сабота, 6 декември 2025
Братислав Димитров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Животни приказни

Трчај Аце, трчај!

Баба ми беше во право. Не е лесно да си жив. Сечам нокти и се тешам дека не сум стоногалка. Патем донесувам заклучоци и ниту еден не ме бендисува. Убаво напиша еден колега паталец: „Заклучокот е местото на кое сме се умориле од размислувањето“.

А јас се уморив и од местото. Уморен сум, ама со стил. Гледам во далечина и ништо не правам. Сите мислат дека сум филозоф. А јас сум само  еден осамен човек што заспива уште пред да се договори со перницата. Бадијала се будам. Не ја разбирам сегашноста, а иднината не ме разбира мене. И пошто не можам да поднесам толку многу недоразбирања на едно место, се враќам во минатото, како во стари разгазени и удобни кондури.

Во минатото имаше една убава и здрава навика. Редовно испраќање пакети, писма, дописници, честитики и разгледници. „Поздрав са лепог Јадрана” „Нишка бања…” „Берово бај најт”. „Еве добив малку слободно време и решив да ти се јавам и да ти кажам дека си добро, кое и на себе си го посакувам…” „Овде времето врне, а таму како е?“ „Абе напишете еднаш како сте вие, да не нагаѓаме цело време!“ „Тука храната е супер, има и репете ама многу ѝ бутаат бром. Така заштедуваме пари на локалните курви кои гравитираат околу нашиот ‘стратешки објекат’, односно касарна.“ „Што да ви кажам друго? Жолта дуња-зелен бор, брзо чекам одговор!”

Со часови чекавме во долгиот ред пред телефонска говорница, само за да се слушнеме со нашите роднини и пријатели бидејќи тогаш ги имавме, а мобилни телефони немавме. Тогаш имавме историја со херои за неколку континенти и пак да ни останат за фудбал и резервна клупа. На школо јас бев најдобар по предметот „ужинка“ иако имав голема конкуренција. Но сите заедно, најмногу го сакавме предметот „настава во природа“. И наместо восхитено да гледаме во споменикот на незнајниот јунак или во могилата на непобедените, ние лепевме ококорени очи на рељефните делови на девојчињата. Таа наша навика предизвика реформи во тогашното школство: Наставниците го зачестија тегнењето на нашите клемпави уши и кубењето коса во нивната близина. Со денови и ноќи „бубавме“ на цел глас, ама никако да ја сфатиме таа пуста, да му се сневиди историја: „Пред војната немавме ништо, а после дојдоа Германиците и разрушија сѐ!“

Како и да е, што и да е, во тоа време најмасовна и најпопуларна комуникација  беше традицијата „писмо до непознато другарче”. Пишуваш град, училиште, одделение и број во дневникот. Еден ден, домарот Цоци на големиот одмор ми врачи писмо со ваква адреса: „Писмо до непознато другарче во основното училиште ‘Владо Тасевски’ во Скопје, од трето-А оделение под реден број 7”. Тоа непознато другарче сум јас. Седнувам и почнувам да пишувам одговор.

„Здраво Аце, овде по цел ден шутираме фудбал, играме шах, жмурка, разменуваме дупликати од сликички на фудбалери, глумици и глумци, играме не лути се човече. Поголемите играат долга магарица, фанта и олди на Вардар. Во недела одиме во зоолошката градина да им се смееме на мајмуните и да се чудиме како изгледаат зебра, жирафа и слон, башка нилски коњ! А навечер се знае. Цело семејство на кебапчиња и музика во „Кермес“. Аце веднаш ми одговори. Покрај другото, со големи букви ми напиша дека никогаш не бил во зоолошка градина!? Брзо се договоривме.

Беше 22 Жетвар (јуни) 1962 година. Јас и тато стоиме на перонот на железничката станица. Штотуку пристигна возот. Од вагонот двајца луѓе изнесоа инвалидска количка на перонот. Во неа седеше Аце и радосно се смееше, држејќи во рачињата две кутии со крушевски локум и пуслици. Сите максимално се трудевме да бидеме добри домаќини. И Аце беше добар гостин. Под услов да не му се лутиме дека нѐ тепаше во шах, не лути се човече и погодување на гатанки. Ги знаеше сите главни градови и претседатели во светот. Стихотворби, особено. Секој ден одевме во зоолошката градина и ги храневме животните, затоа што тогаш не беа кандидати за Европската Унија и тоа не беше забрането. Една ѕвездена вечер, Аце нѝ ја кажа својата најголема желба: „Најповеќе од сѐ сакам фудбал! Еден ден кога ќе се затрчам…”

Ја буткаме инвалидската количка. На железничка станица сме. Го испраќаме Аце дома. Возот тргнува и од купето се слушна неговиот глас: „Држи!” Една гланц нова кожена топка „буба-мара” излета низ прозорецот и долго време тапкаше пред нашите нозе… И додека возот со Аце се губеше во зениците на бескрајниот хоризонт, јас силно се извикав: „Трчај Аце, трчај!“ Четири солзи, тато и јас, се влечкавме накај дома, а нозете ни се враќаа назад. Зад нас остана празниот перон и ехото на последните зборови…

Уште пред илјадници години, во пауза помеѓу две класични војни, џукелите смислиле олимписки игри за да не им биде досадно. За да го задоволат своето его, чалам и профит, особено профит. Спортот не обединува никого и ништо. Напротив. Раскарува навивачи и учесници. Заради фудбалски натпревар, 1970 година Хондурас и Салвадор водеа петдневна војна во која загинаа 5.000 цивили! И додека милиони умираат од глад во светот, фанатици што маваат топче со рекет преку мрежа пливаат во безобразен раскош. Две фудбалски нозе чинат повеќе од две генијални глави!

Многу години подоцна, во 2004 година, нашиот Аце тргна на пат долг 704 километри. Сам со своите две раце, во инвалидската количка. Кога стигна на отворањето на олимписките игри, „домаќините” за него не најдоа место на трибините. Пораката од инвалидската количка беше едноставна. Никогаш да не се заборава на духот. Затоа не го пуштија на стадионот. Им ја расипа концепцијата. Тие што постојано се клукаат со допинг само за да можат што подалеку да го фрлат она посрано ѓуле, да испливаат некоја стотинка побрзо или да се чепатат по оние греди и „карики”, длабоко во себе го презираат човекот во инвалидската количка. Тие се програмирани да покажат „чувства” само кога ќе ги наредат своите сурати под своите знамиња, со своите медаљи околу своите набилдани вратови, додека ја мрморат својата национална химна.

Во еден миг, Аце се врати во своето детство како во нежна мајчина прегратка. Како шимшир порти се отворија неговите очи и тој се загледа во тоа чудо. На кристалното небо, како воздишка од гугутка едно ветре си игра одбојка со неколку облачиња. Јато пеперутки се тркаат која прва ќе стигне до својата сликовница. Еден славеј, штотуку излезен од народната поезија, фрла во далечина гласови извезени со златна срма. Јато чучулиги треперат како срце на срна во уметничка гимнастика. Во натпреварот искачување, Емануел Кант прв стигна до својата етичка вертикала.

Аце ја напушти олимпијадата „леб и игри“. Во една продавница купи играчки за своето внуче Александар и се врати дома.

Братислав Димитров

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

Димитар Љоровски Вамваковски

Костурчанецот што ги збуни и Атина и Софија: Анастас Јанков, Македонец...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ