Пред околу две децении во нашиот политички и граѓански простор влезе терминот „проект“. Влезот настапи преку донаторскиот сектор, кој својата развојна помош за земјава, како и глобално, ја дава проектно. По одреден период, дали поради модерноста, едноставноста, но и поради континуираноста на ваквиот тип на донаторска помош и глобалната употреба, називот проект несоодветно и немерливо се рашири во политиката, институциите, образованието, културата и секојдневниот живот на обичниот човек.
Терминот „проект“ кој етимолошки значи некаков план, скица, дизајн, автентично го познаваме од архитектурата, градежништвото, инфраструктурата и слични области каде „проект“ значи техничка спецификација и документација за изградба на некакво здание. Според речникот на Кембриџ проект значи „одредена планирана работа или активност која се завршува за одредено време и служи за да се постигне одредена цел“. Од дефиницијата клучно е да се разбере дека проектот означува нешто кое штом ја оствари својата цел во ограниченото време, го достигнува својот крај и престанува да се спроведува.
Но, потребите и проблемите се континуирана неминовност во една држава. Тие не престануваат да постојат кога проектот ќе заврши. Држава не може да се води преку проекти. Државата не е проект, таа е систем. Воведувањето на „проектите“ во политичкиот дискурс оствари негативно влијае на начинот на водење на институциите во Македонија, намалувајќи, дури и некогаш исклучувајќи го системскиот и пристапот преку јавни политики во начинот на водење на инститциите и начинот на кој им се пристапува на потребите и проблемите во државата.
Оттаму, во овој текст сакам да укажам на проблемите од доминација на „проектите“ и проектниот пристап во политиката и во јавниот дискурс, како и за неопходноста од системски пристап и решенија за состојбите во државата на национално и локално ниво.
Кои се тие проблеми?
Првиот проблем – осиромашување на јазикот, речникот, комуникацијата, а со тоа и на мислата
Ова е јазичен, комуникациски и мисловен проблем.
Зборот „проект“ пречесто се користи во комуникација за да се именуваат нешта за кои веќе постои збор. Притоа, се запоставува дека називот проект е прегенерички и неопходно е да се дополни со дообјаснување. Од комуникациски аспект, се намалува ефективноста на комуникација кога начинот на кој испраќачот ја кодирал пораката не е ист со начинот на кој примателот ја декодирал. Односно, испраќачот знае што мисли под „проект“, а поради генеричноста на зборот, на примателот или не му е целосно јасно или индивидуално толкува што испраќачот мислел.
Целејќи да објасни многу, тој термин најчесто не објаснува ништо. А, напротив, доколку се користи соодветниот збор, тој доволно опишува за што станува збор. Ова е најлесно забележливо во културата и уметноста, но еве една поширока листа на примери.
Се вели „проект“, а се мисли на изложба, театарска претстава, балетска претстава, опера, претстава, филм и сосема непотребно, филмски проект, кога зборот „филм“ е доволно објаснување сам за себе. Се вели „проект“, а се мисли на некој од овие сосема различни поими: услуга, книга, фестивал, истражување, серија, серијал, концерт, новински информативен портал, емисија, субвенција, мерка. И едно од последните кои ги има во јавниот етер, да се каже проект, а се мисли на претпријатие, фирма, инвестиција, па и на правило.
Овој термин исто така често ги заменува поимите „дело“ и „мерка“. А, всушност овие поими, кога се соодветни, се попрецизни и со тоа поиндикативни за тоа што го опишуваат. Но, исто така тие се автентичен поими од ова јазично подрачје.
Да резимирам, честата употреба на терминот проект, наместо автентичниот збор кој соодветно го објаснува делото, актот, мерката, акцијата, услугата, итн, ја осиромашува мислата, ефективноста на комуникацијата и елоквентноста на изразувањето. Потребно е да бидеме свесни за ова, бидејќи начинот изразувањето и размислувањето се меѓусебно зависни. Дополнително јавните личности преку поголема елоквентност и прецизност во изразувањето можат да освестуваат и позитивно да влијаат за побогат и попрецизен јавeн говор.
Вториот проблем – ослабување на системскиот пристап на сметка на „славните“ проекти
Ова е поширок проблем, а тоа е кога на политиката, на државни, институционални прашања се пристапува проектно, наместо системски, програмски и долгорочно преку целни јавни политики и вкорпорирани мерки. Системскиот пристап значи дека на институцијата ѝ се пристапува како целина составена од повеќе меѓусебно поврзани и зависни делови, се осигурува дека ефективно ги остварува своите надлежности применувајќи ги приципите за управување поставени од државата што резултира со квалитетни и навремени услуги и задоволни граѓани корисници.
Системскиот пристап значи дека има предвидливост на квалитетот на услугата, мерката. Дека граѓаните во континуитет можат да ја очекуваат навремено со ист или подобар квалитет. А, сѐ што прави државата е некаква услуга кон граѓаните. Од автопат, до веб-страница, лекарски преглед, образование, инспекција на угостителски или туристички објекти, контрола на загадувачи, итн. Да се работи системски, значи да се превземе многу поголема одговорност. Значи дека на институцијата ѝ се пристапува со логично поврзани интервенции и мерките, се собираат и поврзуваат податоци за тоа колку корисници има и за кои услуги, мерки, каде се тие, кои се резултатите, дали има потреба од прилагодување, подобрување, итн.
Проектите и проектните размислувања се концепти на ад-хок интервенции кои не се поврзани, или интегрирани во системот. Примерите се бројни, но еве еден хипотетички, проект за промоција на 30 туристички локалитети. Ќе се направи промотивен материјал за 30 туристички локалнитети, ќе се промовираат, можеби ќе се реновира нешто, и бидејќи е проект, за некоја година тоа ќе заврши. Да се пристапи системски значи примарно да се проверат и унапредат инфраструктурните услови на тие места, на редовно ниво да се прави контрола, и потоа да се промовира континуирано на годишно ниво. Да се внесе во програмата на Владата и соодветното министерство, со детализиран план, со соодветни мерки и буџет, со мерење на резултатите.
Она што веројатно ги одвраќа(ло) некои политичари е што воспоставување или одржување на систем во одредена област подразбира сеопфатност и долгорочност, и превземање на одговорност. Бара да се има в предвид големата слика. За разлика од реализација на проектот, воспоставување и одржување на систем бара многу повеќе знаење, време, буџет, раководење на процеси, собирање податоци, мерење на резултати, донесување акти, координација и човечки ресурси, а навидум помалку можности за јавна промоција.
Но, на долг рок резултатите се задовони граѓани. Задоволни граѓани бидејќи гледаат и искусуваат дека институцијата е функционална и дава навремени и квалитетни услуги за корисниците. А, има ли подобар ПР (односи со јавност) од допрен глас, „таму завршив работа за 3 минути“, „слушнав дека тие добро работат“, итн.
Позитивно е што во последниве година дена забележуваме како видни политичари идентификуваат дека за различни прашања „нема систем“ или „системот не функционира“, и зборуваат за „воспоставување на систем“ и „системските решенија“. За разлика од поранешните изборни циклуси, во некои изборни програми во 2024 видовме и се повеќе наидуваме и на изјави на владини претставници кои укажуваат дека работат на системски решенија и воспоставување на систем, наместо проектно решавање на проблемите. Најевидентен е примерот во воспоставување на системот „Безбеден град“ и дискусијата која се разви околу неговото работење.
Притоа, разбирливо е дека кога се зборува за изградба на железничка инфраструктура, клинички центар, патишта, таквите инвестиции да се именуваат како проект, но и на нив треба да им се пристапи како на системските решенија во делот на транспорт, лекување во државата, итн.
Видлива е оваа постепена промена во пристапот и во говорите, но, неопходно е сите политичари од сите политички групации системски да пристапуваат кон адресирање и решавање на потребите, проблемите и состојбите во областите кон кои се насочени. Понатаму тоа да го пренесат во институциите каде што делуваат и на ниво на јавна свест, за да имаме долгорочна промена и системско, а не проектно ад-хок, подобрување на квалитетот на животот во државата.
Илина Мангова











