Дали Виктор ќе биде викториус (победник) или неговиот многу помлад противник Маѓар (што во локалниот јазик значи Унгарец) ќе стане нов национален лидер? Исклучителното меѓународно внимание што го добиваат овие избори во една навидум незначајна и мала европска земја се должи повеќе на надворешни (геополитички и геоекономски) причини, отколку на демократските (Орбан е одамна оцрнет како краен десничар и диктатор). Унгарските избори би требале да бидат „празникот на демократијата“ кога се слуша гласот на унгарскиот граѓанин и се почитува неговата волја. Истражувањата на јавното мислење и анализите на познавачите покажуваат дека додека странците ја гледаат Унгарија како бојно поле во веќе распуканиот трансатлантски (и европски) блок, за тамошните граѓани надворешната политика нема поголемо значење. Она што нив ги мачи (впрочем исто како и граѓаните на многу други земји) е домашната благосостојба, односно нејзиното слабеење, падот на стандардот, растот на несигурноста во нестабилен свет, миграциите, корупцијата… – со обични зборови, личниот стандард.
За почеток, ние надворешните посматрачи, сме соочени со уште еден пример на внатрешна фрактура на Западот. Орбан (заедно со серија други европски лидери) сака да биде копија на Трамп и настапува како вистински „strongman“, популист и суверенист. Понекогаш тој успева да заведе со аурата на „дисидент“ и „миротворец“, т.е. лидер (меѓу ретките) кој се спротивставува на бриселските мандарини во однос на ескалацијата на украинската војна. Од друга страна, тој е добар пријател на Нетанјаху (уште од времето на онаа брутална акција со пејџерите во Либан, кој и денес крвави), а истовремено и член на трамповиот Борд за мир. За него дури може да се каже дека е и умешен политичар од светски калибар затоа што вешто економски балансира меѓу незападните сили и успева да води економска дипломатија во национален интерес. Но, кога си на власт 16 години и ги држиш полугите на власта, не е чудо и кога лидерот ќе „забега“ кон уверување дека е семоќен и ќе се оддалечи сосема од она што го ветува на народот и на своите блиски клиенти во разни институции.
За Орбан може да се зборува многу повеќе од ова: но накусо, барем судено според искуството на многу земји со долгогодишни устоличени владетели, времето за промена е добра вест. Многу попроблематично е второто прашање: промена или замена? Кој е наследникот и што е неговата визија и програма за земјата. Според она што засега го знаеме за младиот Маѓар (ако ја изземеме неговата енергија, харизма и моќта да обедини опозициски блок и така да го намали степенот на плурализам и битката да ја претвори во судир на два блока) можеме само да потврдиме дека е тој продукт на Фидес, партиско чедо на орбановото јато кое се оддалечува и решава да застане на чело на државата. Неговата идеолошка одредница најчесно се очитува преку паролата „ниту лево, ниту десно – само Унгарија“. Значи, целосна маргинализација на идеолошкото, а нагласување на националното. Слична парола на онаа на Обран кој смета дека неговата Фидес е всушност еквивалент за Унгарија. А двете пароли потсетуваат на крајно десничарската партија Јобик. Накусо, двајцата соперници за власта се борат за националното и конзервативното, а се разликуваат само во нијанси. Затоа, Маѓар за главна ударна тупаница ја зема битката против корупцијата, но и испрати јасни сигнали дека ќе биде многу послушен играч во ЕУ и НАТО. Веројатно со надеж дека Унгарија нема да биде под санкции, туку ќе почне да добива повеќе од фондовите кои сега се неретко затворени за недоверливиот и непослушен Орбан. Како „математиката“ на Маѓар ќе се вклопи во истовременото очекување прилив на пари и развој на економијата, при деиндустријализација на Европа, одлив за воени цели и учество во украинската војна или обнова, тоа останува нејасно.
Всушност, познавачите на унгарскиот изборен систем веќе зборуваат за четири можни сценарија на завршување на изборниот ден – бидејќи располагањето со моќта зависи од мозаикот скроен и преточен во законски норми. Маѓар може да биде победник без моќ, или обратно. Можна е и „бугарска ситуација“ на длабоко поларизирано општество кое долго време ќе се исцрпува во „егзистенцијална битка“. Останува да се види како ќе решат унгарските граѓани. А во електоратот постои оној познат феномен на „тивко мнозинство“ кое не се изјаснува на испитувањата на јавното мислење и во последен миг ќе реши дали и за кого ќе гласа – и така ќе претставува јазиче на вагата.
Она што малкумина го забележуваат е и стеснатата или речиси непостоечка плурална (повеќепартиска) сцена. Додека експерти расправаат за тоа дали изборите се демократски и/или фер, или ниту едното ниту другото, малкумина ја забележуваат сликата на т.н. „земја без левица“ – на англиски left-less country. Иако, лично сум многу прецизна кога зборувам за левица (и во тој блок не ја ни вклучувам социјалдемократската и либералната варијанта), овде битката се води меѓу двајца популисти, националисти и конзервативци – и уште само една мала партија на крајната десница која ќе се надева на трошките од масата во случај на коалициски преговори (Mi Hazank).
Унгарската Социјалистичка партија се откажа од изборната трка, а лево-либералната Демократска коалиција тешко дека ќе го достигне изборниот праг од 5 отсто за да влезе во Парламентот.
Разликата меѓу главните актери е во годините и во нијансите, а не во стратешкото политичко или идеолошко разликување. Унгарија ќе остане паричка за поткусурување, а опозиција ќе глумат губитниците на изборите, а не сили кои би настапиле со поинакви идеолошки и политички позиции. Делумно поради историски причини (и компромитацијата на старата левица – од која патем израсна и Орбан), а делумно поради свесното заграбување на демократскиот простор, во Унгарија нема да се смени речиси ништо без оглед на изборите. Изборите немаат никаква смисла – освен можеби за геополитичките (надворешни) актери.
Феноменот на земји без левица станува загрижувачки, и е особено присутен кај државите кои излегоа од зад „железната завеса“ со омраза и презир кон сѐ што наликува на социјализам или комунизам. Такви се и Словачка, Чешка, Полска (во многу други европски земји има леви сили кои намерно се етикетираат како „крајна десница“ само за да се компромитираат или да се направи конфузија со растечката вистинска радикална десница). Чешка отиде најдалеку со забрана на секаква крајна левичарска организација или дури и користење на комунистичките симболи, изедначувајќи ги со нацизмот. Оваа ситуација не е нова, но се заострува во свет кој се тетерави на работ на амбисот каде што вистинската левица навистина мора да покаже храброст во заземање став на отворена поддршка кон оние кои не му се поклонуваат ниту на Брисел ниту на Вашингтон, па ни на некој трет. Унгарија е пример на земја во која демократските избори се фарса без алтернатива. Маѓар се надева на пари од Брисел, како и сите други – иако знае дека Европа тргнала кон ReArm програма на јакнење на воениот сектор, воведување воена обврска, пренамена на фабриките за воено производство итн. Ние во нашите балкански јазици одамна сме ја совладале таа мудрост преку изреката дека изборите се „сјаши Мурто, да узјаше Курто“ – замена, а не промена. Во еден стар стрип од мојата младост имаше приказна за султанот и калифот, и оној кој постојано се гневеше „сакам да бидам калиф наместо калифот“. Толку ќе донесат и овие избори. Западот ќе остане поделен и без непослушниот Орбан, но и зависен дури и ако по некое чудо се ослободиме од Трамп. Проблемот е во системот, глупчо! Тој не дозволува промени, само замени и тоа козметички.
Билјана Ванковска












