понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Визуелни или структурни проблеми?

Поттикот за овој текст стаса од една реакција на Фејсбук, на ден по убиството на американскиот десничарски активист и коментатор Чарли Кирк, во која мојот пријател Столе Ѓорѓиевски вели: „Сите се потресоа од убиството во Америка, се полнат мрежите со вести и сочувства. Додека ние плачеме за туѓи трагедии, дома ни гори под нозе и ни смрди под нос, Вардариште и Дрисла не трујат, асимптоматски се сложивме за смрт на рати! Куршум таму згасна еден живот, а овде секој ден ни згаснуваат илјадници, полека, тивко, без наслови. Време е да престанеме да молчиме. Или ќе се разбудиме, или ќе нè снема...“.

Всушност, ова е само еден од повиците во нашиот јавен простор, кој се повторува од настан до настан (мене истото ми го приговараат мнозина, ама заради мојата гласна реакција на она што се случува во Газа). Ќе ја оставам засега настрана таа наша навика да се дистанцираме од она што се случува „надвор“ и да се бара да си го гледаме сопствениот двор. Но, во неа има и голема доза на вистина, тоа мора да се признае. Бидејќи народ кој не реагира на бројни скандали и настани (да набројам само неколку: „промена на името“, „модуларна болница“, „онкологија“,  „Кочани“, итн.), не можете да очекувате да реагира поинаку на глобални настани како оној во Газа или Украина. Докажано е дека луѓето, всушност, повеќе се потресуваат за крвави настани, чија жртва се славни личности. Анонимните остануваат статистика, за жал.

Туку, ајде да се вратиме дома. Во пресрет на уште едни локални избори (за еден месец од сега) мнозина ме прашуваат за мислење: кој ќе победи, кои теми ќе бидат доминантни, ќе има ли промени на подобро (или полошо)? Во еден таков разговор беше покренато прашањето за хигиената (или ако сакате заштитата на животната средина) во местата во кои живееме. Тукушто се потсмирија летните пожари, а прва тема на разговор се дивите (па и државните) депонии од кои се шири неподнослив смрад и чад кои го покриваат и главниот град Скопје, и многу други места. За премиерот Мицкоски тоа бил само „визуелен проблем“ и граѓаните не треба да се грижат за своето здравје. Но, визуелното допира и до другите сетила, и не е само мирисот туку и опасноста по здравјето на луѓето, особено на децата. Aдвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, исклучително паметна жена, (исто на пост на ФБ) напиша нешто што вреди да се промисли: „Не знам дали сите ќе си заминат или ќе си ги испратат децата во туѓина заради тоа што животот во државава е толку лош, ама сигурно знам дека ќе се случи тоа затоа што е понижувачки. Во секој сегмент. За секого. Бидејќи сите имаме очи, уши и бели дробови. Да се протестира за да биде татковината чиста е понижување. Нема повеќе да елаборирам. Во ЗЕЛС (Заедницата на единиците на локалната самоупрва) нека се договорат новите градоначалници дека ќе ги потрошат четирите години мандат САМО на чистење. Не мора други проекти, нема да замериме. Само на чистење и ќе бидеме задоволни.“

Помеѓу двата веќе цитирани ставови ќе трагам по коренот на проблемите. Да, мојата прва реакција е дека е срамота за сите нас да признаеме дека сме задоволни од нешто што е толку елементарно, како чистота и хигиена! На избори би очекувале посуштински работи околу кои би се натпреварувале политичките партии и нивните активисти. Нашиот (колективен) крик е: дајте исчистете веќе еднаш! И не нè понижувајте, бидејќи живееме како во кочина, а уште и нè лажете дека сета нечистотија и депониите се фатаморгана. Во апелот на мојот ФБ пријател (кој зборува дека „овде секој ден ни згаснуваат илјадници, полека, тивко, без наслови“) е содржана базичната дефиниција на структурното насилство според теоријата на Јохан Галтунг. Тоа е тоа насилство кое е тивко, вградено во структурите, законите и прописите (кои дозволуваат градежна мафија и нелегални градни на секој чекор), институциите, во нивното работење или неработење, во културата на неказнивост и нееднаквост, сиромаштијата, прераспределбата на јавните средства повеќе на луксузни возила за политичарите, а немање пожарникарни или амбулантни возила, и сл.

Се разбира дека локалните избори се прилика да се прашаме: каков живот живееме во нашите најмали заедници (општините)? И колку сме и самите соучесници во поддржувањето на структурното насилство? Ќе ви го опишам мојот вообичаен пат од домот (во населба која се смета дури и за „елитна“, во која никнаа американски и турски (скапи) училишта, но и голем број резиденцијални објекти во кои живеат и политичари). Чекориш по тесните тротоари, зошто возилата ги окупирале улиците. Одиш, ама со главата удоле да не згразиш измет од некое домашно милениче или од дивите орди на кучиња и мачки. Модерно е да те видат со скапо кученце, но нема навика да се собира зад него. Ниту казни за тоа или за фрлање смет од балкон или каде стасаш. Снобовите така функционираат! Тие се над законот и моралот. Дури и кога ним им смрди под носот. Во ваква атмосфера не изненадува што дури и дечкото од јавното претпријатие Комуналец, кој секое утро љубезно ме поздравува, обично си ги шета кантата и метлата, без воопшто да се зафати со чистење. Најсмешно е кога ќе ме начека како јас ја вршам неговата работа, го чистам тротоарот и дел од улицата пред мојот дом, додека тој фактички има утринска прошетка. Кантата за смет порано се празнеше двапати неделно, но сега е бинго ако воопшто поминат на десет дена (на температири од над 30 Ц).

Општата негрижа, запуштеност, апатија па и навикнатост да се живее во нечистотија е длабоко всадена и кај граѓаните. Онака како што не веруваме дека нешто од нас зависи, така и не чиниме ништо барем дворот да е среден. Сегашните гласни реакции се само поради неподносливоста на пожарите во две депонии, од кои едната е најголемата во државата. Речиси органски дел на градот… Нема да мине долго, а во есенските и зимските месеци, ќе добиваме инструкции да не дишеме, т.е. да не отвораме прозорци заради тоа што Скопје ќе биде на врвот на листата на најзагадени градови во светот.

Каде е решението? Тоа е прашање за милион долари, бидејќи станува збор за наталожена негрижа, беззаконие, апатија и прилагодување на нештата. Единствено што знам е дека решението не е само во персоналните промени (или пак задржување на „најдобрите градоначалници“) т.е. во изборите, туку во системот во кој профитот значи повеќе од човечките животи. Ние сме слика и прилика на капитализмот во запуштена европска периферија. Всушност, ние издвојуваме повеќе и за војни цели (бидејќи, нели, ние сме горди што сме НАТО), наместо градење хумана визија за хумани градови со зеленило, паркови, детски градинки и игралишта. Нехуманиот амбиент во кој тонеме, од нас прави нелуѓе. Тука Маркс би имал многу што да каже и за алиенацијата и за условите кои го обликуваат наѓиот социјален и политички живот.

Децата навистина заминуваат – обично во земји во кои се знае што е општа и јавна култура на простор. Овде, во Македонија, треба поинтензивно да мислиме и на условите во кои ние, старите ќе умираме. На политичарите им е лесно: живеат во вили покрај езеро или на планина или во хациенди оддалечени од вревата, прашината и сметот на населените места. Граѓаните ги среќаваат само пред избори, кога ветуваат европски бајки за мали деца и симфонии …

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ