Славен холивудски продуцент го повикува на разговор режисерот и му соопштува: „Ќе снимаме филм за животот на Шарл Азнавур. Главната улога ќе ја толкува Клинт Иствуд!” Режисерот видно зачуден го прашува продуцентот: „Зарем не мислите дека би било многу поприродно и поедноставно за таа улога да го земеме самиот Азнавур?” „А не! Тој е премногу низок за тоа!”, пресекол продуцентот.
Ваквиот американски третман на филмот, редовно ги фрла во очај филмаџиите што решиле токму тука да тераат инает! Понесени од патриотското чувство за борба против „културниот империјализам”, тие упорно снимаат филмови што во себе ја содржат амбицијата на „големи уметнички дела”. Никој нема ништо против ремек-дела, но истовремено и никој не сака да вклучи греење во кино сала во која седат само неколку најблиски роднини и пријатели на сценаристот, зимурливи скитници, по некој манијак и редарот во салата! Режисерот и монтажерот одамна го гледале филмот.
Нема прашања што не заслужуваат одговор. Нема ни одговори што не заслужуваат прашања. Зошто ние со толкав голем интерес ги следиме филмовите во кои странски војници се злопатат додека „шират демократија” во некоја белосветска џунгла или пустиња на крајот на светот, а сме рамнодушни кон нашите домашни филмови со приказни што директно нѐ засегаат? Една од причините е „уметничарење“ на нашите автори. Ѕвони телефонот во билетарницата на едно скопско кино во кое се прикажува домашен филм. „Кога ви почнуваат проекциите?”, прашува гледачот. „А кога би можеле вие да дојдете?”, одговара касиерката. Малубројните народи постојано талкаат помеѓу два екстреми. Или своето го воздигнуваат до вселенски височини, или некритички прифаќаат сѐ што доаѓа од странство!
Зошто го направив овој вовед? Прво, маж без машна, жена без ташна и текст без вовед не личат. И второ, сакам нормално да стигнам до местото од кое убаво ќе се види дека јас не сум некритичен вљубеник во американскиот филм. Напротив. Од следната вистинска случка ќе се види мојата голема строгост! Пред да стане академик, Горан Стефановски имаше осумнаесет и неколку години, се дружеше со мене и уживаше во филмовите на Вуди Ален. Пред да станам рано сабајле тој ден и јас имав осумнаест и неколку години, но немав никаква потреба да ги гледам филмовите на Вуди Ален, затоа што се дружев со Чупе. Бог да го прости мојот другар, тој повеќе беше Вуди Ален од самиот Вуди Ален! Плус, имав свои грижи и немав доволно нерви за да се занимавам и со проблемите на славниот холивудски компликатор. Башка, редовно нѐ нервираше дека ги пофаќа Сиси Спејсек, Дајана Китон и други женски. Единствена утеха нѝ беше дека тоа се случува само затоа што тој самиот си ги пишува сценаријата! Ние да ги пишувавме проклетите сценарија, завалијата немаше да дојде до женска ни со стројници!
Сепак, од филмовите на Вуди Ален дефинитивно ме откажа Горан Стефановски. Еве како се случи тој пријатен настан. Ми се јави еден ден и панично ми соопшти дека најновиот филм на Вуди Ален ќе се прикажувал само уште еден ден! Прибидејќи голем дел од нашата младост и буџет потрошивме во комуникација со скопските тапкароши, тој историски ден станав рано сабајле по студот и купив две карти. Горан никогаш и за ништо не доцнеше. Но подоцна примија нови академици и се појави терминот „академска четврт“, кој го оправдуваше доцнењето. Никој тогаш не смееше да каже дека „четврт“ не се однесува на минути, туку на цел век.
Сите се сместивме удобно на седиштата од квалитетна и крцкава шпер-плоча. Извадивме кеси со семки, сончоглед, ментол бонбони, пуканки и карамели. После долго време некако успеавме да се договориме со тие што седат пред нас на која страна да ја држат тимбата, за да можеме јасно да видиме барем некој дел од филмот. И најсетне така комплетирани, широко ги отворивме очите кон големото перде пред нас. Многу брзо ми стана нешто сомнително. Поминаа петнаесет минути, а ниту еден во салата не дофрли ништо!?
Главна фора во тоа време беше да предвидиш (пред сите во салата) што ќе се случи во филмот и тоа гласно да го соопштиш! На пример, седат Кетрин Денев и Ален Делон во „швалерашки” штимунг и долго се гледаат, директно во замаглени очи. Тогаш некој угледен филмаџија во салата гласно извикува: „Отвори го фрижидерот и части нешто, џукело!”
И стварно, во истиот момент Ален доаѓа до фрижидерот, го отвора и вади од него шише „мартини” и неколку коцки мраз! После легнуваат во француски лежај, се прават бербат по сите основи, палат посткоитални цигари… Тука се јавува некој друг стручњак за филмска уметност и гласно се извикува: „Овори го тоа џамот се задушивме!” Што да прави Ален Делон? Иако неволно, станува и го отвора прозорецот. Никогаш не успеав да разберам како не ги мрзеше и по сто пати да гледаат еден ист филм, само за да можат да ја изведуваат оваа фора која (рака на срце) секогаш успеваше!
Додуша, моите сомнежи почнаа многу порано. Киното „Дом на градежните работници” беше угледна културна институција со железен репертоар. Тоа значи дека не дозволуваше прикажување на филмови под нивото на „Џанго не зна за милост”, „Пуцај први” или „Али Баба и 40 разбојници”. Како заталка Вуди Ален во „Домот на градежните работници”, останува мистерија. И додека тој ги мафтосува оние женски на Менхетен за да ги намами до брегот реката Хадсон, ние седиме опколени со една тишина, достојна и за најпробирливите балсамирани фараони.
И сега доаѓа клучниот драматуршки момент. Од цела сала само Горан Стефановски се смееше! На почетокот, сите го сфатија тоа како негова лична грешка. Недоволно филмско образование, некоја нова финта или едноставно желба да се исплати билетот. Но после случајот стана сериозен. На општо запрепастување и очај, Горан сѐ почесто и сѐ погласно се смееше!? По едно такво негово гласно смеење, цела сала се сврте кон нас со реченици кои не се за објавување. Тука престанува секакво естетско уживање во филмската уметност и почнува борба за гол живот. Затоа што составот на ваквите кина гарантираше минимум ќотек, а за другото не ме прашувај.
Кога Ален Делон го отвори прозорецот, Париз се капеше во златото на априлското сонце. Беше 23 Тревен (април) Велики Четврток, а ние бевме помали од Вуди Ален и Дени Де Вито. Затоа што толпата секогаш е сурова и крвожедна против секоја индивидуалност, па макар доаѓала и од Великиот Горан Стефановски.
Братислав Димитров












