недела, 20 април 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Во пресрет на НБА Плеј Оф 2025

Со почетокот на НБА плејин турнирот во вторник 15-ти април, фановите се во очекување на уште една постсезона со извонредна кошарка и максимална спортска возбуда.

Но, пред првото плејин потфрлање ќе ве потсетиме на дел од богатата НБА плејоф историја, на некои од најинтересните рекорди на овој посебен дел од сезоната кој води сопствена евиденција за разни статистички категории кои служат како инспирација за секоја нова генерација што стреми кон врвот на најсилната лига во светот. Преку овие рекорди ќе се осврнеме на достигнувањата што ја дефинираа историјата на плејофот во НБА. Плејин-от може да е релативно нов, но 79-годишната историја на плејоф-от е исполнета со бројки и достигнувања што раскажуваат интересна приказна.

Најмногу клупски титули: Бостон Селтикс е најтрофејниот тим во историјата на НБА со 18 НБА титули. Доминацијата на Селтикси започна во ерата на Бил Расел, кога од 1957 до 1969 освоиja 11 титули за 13 години, создавајќи низа од победи и династија што не се повторила досега во историјата на лигата. Лејкерси се втори на оваа листа со 17 титули освоени низ неколку златни епохи, 60-тите предводени од Џери Вест и Вилт Чембрлен, шоутајм 80-тите со Меџик и Џабар, тандемот Шек-Коби 2000-те и Леброн со една титула освоена во 2020 година. Ова легендарно ривалство меѓу Бостон и Лос Анџелес годинава добива нова домензија со преминот на Дончиќ во Лејкерси со што „езерџиите“ веднаш станаа еден од фаворитите за освојување на западната конфереција. Лигата, па и НБА фановите, годинава го посакуваат овој дуел што ќе претставува нивна 13-та меѓусебна серија во финалето и можност за Словенецот да се одмазди за ланскиот пораз од Селтикси играјќи во дресот на Далас.

Најмногу поединечни тутли: Никој не е ни близу до 11-те прстени на Бил Расел. Во ера на помалку тимови и долги крстосувања низ Америка со автобуси и возови за секој натпревар, Селтикси предводени од генијалниот Расел доминираа и во 50-тите и во 60-тите. 11-те титули се бројка што веројатно никој никогаш не ќе може да ја достигне. Интересно, Расел никогаш не доби трофеј за МВП на финалето бидејќи оваа награда почна да се доделува 1969-та во неговата последна НБА сезона и иако ја освои титулата таа година, МВП трофејот му беше доделен на Џери Вест, што е прв и последен пат овој трофеј да се додели на играч од губитничкиот тим.

Најмногу поени во плејоф натпревар: На 20 април 1986 година, младиот 23-годишен Мајкл Џордан, во старата Бостон Гарден Арена на Селтикси им уфрли 63 поени, со 54% шут од игра (22-41) и 90,5% прецизни слободни фрлања (19-21). Настапот на Џордан беше опишан од Лери Брд како „мислам дека тој е Господ преправен во Мајкл Џордан“. Ова остварување никој не го надмина во речиси 40 години, иако Донован Мичел против Денвер со 57 поени во 2020-та и Демијан Лилард, повторно против Денвер со 55 поени во 2021-ва сериозно се приближија.

Најмногу тројки во плејоф натпревар: На истиот тој натпревар против Денвер Демијан Лилард во дресот на Портланд од оние 55 поени вкупно,  36 постигна со шутеви за тројка, односно го постави актуелниот НБА Плeјоф рекорд со 12 уфрлени тројки. Лилард тоа го стори од вкупно 17 обиди или со 70,5% прецизност, а вкупниот шут од игра му беше 70,8% (17-24). Притоа Лилард успеа да постигне две тројки во финишот на последната четвртина за да го одведе натпреварот во провото продолжение во кое самиот постигна 17 поени и повторно со тројка го израмни резултатот за второ продолжение. Сиот труд сепак не донесе победа за Портланд кои ја загубија средбата со седум поени разлика.

Најмногу плејоф поени:  Леброн не е само феномен од регуларниот дел од првенствата, тој е најдобар стрелец на сите времиња и на НБА Плејоф-от со точно 8.162 поена во кариерата. Неговата долговечност и постојаност навистина се неспоредливи. Еве го годинава пред уште едно доигрување. Џејмс сега ја игра својата 22-ра НБА сезона и влегува во својот 18-ти плејоф. Низ досегашните 17 плејоф пласмани, оствари 10 учества во финалето и освои 4 титули.

Воедно Леброн Џејмс е лидер и во неколку други плејоф статистички категории: по бројот на одиграни натпревари со 282, со 11.858 одиграни минути и со 183 плејоф победи. На 40-годишна возраст во 2025 година и со најновиот пласман во доигрувањето јасно е дека ќе испише нови рекорди што ќе бидат цел на генерациите што доаѓаат.

Најмногу блокови во еден натпревар: Овој рекорд со по 10 блокови го делат тројца кошаркари, Ендрју Бајнам од Лејкерси, Хаким Олајџувон од Хјустон и Марк Итон од Јута. Зад нив се дури 11 кошаркари со по 9 блокови. Најголем вкупен број „банани“ во историјата на плејоф-от подели Тим Данкан со 568, а далеку зад него се Карим Абдул Џабар со 478 и Хаким Олајџувон со 472.

Најдолгиот Плејоф натпревар: На 3 мај 2019 година, Портланд Трејлблејзерс и Денвер Нагетс играа четири продолженија во натпреварот бр. 3 од нивната серија од второто коло на плејоф-от. Портланд на крајот победи со 140-137. Натпреварот вкупно траеше нешто преку 4 часа. Тоа беше втор пат во историјата на НБА плејофот да се играат 4 продолженија, а први ваков маратонски натпревар одиграа Бостон Селтикс и Сиракјуз Нејшнелс во 1953-та. Првиот стрелец на Портланд, Си Џеј МекКалум на натпреварот со Денвер мина цели 60 минути на паркетот што исто така е НБА плејоф рекорд. Втор на оваа листа е Мајк Џордан со 57 одиграни минути на еден натпревар од постсезоната.

Најмногу последовни настапи во Плејоф: Благодарение на ерата на Тим Данкан и тренерот Грег Попович, Сан Антонио Спарс имаат 23 пласмани по ред во плејоф-от во периодот од 1998-ма до 2020-та. Во тој распон Спарси дојдоа до пет шампиопнски титули: 1999, 2003, 2005, 2007 и 2014. Две од овие 5 титули беа во најголем дел резултат на феноменалниот тандем Робинсон -Данкан, а до останатите три Данкан дојде со помош на Тони Паркер, Емануел Џинобили, Брус Боуен, Мајл Финли, Роберт Хори и Каваи Ленард.

Од 8-мо пласирани до Финале: Во 1999 година, Њујорк Никс стана првиот 8-мопласиран тим од НБА плејоф скелетот што стигнал до финалето на НБА. Toj феноменален тим на Никси и нивната “лабудова песна“ во плејоф-от ја следеше со коментар и вашиот колумнист, со дискретна поддршка и благо навивање да успеат во тоа што никој пред нив не успеал и да ја освојат титулата како последнопласиран тим од источната конференција. Лидер на оваа прекрасна генерација беше Патрик Јуинг, а во стартната петорка беа уште и Алан Хјустон, Латрел Спривел, Маркус Кемби и Лери Џонсон. Мајами Хит во 2023 година го повтори ова достигнување поаѓајќи од плејин, па сè до финалето против Денвер и Јокиќ кои ги совладаа во 5 натпревари. Денвер Нагетс пак, во 1994 година стана првиот 8-мопласиран тим во историјата што победи носител број 1, во случајот  – Сиетл Суперсоникс. Иако серијата започна со две победи на Соникс, заврши со три победи по ред на Денвер. Махмуд Абдул Рауф беше главна ѕвезда на Нагетс, заедно со Дикембе Мутомбо и ЛаФонсо Елис, а Сиетл имаше извонреден тим со повеќе Ол Стар играчи како Гери Пејтон, Шон Кемп, Нејт МекМилан, Детлеф Шремпф и Сем Перкинс.

Најголем кам-бек во еден натпревар: Во 2019 година, Клиперси испишаа историја против Голден Стејт Вориорс со надминување на негатива од 31 поен, што е најголемиот кам-бек досега во еден натпревар од плејоф-от.

Кевин Дурент, Стеф Кари, Клеј Томсон и Вориорс таа 2019-та беа бранители на титулите од претходните две сезони и фаворити за трета по ред. По победата во првиот меч, Голден Стејт имаше водство од 94-63 на точно 7:31 до крајот на третата четвртина. А потоа, Клиперси тргнаа со неверојатна игра кон нестварен пресврт. Во второто полувреме, благодарение на резервите Монрезл Харел и Лу Вилијамс кои одиграа како во транс, Клиперси постигна дури 85 поени. Харел постигна совршени 9-од-9 од игра и заврши со дабл-дабл од 25 поени и 10 скока, но вистинската ѕвезда на кам-бекот беше Лу Вилијамс. Кошаркарот што ја доби наградата за најдобра резерва во лигата таа година, во вториот дел реализира 36 поени и 11 асистенции за да му помогне на тимот да го израмни резултатот на 1:1 во победи. На крајот Голден Стејт сепак успеа да ги елиминира Клиперси во шест натпревари, да стигне до Финалето, каде што потклекна пред инспирираниот Торонто Репторс кој триумфира сo 4:2 во победи.

Најмногу Плејоф победи во серијa: Во сезоната 2016-17, Голден Стејт Вориорс регуларниот дел од сезоната го завршија со 67 победи и 15 порази, а плејоф-от го започнаа со серија од 15 победи, најмногу последовни победи во историјата на НБА плејоф-от. Таа година ја освоија титулата со само еден единствен пораз од Кливленд Кавалирс во 4-от натпревар од финалето. До шампионската титула дојдоа со импресивни 16–1 во победи.

Прв странец МВП на НБА Плејоф: Многу пред Јанис Адетокумбо и Никола Јокиќ, Хаким „The Dream“ Олаџувон покажа дека странец може да биде лидер на еден НБА тим, негов најдобар стрелец и да го одведе тимот до НБА титула притоа освојувајќи го престижниот трофеј за “најкорисен играч на НБА Финалето“. Тој беше прогласен за МВП во финалните серии два пати, во 1994 и 1995 година, како прв играч роден надвор од САД кој го сторил тоа. Олајџувон е Нигериец, но во 1993-та се здоби и со американско државјанство и настапи во дресот на САД на Олимписките игри во Атланта 1996-та освојувајќи го златниот медал.

Плеј-ин ера: Од официјалниот почеток во 2020 година, плејин турнирот додаде дополнителен слој на возбуда и можности, обезбеди повеќе тимови да бидат конкурентни за настап во доигрувањето и борба за титулата, а остави и надеж на пониско пласираните тимови, како на пример Мајами Хит во 2023-та, да направат историски резултати. Плејин-от е една од ретките успешни авантури на комесарот на лигата Адам Силвер. Годинава ќе се игра по шести пат и веќе од сите е прифатен како одличен вовед во најинтересниот и одлучувачкиот дел од сезоната. Возбудата годинава почнува во вторник 15-ти и ќе трае до 18-ти, а по чистилиштето на плејин-от, во сабота 19-ти,  започнува и битката за 79-та шампионската титула. Време е за НБА плејоф треска!

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

Зошто САД градат сè повеќе ѕидови – и што тоа значи...

Билјана Ванковска

Националниот однос кон понижувањата: примерот со Кина

Филип Клетников

На Запад ништо ново!

Ристо Цицонков

Јaгленот нема да се отстранува од употреба како што беше предвидено...

Бранко Азески

Oдливот на мозоци мора да престане, а извозот да загосподари

Александар Стојановски

Двојните стандарди на ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ