сабота, 12 јули 2025
Драган Даниловски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Време е за нова стратегија за здравство

Во изминатите години, македонскиот здравствен систем се соочи со бројни предизвици: пандемија, хроничен недостиг на здравствени работници, долги листи на чекање, фрагментиран болнички систем и технолошко заостанување. Во ваков контекст, секоја држава има обврска да поседува визионерски документ којшто не само што ги детектира проблемите, туку нуди јасна патека кон нивно надминување. Токму затоа постојат стратегии.
Во 2021 година, беше донесен документот „Стратегија за здравство 2021–2030“. За жал, и покрај нејзината амбиција да покрие цела деценија, таа стратегија не успеа да ги оствари ни основните предуслови за да биде вистински оперативен инструмент за развој на здравствениот систем.
Кои се нејзините клучни слабости?
1. Стратегијата изобилува со декларативни заложби (на пример: „подобрување на пристапот до здравствени услуги“), но речиси целосно отсуствуваат т.н. SMART цели – специфични, мерливи, остварливи, реалистични и временски дефинирани [SMART – Specific, Measurable, Achievable, Relevant, Time-bound]. Без јасно мерливи индикатори, напредокот не може ниту да се следи, ниту да се оцени.
2. Во стратегијата нема детален план на активности, временски рокови, носители на обврски и индикатори за евалуација (акциски план) за ниту една стратешка цел. Наместо конкретен механизам за реформа, документот останува на нивото на добронамерна визија, без практична примена.
3. Иако се работи за клучен систем од јавен интерес, стратегијата не вклучува доследна стручна рецензија, ниту отворен дијалог со универзитетите (тотална маргинализација!), стручните комори и здруженијата на пациентите. Како резултат на тоа, таа делува административно затворено, а не општествено легитимирано.
4. Меѓу 2021 и 2024 година, светот се соочи со масовна дигитализација, експлозивен развој на вештачката интелигенција во медицината, нови модели на финансирање и работа на здравствениот кадар (вклучително и хибридни болници). Ништо од ова не е интегрирано во стратегијата.
5. Конечно, не е усвоена ниту од Владата, ниту од Собранието, па нема политичка или правна обврзувачка сила.
Во вакви услови, продолжување со важење на стратегија која е системски недоречена, би значело губење драгоцено време, ресурси и доверба.
Потребна ни е нова Национална стратегија за здравство (2025–2035), со задржување на суштинските вредности од претходната, но со:
• конкретен акциски план за секоја стратешка цел,
• мерење на резултатите,
• дефиниран институционален надзорен механизам,
• формално усвојување на ниво на Влада и Собрание, за да добие политичка и правна сила на „здравствен устав“.
Таа треба да се темели на следниве принципи:
1. Изработка преку јавна дебата, со вклучување на стручните здруженија, професионалните комори, универзитетите, здруженијата на пациентите и граѓанскиот сектор.
2. Стратегијата треба да содржи јасни цели, временска рамка, носители на активности и индикатори за мониторинг. Само така може да стане инструмент за вистинска промена.
3. Интеграција на дигитална медицина и вештачка интелигенција – Македонското здравство мора да ја прифати иднината – не само во дијагностиката, туку и во управувањето со пациенти, распределбата на ресурси и надзорот над квалитетот.
4. Во ерата на заеднички здравствени предизвици (пандемии, лекови за ретки болести, мобилност на кадар), Македонија мора да гради стратегии кои се компатибилни со европските модели на солидарност и координација.
Кои може да бидат идните стратешки приоритети?
Во услови на нови здравствени, технолошки и демографски предизвици, новата стратегија би можела да ги разгледа следниве клучни приоритети:
1. Јакнење на здравствениот кадар преку стимули, враќање на професионалната автономија, децентрализација и задржување на младиот кадар во јавниот сектор;
2. Дигитална трансформација на здравствениот систем;
3. Подобрување на квалитетот, пристапноста и континуитетот на здравствените услуги;
4. Реформа на примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита – со јасна функционална распределба, дигитална интеграција и транспарентно управување;
5. Функционално интегрирање на јавното (државното) и приватното здравство;
6. Реорганизација на терцијарното здравство – преку интеграција на клиниките во единствен клинички центар, а потоа трансформација на интегрираниот клинички центар во универзитетски центар со академска и оперативна автономија;
7. Одржливо и праведно финансирање – со модели на плаќање базирани на резултати, транспарентни критериуми за буџетската распределба и елиминација на монополот на единствениот ФЗО, преку отворање на конкуренција меѓу осигурители;
8. Институционална отчетност и борба против корупција;
9. Проактивна јавноздравствена политика – превенција, здравствена едукација, ментално здравје, климатска отпорност;
10. Регионална соработка – заеднички набавки, мобилност на кадар, споделување добри практики;
11. Подготовка за климатски и еколошки ризици и глобални кризи – преку здравствени стратегии за адаптација на системот на зголемена загаденост, топлотни бранови и нови векторски болести, но и други глобални закани.
Потребна ни е стратегија што не се пишува во кабинет, туку се гради со знаење, искуство и јавна одговорност. Документ кој ќе стане инструмент за дејствување – не декларација без реализација!
Националната стратегија за здравство 2025–2035 мора да биде резултат на широка јавна дебата, водена од струката и во интерес на граѓаните. Само така здравствениот систем ќе може да излезе од хроничната стагнација и да се движи кон модерен, правичен и одржлив модел.
– Quo vadis, salutem? – Каде одиш, здравство?
Драган Даниловски

КОЛУМНИ

Сашо Маневски

„Возвишените“ ЕУ вредности

Бранко Саркањац

Што го прави денес Македонецот Македонец?

Луси Ректорова

Пропаганда за мајчинство: руската забрана за луѓето кои не сакаат деца...

Жанета Ќосе

Како либералите ни го „избришаа“ јазикот и идентитетот и зошто ВМРО...

Рајко Пеколски

Забрането постоење!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ