НАТО, односно европските сојузници (но и Канада), се прилагодија на милитантниот речник на Пентагон и Белата куќа, дури и кога воената закана е насочена кон нивниот територијален интегритет. Но, ова не е ништо ново: проблемот на нормализацијата на јазикот на воени закани и интервенции е одамна единствениот механизам на „одбрана на американските национални интереси“. Не се сеќавам дека некогаш бил поинаков… Всушност, дури и за време на претходната претседателска кампања во САД, и демократската кандидатка, Камала Харис ветуваше „најлетална воена сила на светот“ (уште еден жален доказ дека жените во политиката не се секогаш помирољубиви од мажите). Затоа, очајот од Трампизмот и неговиот воен марш ширум светот не треба да води кон заклучок дека „другата опција ќе беше подобра“. Американскиот, но и нашиот глобален проблем, е што другите политички опции намерно се елиминираат од сцената како некредибилни и „неизбирливи“. Затоа, да расчистиме уште еднаш: САД во својата историја немаат ниту еден мировен претседател (иако некои тој епитет му го припишуваат на Кенеди), но имаат серија на зрели воени злосторници со крвави раце.
Се разбира дека на прв поглед изгледа како иронија кога по формирање на Борд за мир, давате се заканувате со напад врз друга земја – Иран. И тоа не по првпат. Да се разбереме, Бордот за мир е фасада за легитимирање на геноцидот и за негово довршување. Токму поради тој циркус, апелите на турскиот министер за надворешни работи за мирно решавање на „спорот“ меѓу Вашингтон и Техеран звучи патетично. Истиот човек пред само неколку дена гордо ја потпиша трамповата Повелба за мир.
Амбициите за градење мир ширум светот се подеднакво чудовишни, а земени заедно со она што се случува во Минеаполис (и не само таму, но очите на медиумите и јавноста се свртени кон овој град), легитимно е прашањето за фашизоидноста на американската политика. Првата лекција од политичките науки на универзитетските студии е дека „надворешната политика поизлегува од внатрешната – и обратно“. Тие се два сијамски близнаци на секоја политика, без оглед како таа тоа го претставува пред електоратот. За жал, американската јавност отсекогаш била позагрижена за својата благосостојба, без оглед на цената што ја плаќале некои народи и земји/места чии имиња не можат ни да ги изговорат, уште помалку да ги лоцираат на мапата на светот. Сега, би рекле со право, протестираат за она што мнозина од нас одамна им го предочувавме: ќе дојде ден кога ќе дојдат по вас, ама ќе нема кој да застане во ваша одбрана! Сега дојдоа и по вас.
Но, тоа не го спречува врховниот командант, кому Конгресот фактички му ја предаде целата власт, да владее со извршни наредни и декрети дури и во надворешната политика, да тргне во нови војни. Масивна армада, како што ни кажа на неговиот профил на Truth Social, тргнала кон Иран: се движи брзо, со силна моќ, ентузијазам и цел. Она што не го кажува тој, а светот е свесен, е дека зад желбата да се „балканизира Иран“ (т.е. да се уништи, слично како бивша Југославија) стои сијамскиот близнак Усраел (Usrael). Европската Унија учествува и благословува војна на свој начин: вестите кажуваат дека „насилниот напад врз демонстрантите во Иран беше пресвртна точка за Европејците“. Затоа успеале да ги надминат своите разлики и одлучиле да воведат санкции против Револуционерната гарда на Иран (IRGC). Ако до вчера киднапирање на легален претседател беше шок, сега за првпат вооружени сили на една суверена држава (која, патем, има право на самоодбрана согласно членот 51 од Повелбата на ОН) се прогласени за „терористичка организација“. Ако во моментов почнете со пребарување на информации за Гардата, веднаш ќе ви „скокнат“ тези за паравојска под лидерство на Ајатолахот и дека таа е само дел од вооружените сили. Повторно старата битка на наративи, а иранскиот е веднаш демонизиран, иако земјата никогаш не извршила агресија врз друга земја. Во иранската официјална реторика, Револуционерната гарда е „народна институција“ за самоодбрана; таа регрутира доброволци, а учествува и во природни катастрофи, спасувачки акции, пандемија и сл. Со други зборови, таа е комбинација од армија, цивилна заштита и патриотско и анти-империјално движење. Но, ако ве убедат дека Гардата пукала во сопствениот народ затоа што е антинародна, а не затоа што 2-3.000 странски агенти (главно на Мосад и курдски групации) се обидоа да извршат насилен преврат во Техеран, тогаш ќе поверувате во секоја лага. Да биде уште поиронично, во исто време во САД на улиците на градовите се вадат трупи на Народната гарда на САД која удира врз најнејаките, различните, сиромашните. Зошто? За да Вашингтон и другите градови изгледаат поубаво и поуредно. Ред и мир!
Зошто е ова важно? Затоа што пред само неколку недели водевме дебати (дури и во кругови на истомисленици) околу крвавиот биланс на улиците на иранските градови. Мојот принципиелен став и тогаш и сега е ист: вметнувањето на ударот врз демонстрантите како причина за санкции или воена интервенција е контрапродуктивно за сите кои се залагаат за мир. Поради тоа одбив да застанам зад некои прогласи, кои инсистираа на избалансираност – осуда на двете страни, како да се еднакви. Нападот врз Иран е во картите на Пентагон долго време. На овој или оној начин, тие го уништуваат и народот и општеството. Ние како посматрачи, ама и како луѓе кои сме ги искусиле западните „лекови“ и „цивилизаторска мисија“, треба да се солидаризираме со Иран и да застанеме со осуда кон вистинскиот виновник (дури и за т.н. режим во Техеран). Првите нешта најпрво. Дали со интервенцијата врз Иран Трамп сака да го дефокусира американскиот народ од домашната насилна и погубна политика е само реторичко прашање, а би рекла и бесмислено. Бидејќи, американскиот граѓанин е „дефоксуиран“ (distracted) со генерации, уште пред Виетнам. Тој е неедуциран, затапен, онемоќен со пропаганда и образование кое треба да го држи заложник на воено-индустрискиот-медиумски-академски-цензорски комплекс. Од американската јавност не очекуваме повеќе, освен да почне да се освестува дека навистина сега физички дојдоа по нив, по секој кој се спротивставува на официјализираното лудило дома. Но, од сите други, мораме да бараме принципиелен став по однос на агресијата врз држава која не е закана ни за САД ни за светот – затоа што ќе дојдат и по нас. Но, сега во вид на трета светска војна.
Билјана Ванковска










