Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнато е разумно уверување дека мерките и политиките на централната и локалната власт НЕ ОБЕЗБЕДУВААТ ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите. Со поделбата на дејноста, просторно и урбанистичко планирање, и некоординираноста на надлежните институции вклучени во процесот, во Република Македонија отсуствуваат политики кои го регулираат просторното планирање, а постојниот Просторен план на државата со изминат временски период не претставува добра основа за дефинирање на стратешките, планските и програмските документи, кои се однесуваат на планирање на просторот и зелената инфраструктура.
Ништо ново или непознато, би рекол секој жител на градовите низ Македонија. Меѓутоа, еден податок споделен во ревизорскиот извештај е навистина алармантен, а се однесува на Општина Охрид. Во Правилникот за урбанистичко планирање предвиден е оптимален стандард на застапеност на зелени урбани инфраструктури од 25 м2 по жител. Или прикажано на сликата, тоа е зелениот круг. Но реалноста е далеку од оптималните стандарди. Според eдen графикон во извештајот, секој жител на Охрид реално има САМО 1,6 м2 зелена површина. Или малиот жолт дел. Општината ни одзела 93,6% од она што ни следува и што е оптимално (не максимално), а ни оставила едвај 6,4%. Па после се чудиме зошто е воздухот загаден, зошто повеќе нема струење, зелени простори за одмор и рекреација. Наместо една убава мала градина, секој охриѓанец и охриѓанка добива само еден мал квадрат, колку да може да седне. Ете го „зелениот, хуман град“ најавуван во предизборните програми.
Градот Охрид спаѓа во средно големи градови. Процентот на препорачана вкупна застапеност на површини со зелени урбани инфраструктури треба да се движи од 14–20%. Според податоците на ДЗР, процентот на планирано зеленило согласно актуелниот генерален урбанистички план на Охрид е под минимумот, односно 10,82%. Дополнително е утврдено дека во планските опфати на генералните урбанистички планови НЕ Е ДОСТИГНАТ оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура од 25 м2 по глава на жител.
Во Охрид живеам 45 години. Во овој период не се подигнал нов парк, нов дрворед (овде не се сметаат исечените стари дрвореди и засадените мали стебленца на нивно место), нова зелена оаза, рекреативна зона. Зелениот појас по должината на кејот до каналот е подигнат во време на Кралството Југославија. Во првата половина на минатиот век. Погледнете стари фотографии. Денеска од него се одземаат сегменти за да се направат паркинзи за угостителските објекти. Реално, Охрид НЕМА ГРАДСКИ ПАРК, налик оној во Скопје. Шумата во касарната е подигната од некогашната југословенска армија, и таа беше на удар на урбанизација. Сведочиме за изгубени зелени површини изградени со огромни згради кај Бејбунар, на излезот од Охрид кон Скопје, до Градската болница, оранжериите на „Градинар“ и др. Се предлагаат урбанистички планови со кои се уништува зеленилото на ОУ „Григор Прличев“, ОМУ „Методи Патче“, се исекоа десетина децениски стебла во ОУ „Христо Узунов“ и ОУ „Св. Климент Охридски“. Секојдневно се редуцираат дрвореди, се бетонираат тревници, се уништуваат ливади. Некогашните убаво осмислени семејни населби со мали куќи и големи зелени дворови забрзано се заменуваат со огромни згради.
Додека ни го редуцираат зеленилото кое ни припаѓа, општинарите носат Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид (2023–2032) со стратешка цел Охрид да стане одржлив „зелен град“, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м2 по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури. Ако ја гледаме реалноста, оваа стратешка цел можеби ќе се оствари во 2132 година, ако дотогаш и опстои градот Охрид. Наместо зеленило, жителите на Охрид добиваат бетон. Огромни количини бетон. Според пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија во 2021 година, Општина Охрид има 17.820 ненаселени станови. На оваа бројка треба да ги додадеме и оние објекти изградени во мандатот на сегашниот градоначалник. Сè уште го чекам одговорот на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер во однос на изградените објекти и издадените одобренија за градба во периодот 2021–2025.
Од „независноста“ на Македонија, за Охрид одлучуваат партиски членови. Од жителите го бараат гласот на избори, а потоа не сакаат ни да ги слушнат. Особено не оние кои аргументирано критикуваат и реагираат и не се дел од партиската или клиентелистичка матрица. Најдолго го управувале градоначалници од СДСМ (16 години), потоа од ВМРО-ДПМНЕ (13 години) и од СПМ (4 години). Овде треба да се бараат виновниците за уништувањето и девалвацијата на зелените површини, на животната средина, на намалувањето на животните стандарди на охриѓани. Гледајте ги фактите, а не партиските соопштенија. Разбудете се и реагирајте, барем за вашите деца и внуци, ако живеат во Охрид. Минатото било убаво, луѓето живееле во поголем склад со природата. Не тагувајте за тоа што поминало, изборете се за поубава сегашност за сите, за здрава животна средина. За она што ни припаѓа! Граѓаните го доделуваат мандатот, но треба и да следат како се однесуваат назначените носители на јавни функции. Бидејќи ако ги оставиме, ќе ги немаме ни овие 1,6 м2 зелена површина.
Владимир Трајановски