понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Уметноста на неуспехот

Во НБА кошарката, како и во другите профи спортови во САД, успехот се мери со шампионски трофеи, банери и прстени. Шампионите привлекуваат спонзорства, медиумски интерес и остануваат запишани во спортските алманаси како најдобри во сезоната или во одреден подолг период.

Но, зад парадите низ главните улици пред навивачите и фото сесиите со пехарот и шампионските прстени, постои една вистина што играчите, тренерите и менаџерите ја знаат подобро од кој било друг. А таа вели дека неуспесите се база и неспорна фаза на секој пат до врвот. Колку и да е болен, брутален или непростлив, поразот е  најголемиот учител во спортот.

Во НБА губењето не е исклучок туку правило.
Секој тим игра 82 натпревари пред да започне плејофот. Од 30-те, кои ја започнуваат трката, играчите на само еден од нив ја завршуваат сезоната среќни. Останатите 29, разочарани или мотивирани, депресивни или оптимистични, влегуваат во меѓусезоната со куп прашања. А основното е како да им се скине скалпот на оние што стигнале до врвот. Токму низ поразите од претходната сезона, или претходните сезони, се бараат вистинските одговори.

Анализата на тој дел од нивната игра е клучот за подобрување и подготовка за настапите низ следното првенство.

Бројките секогаш ја говорат вистината, а нивната анализа во однос на поразите покажуваат дека во НБА најчесто се работи за нијанси. Во последната деценија просечната маргина на победа во сите одиграни натпревари е 11,4 поени. Тоа значи дека просечната разлика помеѓу победничкиот и поразениот тим изнесувала само еден нереализиран напад, или една промашена тројка по четвртина. Речиси 35% од натпреварите се решаваат со разлика од 5 поени или помалку. Еден просечен НБА тим губи околу 40% од своите натпревари.

Дури и тимови што се пласирале во плејофот. Секој шампионски тим е искован преку порази, а учењето од нив е клучно на патот по својот трофеј.

Голден Стејт Вориорс и Стивен Кари

Династијата на Голден Стејт е изградена врз неуспеси што никој не ги спомнува и памети. Пред Стивен Кари да го промени стилот на кошарката, три години плејофот го следеше од својата домашна фотелја. Клеј Томсон пак, во својата прва НБА сезона во просек на секоја една победа доживуваше по два пораза.
Својот прв настап во плејофот со Кари во тимот, во 2013-та, Голден Стејт го заврши во второто коло со елиминација од Сан Антонио, а следната 2014-та загубија во првата рунда од Клиперси.
„Династијата на воините“ во основа беше едно бавно созревање преку порази и адаптација преку преобликување и дополнување на тимот. Поразот од Клиперси го натера менаџерскиот тим да го отпушти тренерот Марк Џексон и да го ангажира Стив Кер кој, на база на потенцијалот и индивидуалните можности на играчите, ја примени револуционерната стратегија „three points run & gun“ што ќе ја редефинира кошарката. По таа шампионска 2025-та, следеа уште три титули: 2017, 2018 и 2022. Без искуството на неуспехот, со делумно успешни резултати, секако немаше да се бара начин како да се склопат коцките во една вистинска НБА династија.

Чикаго Булс и Мајкл Џордан

Ако се вратиме малку назад, во 90-тите, ќе ја видиме истата приказна и со можеби најдоминантната генерација кошаркари на Чикаго Булс, предводена од најголемиот – Мајкл Џордан. Митологијата за него започнува со првиот трилинг шампионски титули, 1991-93. Но, одлучувачка фаза во неговата кариера и патот до трилингот, се случи малку порано. Од 1988 до 1990 дечките од Детриот Пистонс беа отров за Чикаго Булс. „Bad Boys-и“ им ја земаа мерката во плејофот три години по ред. Секоја серија откриваше нови недостатоци на тимот предводен од едногласно најдобриот кошаркар во НБА. Во првата на Булси им фалеше физичка цврстина. Беа буквално натепани и победија во само еден натпревар. Во втората, Чак Дејли им ги прочита офанзивните акции, но Чикаго оствари една победа повеќе. Во третиот плејоф судир, првата петорка на Булси немаше доволно помош од клупата, а сепак победи во три натпревари. Секоја година – нова лекција и секоја следна година Џордан и тимот правеа по еден чекор напред. Кога конечно Чикаго го победи Детроит во 1991 година, тоа го сторија со чисти 4:0 – без пораз. Во финалето против Лејкерси загубија само еден натпревар. На пресот по Финалето Џордан даде легендарна изјава: „Не можете да победите додека не научите зошто губите.“ Таа реченица стана мото на секој нареден НБА шампион.

Милвоки Бакс и Јанис Адетокумбо
По шокантното испаѓање во првото коло од плејофот во 2023 година, Јанис Адетокумбо на прес конференција јасно ја изрази својата филозофија во однос на поразите: „Оваа не е неуспех, туку само чекор кон следен успех.“

Статистички, тој е во право. Пред да го освојат шампионатот во 2021 година, Милвоки Бакс со Адетокумбо, кој од доаѓањето во 2013-та стана лидер и заштитно лице на тимот, 4 пати беа елиминирани уште во првото коло од плејофот и по еднаш во конференциското полуфинале и финале. Сите овие порази доведоа дури и до сомнежи во шампионскиот потенцијал на Гркот.
Но, секој неуспех доведе до тактички прилагодувања. По елиминацијата од Мајами во 2019-та, го доведоа Џру Холидеј, претходно избран во најдобрата дефанзивна петорка на лигата, стигна и Боби Портис како слободен играч, а Јанис цела меѓусезона работеше на својот дриблинг, посебно ролингот и шутот. Во следниот плејоф тоа резултираше со негов просек од преку 30 поени по натпревар и прва титула на Милвоки Бакс во ерата на Јанис.

Му требаа цели 8 НБА сезони да ја оствари целта. Нивната шампионска титула во 2021 година не беше скок, туку врв на скалилото од кое секоја скала е сезона на порази и учење од нив.
Џејсон Тејтум, Џејлен Браун и Бостон Селтикс
Ниту еден пар млади ѕвезди не се соочил со толку разочарувања на чекор или два до титулата како Браун и Тејтум. Од 2017-та кога овој тандем дебитираше во дресот на Селтикс, до освојувањето на првата НБА титула во 2024-та, пет пати играше во Финале, четири пати на источната конференција и еднаш во големото финале во кое загуби од Голден Стејт. Конечно во 2024-та, поучени од сите претходни лекции, пред сѐ од Кливленд и од Мајами предводени од ЛеБрон Џејмс, најдоа начин да ги пополнат слабите точки со доведување на Кристапс Порзингис и Џру Холидеј и со нов татктички пристап кон натпреварите.  Тренерот Џо Мазула, постави физички поцврста дефанзивена игра со многу тактички лични грешки и многу повеќе обиди за тројки во нападот. Оваа играчка и тактичка адаптација врз основа на анализите на претходните порази и елиминации, беше фактор што придонесе за нивниот шампионски успех.

Психологија на поразот
Спортските психолози кои работат со НБА тимови велат дека поразот подобрува три работи во тимот. Пред сѐ создава когнитивна флексибилност на начин што ги принудува играчите да имаат интелектуално подлабок пристап кон клучните натпревари и тоа не само со поголем фокус на тренерската тактика, туку и на индивидуалните решенија на проблемите во текот на играта. Потоа, поразот ги принудува играчите да се справат со јавните критики во медиумите што кај нив гради отпорност како една од клучните карактеристики на најдобрите кошаркари. Поразот исто така, со правилно третирање од страна на тренерот, во многу ја подобрува кохезијата на тимот. Споделените неволји ја продлабочуваат довербата многу повеќе од споделените победи. Позната е изјавата на Грег Поповиќ, легендарниот тренер на Сан Антонио кој изјави дека тимовите составени од ветерани во плејофот секогаш се фаворити против младите екипи од причина што зад себе имаат повеќе порази.

Секако, губењето може да има и девастирачки карактер на тимовите и кариерите. Многу талентирани играчи се распаѓаат под притисок од барањата на тимот или од јавните критики. Депресијата, анксиозноста и согорувањето се реални проблеми. Скоро сите клубови сега имаат тимови за поддршка на менталното здравје на кошаркарите. Психолозите, според последните одлуки на НБА, се задолжителен дел на секој клуб од лигата.
Неуспехот е учител само кога играчите ќе најдат начин и мотив да учат од него.

Најтешката лекција во НБА
Во трката по титули и успех, неуспехот не е заобиколен пат. Тој е патот.
Шампионите не се дефинирани според нивните победи, туку според нивниот одговор на поразот  и тоа како го анализираат и како се адаптираат на него.
За секој тим, НБА сезоната е долг, тежок пат исполнет со прилагодување, со исправка на сопствените несовршености и наметнување на својата игра на противникот. Секоја загубена топка, секоја пропуштена ротација, секој скок, секое изгубено водство станува дел од податоци за анализа која ќе отвори пат до конечен успех. Тимовите што напредуваат се оние кои го третираат поразот не како разочарување, туку како информација.
Повторно ќе се потсетиме на зборовите на Јанис: „Нема неуспех. Постојат само чекори кон следен успех.“ Со други зборови, во лига која не признава ништо освен успех, најуспешни се тимовите кои сфаќаат дека уметноста на учењето од неуспехот е основа на секој триумф.

Љубомир Николовски

 

 

 

 

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ