понеделник, 8 декември 2025
Ѓoрѓи Илиевски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Уставните кумови

По „Мисија Стразбур“, приказната продолжува. Само што сцената не е повеќе на факултетот, туку во највисокиот суд. И повторно, истите актери, само костимите се менуваат. Така настана „Уставните кумови“ – драма во која правото се претвора во семеен занает, а совеста во административен документ.

Во оваа земја секој што држи функција си мисли дека држи и вистина. Законот се толкува според потреба, а моралот според друштво. Така на сцената се појави Господинот од судот, човек со државен тон и уставен мир. Кога ќе го прашаш дали има судир на интереси, ќе ти каже: „Не, тоа е само случајност“. Случајност што трае со години. Случајност што секогаш му оди во прилог. Тој зборува за етика со насмевка, како да зборува за хоби. И верува дека чесноста е личен избор, не јавна обврска.
Сè што прави е законски, сè што му одговара – морално. И со тоа ја претвори правдата во најбезбедна професија на светот: секогаш да си во право, дури и кога сите знаат дека не си.

Претседателот на највисокиот суд, човек што некогаш служел во претседателски кабинет, денес со спокојност објаснува што е судир на интереси. Практично, токму таму ја гради својата кариера. Според неговата логика, тоа што негов ментор за магистерски и докторски студии бил актуелен декан на Правниот факултет за кого сега тој, како претседател на комисија за селекција на кандидати за меѓународен суд, одлучува е сосема нормално.

Во неговиот речник, блискоста не е судир, туку „професионален континуитет“.
Тој уверува дека имало комисии, совети, процедури како да тоа ја чисти суштината.
Но факт е дека менторот и студентот не се непознати луѓе. Тие со години соработуваат, комуницираат, се потпишуваат еден под друг на официјални документи.
Во нормална демократска држава, секој член на комисија со таква врска би се изземал од постапката. Кај нас, пак, тоа се смета за „институционална зрелост“.

Ние, граѓаните, гледаме и се чудиме на оваа леснотија со која совеста се претвора во процедура. Демократските вредности се нежни како цветови, а секој граѓанин е должен да ги штити – особено кога судиите ги газат со насмевка.

Во јавноста кружат информации дека некои високи судски функционери покажуваат интерес да добијат наставно-научни звања – професори, доценти, едукатори.
Зарем малку им е платата како судии? Малку ли се привилегиите?
Цел живот на државен буџет, од еден кабинет во друг, а сè уште бараат уште една титула повеќе.

Се чини дека желбата за статус нема граници – само нови катедри за покривање.

Не е тајна дека и сопругите на дел од тие функционери се активни во судството и академијата. Некои докторирале на истиот факултет, па подоцна биле избрани и за универзитетски наставници. Формално – сè е законски. Но суштински, тоа покажува дека кариерата одамна не е резултат на труд, туку на семејна стратегија.

Очекувано, ваквите брачни парови често се појавуваат на факултетите во дует – како музички бардови што пеат исти рефрени во различни тоналитети.
Слободно, нека си одат во пакет законски уредено, морално под знак прашалник.

Од другата страна стои Госпоѓата од академијата. Тивка, прецизна, секогаш присутна на вистинското место кога треба нешто да се напише, дообјасни или протолкува. Нејзиното влијание не се гледа, ама го чувствуваш, како струја во воздухот. Таа пишува закони, толкува прописи, составува комисии и советува судии. И никогаш не се меша. Само се појавува таму каде што некој треба да „разјасни“. Таа е симбол на оној тип интелектуалец што секогаш знае што е најдобро за сите освен кога станува збор за неа самата. Совршено ја владее уметноста интересот да го претстави како знаење, а личниот избор  како јавна корист. И државата тоа го наградува: со функции, титули и неколку дополнителни членства во комисија. Уставна судијка со академска кариера, која подеднакво сигурно се движи и низ политичките води.
Нејзиното име често се поврзува со јавни средби со поранешни политички фигури и актуелни функционери – слики од ручеци, средби и неформални консултации во елитни ресторани. Се разбира, сè е законски и „во рамки на службени контакти“.

Но јавноста со право прашува: како е можно истата личност да се појавува и како судија, и како професор, и како едукатор во професионални комори, па дури и како член на работна група за измени на закон? Како е можно еден човек да има толку улоги  и ниедна да не се смета за судир на интереси? Особено што станува збор за ангажмани каде што се прима надомест од државни или полудржавни институции. Јавноста заслужува да знае колку средства се исплатени и по кој основ. Зашто во систем каде што сè што е „законски“ веднаш станува и „морално“, вистинското прашање не е дали има судир на интереси, туку колку уште вакви судири ќе се сметаат за нормални.

Во Уставниот суд, очигледно, ова не се нарекува судир. Таму, кога интересите се совпаѓаат, тоа се нарекува „професионална хармонија“. И додека во секоја демократска држава ваквите состојби би предизвикале истрага, кај нас тие предизвикуваат уште една честитка за успешна кариера.

Во оваа врска меѓу судството и универзитетот, веќе не се знае кој кого учи.
Судиите држат предавања, професорите судат, а студентите учат дека успехот не е во знаењето, туку во блискоста. Катедрите станаа семејни фирми, комисиите – место за вработување пријатели, а законот – добар советник за сите што имаат врски. Системот стана толку совршен што повеќе нема судири. Само хармонија на интереси.

И кога ќе слушнеш зборови како „интегритет“ и „транспарентност“, знаеш дека почнува нова епизода на старата серија. Во неа, никој не е виновен, сите се професионалци. Едните ги пишуваат правилата, другите ги применуваат, и сите си честитаат за „успешната работа“.

А народот? Тој гледа. И се навикнува. Се навикнува на нелогичното, на неправедното, на тоа дека сè може ако си „нивни“. Се навикнува дека правдата не е вредност, туку услуга.

„Мисија Стразбур“ ни покажа како амбицијата може да ја изеде академијата.
„Уставните кумови“ ни покажуваат како истите тие луѓе ја јадат државата полека, со манири. И додека тие зборуваат за европски стандарди, ние живееме во домашен апсурд. Ова повеќе не е трагедија. Ова е комедија на разумот, каде што најпаметните молчат, најгласните владеат, а најчесните си заминуваат.

Во земја каде што интересот се облекува во тога, а совеста во универзитетска мантија,
разумот уште шепоти од последниот ред: „Овде институциите не се огледало на народот,
туку народот е казнет да се огледува во нив.“

Тука не се суди според вистината, туку според положбата. Не се мери чесноста, туку титулата. Законот се толкува според потребата, а моралот според друштвото на масата.

И додека совеста молчи, интересот зборува гласно со микрофон, печат и службен автомобил. Правдата станува костим за јавни настапи, а знаењето  билет за влез во клубот на недопирливите.

Затоа, ако некој во овие редови го препознае Дарко Костадиновски, претседателот на Уставниот суд, или Ана Данева Павловска, уставна судијка и професорка, нека знае дека секоја сличност можеби е случајна, а можеби случајноста само добро си ја завршила работата. Зашто кога тишината станува аргумент,
јавноста останува единствениот судија.

Ѓорѓи Илиевски,

виш просветен инспектор во пензија

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ