сабота, 3 јануари 2026
Мухамед Халили

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Vox populi, vox dei. Гласот на народот, глас на Господ!

Со големо внимание неколку недели ги читам колумните на неколку значајни новинарски авторитети од реномираните поранешни дневни весници, како на пример и колумните на професорот и првиот министер за надворешни работи кои  пишуваат како ја доживуваат сега Македонија за време на „владеењето“ на „македонскиот Агамемнон“, (премиерот  Христијан Мицкоски) во современата Супер-Спарта (Република Македонија) на Западниот Балкан.

Речиси за сите нив неприфатливи е „автархистичките амбиции и карактеристики“ што премиерот ѝ ги „наметна“ на македонската економија и држава. Тоа што во историјата на државите била карактеристика само во минатото, и тоа во Јужна Африка за време на апартхејдот (според цитираниот Пинкас спротивставувајќи му се на Нетанјаху!), во Албанија за времето на Енвер Хоџа и во сегашната Северна Кореја.

Главната пречка, според новинарите, била синтагмата на премиерот Мицкоски: „додека сум јас премиер, нема да биде ова и она“…

И, според нив синтагмата „додека сум јас премиер“ што ја изрекува премиерот Мицкоски, би требало да значи спротивно од кажаното: што поскоро изгласување на уставните измени со кои Бугарите (Ковачевски ги додаваше и Црногорците, Хрватите и ред десетина други „делови на народи“) би биле составен дел на Уставот на државата, базирано на нон пејперот од 2012 година на техничкиот премиер и МНР на Бугарија Марин Рајков и претставен во сите институции на ЕУ и Парламентот како интервју на шефот на Постојаната мисија на Бугарија при ЕУ, амбасадорот Димитар Цанчев текстот го доставил до министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

И додека овој бугарски нон пејпер на Рајков и Цанчев не им беше познат на министерот за надворешни работи Никола Димитров и на министерот за ЕУ Бујар Османи (затоа што беше против европските вредности-како што тие се изјаснија неколку пати!) за време на длабокиот зимски сон на нашата тогашна дипломатија предводена од горенаведените и потоа усвоена и од највисоките челници на државата, Пендаровски и Ковачевски, нон пејперот од бугарски се претвори во европски нон пејпер, односно „француски предлог“, односно бугарско вето под француско крзно.

Според сите овие истомисленици, а посебно според првиот министер за надворешни работи и професор по меѓународно право, близок соработник на екс-претседателот Глигоров, сегашните власти не знаат да комуницираат со ЕУ, односно не знаат да пазаруваат, тие се лоши пазарџии и земјата треба да се врати на старите патеки на надворешната политика предвоена од Заев, Димитров и Османи – „давајте сѐ што ќе побараат“.

Образложението на овој многу евтин пазарлук лежи во филозофиите на професорот и на новинарите дека ние сме мала, сиромашна, воено-економски слаба земја и согласно тоа,  анализирајќи ја филозофијата на меѓународните односи во меѓународната политика, изборот не е помеѓу добро и лошо решение, туку помеѓу лошо и полошо…

„Затоа, ако власта навистина сака решение за ЕУ членство, таа мора да го избере помалото зло, а не да инсистира на невозможното: со помош на правото, да ја спаси државата од секакво зло“, пишува професорот.

Се разбира сега е време на силата, а не на правото, како што засега постапува и Путин со Украина.

Овие аналитичари во неколку наврати пишуваа дека постои ризик Русија, после заканите за употреба на мали тактички атомски бомби на Русија врз Украина, да дојде до вистинска нуклеарна војна, и така Република Северна Македонија да ја изгуби шансата да ѝ направи концесии на Бугарија во вид на компромис за Бугарите во Уставот како услов за брзо зачленување во Унијата.

И тоа „сигурно“.

Вие денеска гласањето, ние веднаш подарокот – на Северна Македонија перспективата ѝ е во Унијата. Фраза употребена од Солунскиот самит од 2003 година. Тоа е наш национален интерес.

За опозицијата, на пример, национален интерес е да се прифати „францускиот предлог“ односно „Струмичкиот нон пејпер“ со главната политичка филозофија на „еден народ во две држави“ или Бугарија ја признава државата Македонија, а за народот и јазикот ќе се одлучи на некоја научна конференција!

Тие, (СДС-моја прим.) не се откажуваат од компромисот за уставни измени и по цена на губењето на изборите, пишува професорот.

Горенаведеното не соодејствува со вистината, професоре, затоа што СДСМ не ги губеше изборите поради „Струмичкиот нон папер“ за внесување на Бугарите во Уставот на што инсистира Бугарија, туку пред сѐ поради корупцијата и високиот криминал, непотизмот, партизацијата на органите на државната управа, и рушењето на целиот судски систем преку непотребните измени во Кривичниот законик.

Во политичките системи на либералната демократија продолжува професорот, „извршната власт склучува меѓународни договори, а парламентот ги ратификува. СДСМ не отстапи од тоа правило“.

Ова констатација не содејствува со вистината.

Во два наврати Парламентот немаше соодветен кворум за ратификација на договореното, но Заев и Ковачевски, преку понуда на бенефиции на одреден број на опозициски пратениции и со непотребни измени на член 353 (за што доби критики од ЕУ) и други членови на Кривичниот законик им овозможи на тие пратеници наместо за сторените претпоставени кривични дела, седниците на Парламенто да не ги гледаат од Шутка, туку да бидат на седница и да гласаат за ратификација на потпишаните договори.

На социјалдемократските колумнисти и професорот најмногу им пречи што „македонскиот Агамемнон“ (премиерот Мицковски!), како што постојани пишуваат тие, се удира по гради и постојано повторува: „Додека сум јас премиер уставни измени под  бугарcки диктат нема да има“. Додека јас сум премиер нема да биде ова, нема да биде она… И така натаму, така натаму!

Лично тие удирања по градите на премиерот ги толкувам сосема како нормални и легитимни. Тоа беше слоганот на нивната предизборна кампања што народот со двете раце го прифати.

Сега премиерот има морална и секаква друга обврска тоа да го почитува и спроведува. Римјаните во минатото рекле: „Vox populi, vox Dei” (Гласот на народот, глас на Господ)

Дали Киро Глигоров во минатото бил од  вмровска политичка провиниенција?!!!

За време на една работна средба, на еден амбасадор од многу влијателна ЕУ земја, му го реков следното: Екселенцијо, Вие европјаните, пред да преземете некоја иницијатива за посредување во македонско-бугарскиот спор, би било добро да ја анализирате книгата на Киро Глигоров „Македонија е сѐ што имаме“.За да видите каде е проблемот.

Тогаш ќе добиете јасна слика што се случило во минатото меѓу двата народа; за што спорат.

Сега, по повод 14 годишнината од неговата смрт, социјалдемократските колумнисти и поранешни министри би сакал јавно да се изјаснат дали го прифаќаат ставот на нивниот учител и архитект на независна Република Македонија Киро Глигоров за македонско-бугарските односи ?
Што сега мислат тие за ова: „…Сакам да додавам дека со потпишувањето на една Декларација, со тоа што го направи или го договори Владата на Љубчо Георгиевски со бугарската влада каде што се вели тие го признаваат македонскиот јазик како официјален јазик, дека со тоа ова прашање е симнато од дневен ред. Остануваат и натаму старите толкувања, дека нашиот јазик му е наметнат на македонскиот народ, од Тито, од Коминтерната, а дека ‘народецот’ си зборува бугарски со разни дијалекти“ (Македонија е… стр. 441).

Ништо не грешиме ако наместо реченицата „владата на Георгиевски“ пишуваме „Владата на Зоран Заев“. Суштината останува иста.

Дали Глигоров бил вмрвоец и „не разбирал“ што е компромис во меѓународната политиката. Тоа е прашање што сега треба да добие одговор.

Зошто неговите блиски не го советувале како една мала, економски и воено слаба држава треба да прави компромис со соседите, а не да преговара цели три децении за двојни формули, за еквидистанца, за  употребата на уставното име или за можните компромиси?

Мухамед Халили

 

 

 

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Бeз илузии во новата година. Venceremos!

Ристо Цицонков

Аeрозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

Алекандар Иванов

Македонија АД: Земја каде граѓаните станаа „несакан трошок“

Љубомир Николовски

Кошаркарска симфонија во „забавена снимка“

Братислав Димитров

Дали играте девојко?

Алис Тејлор

Сојузник или непријател? Комплексната природа на влијанието на Турција во Албанија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ