници од Лампедуза. Над сите нив, пак, беше распната голема мрежа наместо небо среде која биеше, во консензуален такт, Срцето на Темнината.
Рајко Пеколски