понеделник, 5 јануари 2026
Алекандар Иванов

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Венецуела: Моргентау и Монро во новиот мултиполарен дизајн (33 дена до крајот на New START)

Во реалистичката логика на меѓународните односи, ресурсот и блискоста произведуваат стратешки притисок. Венецуела е пример како се чита „закана“ во сопствена хемисфера.

Тековните поместувања во меѓународниот поредок сè повеќе наликуваат на реставрација на сфери на влијание отколку на линеарен напредок кон „пост-геополитички“ свет. Во таква динамика, одделни држави стануваат диспропорционално важни не поради сопствената сила, туку поради позицијата, ресурсите и потенцијалот да отворат стратешки „прозорци“ за конкуренцијата. Во реалистичката логика на меѓународните односи, ресурсот и блискоста произведуваат стратешки притисок. Венецуела е пример како се чита „закана“ во сопствената хемисфера.

Тезата на овој текст е следна: Венецуела треба да се чита како стратешки случај во западната хемисфера, каде што географијата и ресурсот генерираат притисок, а перцепцијата за закана ја забрзува логиката на дисциплинирање.

Венецуела е пример како географијата и ресурсот можат да трансформираат една држава во стратешки фокус во период на мултиполарна транзиција. Ако динамиката на сфери на влијание продолжи, слични „трансакциски“ моменти ќе се појавуваат и на други театри. Клучната дилема останува: дали новиот поредок ќе се стабилизира преку правила и рамки, или преку ад-хок договори и притисок.

Симболиката на Енкориџ. Геополитички театар на Алјаска

Симболизмот во меѓународната политика ретко е случаен. Средбата во Енкориџ (Алјаска) послужи како сурова сценографија за премолчено возобновување на сферите на интерес. Изборот на територија која историски била предмет на „купопродажба“ меѓу големите сили, во комбинација со прелетот на стратешкиот бомбардер B-2 Spirit над главата на Путин (симболична порака за нуклеарна надмоќ), јасно стави до знаење: старите хегемони повторно ги цртаат линиите. Сепак, овојпат равенката е посложена заради Пекинг – играчот кој има потенцијал да ги засени обата претходни ривали.

Големата „трампа“: Дали Украина беше тргувана за Венецуела?

Додека јавноста е преoкупирана со идеалистичка реторика, суровиот реализам на Ханс Мергентау сугерира поинаква пресметка. Во неговата логика, три варијабли го диктираат движењето на моќта: Географија, Економија и Закана.

Проектот „Украина“ практично влезе во својата завршна фаза на 22 ноември со т.н. „Ултиматум за Денот на благодарноста“. Европа, во својот занес за „стратешка автономија“, болно се соочи со реалноста дека „тешката артилерија“ и стратешкото одвраќање сè уште се во ексклузивна сопственост на САД (Трагедијата на нарцисоидните народи: Како Европа ја изгуби иднината во Украина – МКД.МК).

Вашингтон, воден од нов прагматизам кој ги напушта рефлексите на Студената војна, сфати дека додека Црното Море останува зона на руска проекција на моќ, виталниот енергетски „двор“ на САД е во Карипското Море. Прашањето не е дали Венецуела беше дозволено да се развива, туку дали САД може да си дозволат воена и економска антитеза на сопствената јужна граница.

„Венецуела не е наивец“: Чавез, револуционерен дух и тајмингот на отпорот

Овде е важно да се пресече една честа заблуда: Венецуела во оваа приказна не е наивец. Не станува збор за „романтична“ држава што случајно се нашла во вкрстен оган, туку за држава што свесно се обиде да изгради автономија во туѓ двор. Пред околу дваесет години, Хуго Чавез, со својата харизма и оригинален „револуционерен дух“, типичен за Јужна Америка, ја артикулираше таа автономија како историска мисија. Во Латинска Америка, „револуционерниот дух“ не е каприц на една генерација, туку историска матрица што се влече од Симон Боливар, преку различни анти-империјални наративи, па сè до Че Гевара и Кастро. Во таа матрица, „одвојувањето од САД“ не се продава како прагматична тактика, туку како идентитетска и морална обврска.

Но што е разликата меѓу тогаш и сега? Разликата е во тајмингот и во „просторот за казна“. Тогаш САД беа во зенитот на својата моќ, со активни воени операции во централна Азија и Ирак. Тоа, парадоксално, ја намалуваше нивната слобода на дејствување во Карибите: не поради недостаток на сила, туку поради ризикот од губење на меѓународниот легитимитет. Во услови кога легитимитетот веќе беше нагризан од политиките на Чејни (можеби повеќе од Буш), директна интервенција во Венецуела ќе изгледаше како доказ дека „униполарниот момент“ се претвора во униполарна самоволност. САД тогаш не можеа лесно да си дозволат уште еден фронт што би ги консолидирал критичарите и би ја забрзал ерозијата на глобалната доверба.

Затоа, Венецуела тогаш доби простор да експериментира, да купува време и да игра на картата „внатрешна револуција + надворешна симболика“. Каракас свесно ја користеше моќта на наративот: анти-империјализам дома, регионална солидарност надвор, и потпирање на ресурсот како финансиска подлога за политички проект. Тоа не беше наивност, туку стратегија: да се трансформира политичката харизма во државна позиција, а државната позиција во простор за автономија.

Математика на интересот. Нафтата и доктрината на Монро

  1. Енергетскиот гигант. Со 303 милијарди барели докажани резерви на нафта, Венецуела е побогата со ресурси дури и од Саудиска Арабија.
  2. Логистичка предност. Венецуелската нафта е на само пет дена пловидба до американските рафинерии, што ја прави економски супериорна алтернатива на нафтата од Блискиот Исток.
  3. Реафирмација на Монро. Балансирањето против глобална сила не е само воздржаност, туку пркос кој мора да биде казнет за пример. Доктрината на Монро во 21 век значи дека САД нема да дозволат надворешен воен и економски балансер во својата непосредна близина.

Венецуела го разбира Монро, затоа и се обиде да се „осигура“.

Клучната поента е дека Каракас ја разбира логиката на Монро, и не ја игнорира. Токму затоа „одвојувањето“ од САД никогаш не беше само декларација; тоа мораше да биде поддржано со надворешни осигурувања. Оттаму и двојната формула: кинески капитал за финансиско дишење и руски челик за минимална одбранбена сигурност. Во реалистичка рамка, тоа е класично „балансирање со ограничени средства“: мала/средна сила бара покровителство од конкуренти на хегемонот за да си купи простор.

Но, истата таа формула има вграден парадокс. Колку повеќе Венецуела се осигурува преку надворешни сили, толку повеќе се засилува перцепцијата дека таа станува платформа за туѓо влијание во „непосредната близина“ на САД. Така, мерката за преживување се претвора во аргумент за притисок врз неа. Во овој механизам, „наивноста“ не е кај Каракас, туку во очекувањето дека големите ќе ја толерираат автономијата ако таа автономија почне да личи на преседан.

Кинескиот капитал и рускиот челик

По финансиската криза (2008–2012), НР Кина беше единствената сила со вишок ликвидност што го пополни вакумот во Каракас. Иако Пекинг ги користи механизмите на „либералниот институционализам“ (БРИКС, Шангајска организација), тие се само превез за реалната моќ.

Венецуела, и покрај стратешкото партнерство со Кина и воената опрема од Русија, не успеа да изгради автентична индустрија. Таа остана „бензинска станица“ која ја продава нафтата на другата страна од светот за да ги отплати долговите кон Пекинг, додека нејзиниот суверенитет е заглавен меѓу интересите на големите.

Кинеското незадоволство: „придонес без соодветен удел“

Тука вреди да се засили уште една линија што често се потценува: кинеското незадоволство не е каприц, туку системска последица на дисбаланс меѓу придонес и удел. Кина, особено по финансиската криза 2008–2012, во пракса функционираше како еден од главните „појаси за спасување“ на глобалната економија – преку ликвидност, кредити, трговска апсорпција и инфраструктурни пакети што ги држеа отворени артериите на растот во повеќе региони. Тој период ја зацврсти перцепцијата во Пекинг дека Кина не е само „корисник“ на поредокот, туку негов ко-одржувач.

Но, поредокот што го одржуваш, не ти гарантира дека ќе го управуваш. Тука лежи фрустрацијата: сегашната распределба на глобалната моќ (институционална, финансиска и безбедносна) во голема мера е наследена од пост-1945 архитектурата, а потоа од униполарниот момент. За Кина, тоа е „историска неправда“ во нова форма: имаш огромен економски придонес, но ограничен политички и безбедносен удел во поставувањето правила.

Затоа кинеските инструменти – од кредити до инфраструктура – не се „филантропија“, туку механизам за пре-распределба на влијание. Пекинг бара да го претвори економскиот капитал во геополитички капитал. Венецуела е дел од таа конверзија: ресурс + партнерство + финансиски механизми што создаваат долгорочна зависност и политички пристап. Кога ова се чита од Вашингтон, тоа не изгледа како економска соработка, туку како структурно позиционирање во американскиот „двор“. А кога се чита од Каракас, тоа е единствениот начин да се преживее под санкциски и политички притисок.

Тукидовата стапица. Трите стратешки „Стеги“

САД ги влечат потезите со цел да го спречат кинескиот подем преку три клучни стратегии за затворање на просторот:

  1. Островската стега. Контрола на првиот синџир острови (Тајван, Јапонија, Филипини) за да се оневозможи кинеска проекција во Пацификот.
  2. Евроазискиот клин. Со затворањето на соработката меѓу Русија и Европа преку украинскиот конфликт, САД го зацементираа своето влијание во Евроазија за 21 век.
  3. Теснецот Малака. САД со сојузниците (Австралија, Индија) ја задржуваат способноста да го прекинат снабдувањето на Кина со енергенси (Зошто Европа може да заврши како најубавиот музеј на светот – МКД.МК).

„Стегите“ и логиката на Карибите

Ако овие „стеги“ се читаат заедно, Карибите стануваат логична дополнителна линија: не како главен фронт, туку како „заден двор“ што мора да биде стерилизиран од конкуренција. Во услови на системски натпревар со Кина, „малите театри“ стануваат тестови за кредибилитетот на големите. Ако дозволиш преседан во сопствениот двор, тешко можеш да аргументираш строгост во далечните театри. Затоа Венецуела има улога на сигнал: дали хегемонот уште има капацитет да ја одржи зоната на примарно влијание, или започнува „пропуштање“ кое ќе ја храни перцепцијата дека мултиполарноста е веќе фактичка реалност.

Поука за малите: Моќта на паметната тишина

За државите кои се приклучуваат кон големите системи (како нашата), лекцијата е јасна: во светот на реализмот, вредиш само колку што имаш ресурси и потенцијал.

Паметно балансирање. Малите држави мора да ги користат аргументите на либерализмот (меѓународно право, институции) за своја заштита, но пожелно е да не бидат најгласни – не мора на пример да бидеме една од неколкуте кои гласаат против UNRWA и против укинување на економското ембарго на Куба.

Замката на гласното навивање. Погласното навивање за „силата на која си се приклучил“ не носи подобра позиција, туку само ве изложува на поголем ризик при следните големи „трансакции“.

Лекцијата од Венецуела: наративот не е доволен без структура

Венецуела е учебникарски пример дека наративот (харизма, револуционерен дух, историска мисија) може да мобилизира маси, но не може да ја замени структурната моќ. Ниту една држава не преживува само на симболика ако ѝ недостасуваат: диверзифицирана економија, институционална дисциплина, и капацитет за долгорочно одржување на политиките. Во спротивно, ресурсот (нафтата) станува благослов што се претвора во проклетство: ги храни краткорочните политики, а ја суши индустриската автономија. И кога ќе дојдат санкции и притисоци, државата станува заложник на сопствената монокултура.

Заклучок: 33 дена до неизвесноста

Идеалистите ќе останат со горчливо чувство дека Украина беше тргувана за Венецуела, исто како што Либија беше тргувана за Ирак. Но, ова е природата на глобалното преструктурирање. Последниот важечки договор за ограничување на стратешкото вооружување (New START) важи уште точно 33 дена (до 4 февруари).

Да се надеваме дека на обновата на овој договор ќе ја видиме и Кина, а Европа конечно ќе се избори за место на „високата маса“. Сите други потези се само секундарна партија шах во игра каде влогот е самиот светски поредок.

Кина и договорите за стратешки ограничувања: „големите“ сакаат трет играч на маса

Оваа „33-дена“ рамка не е само драматуршки ефект, туку суштинска порака: распаѓањето на архитектурата за стратешко ограничување ја зголемува веројатноста конфликтите да се решаваат преку притисок, ескалација и демонстрација на сила. И токму затоа, и Русија и САД – од различни причини – би сакале да ја видат Кина вклучена во следните договори за стратешки ограничувања на оружјата за масовно уништување и во други меѓународни рамки за вооружување.

Од американска перспектива, без Кина, договорите изгледаат како билатерално самоограничување во време кога третиот играч расте без преседан. Од руска перспектива, без Кина, Москва ризикува да остане во договорни рамки што ја лимитираат, додека Пекинг не е врзан со ист степен на ограничувања. Оттаму доаѓа ретката точка на преклоп: и Вашингтон и Москва имаат интерес Пекинг да стане дел од „масата“ – не затоа што му веруваат, туку затоа што без него нема нова стабилност.

И тука се враќаме на Венецуела: кога на глобално ниво рамките за ограничување се распаѓаат и останува само еден последен столб, секој регионален потег добива поголема тежина. Карибите, Украина, Пацификот – сè станува меѓусебно поврзано. Ако New START е последниот важечки договор, тогаш секоја криза што се случува „33 дена пред истекот“ се чита како порака за тоа како ќе изгледа светот потоа. Во таков свет, интервенциите (или заканите од интервенции) престануваат да бидат исклучок и стануваат метод.

Проф.д-р Александар Иванов

(При подготовката на овој текст е користена вештачка интелигенција за структурна оптимизација и визуелизација на сликите по целосно упатства од авторот. Авторот ја задржува целосната одговорност за сите изнесени ставови, заклучоци и финалната верзија на текстот.)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Ааерозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

Мухамед Халили

Vox populi, vox dei. Гласот на народот, глас на Господ!

Билјана Ванковска

Бeз илузии во новата година. Venceremos!

Ристо Цицонков

Аeрозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

Алекандар Иванов

Македонија АД: Земја каде граѓаните станаа „несакан трошок“

Љубомир Николовски

Кошаркарска симфонија во „забавена снимка“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ